March 28, 2024, 10:03 am

КОЛУМНА НА СТЕВЧО ЈАКИМОВСКИ: Преваранти

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Кај нас во село пред 100-тина години некој сиромав човек имал малку земја не можел да има ѕевгар (пар волови). Имал само еден вол. За да може да ги ора нивите му требало уште еден. Замолил еден свој сосед да му позајми еден од своите волови. Вообичаено воловите се во пар и тие одат во десна и во лева рака. Така тоа се вика. Тоа значи левиот вол секогаш се впрегнува од левата страна, а десниот од десната и не може да се менуваат. Ако случајно по грешка се променат, тоа е исто како вам да ви дадат да пишувате со лева рака – односно со раката која што не ја користите. Тогаш на воловите им излегуваат очите нанадвор, не знаат кај тераат, фрчат на сите страни, во состојба се да го искршат јаремот. Се викаат препрегнати волови.

Е, овој селанец што го зел комшискиот вол за да може да ора бил добро нахранет, а неговиот, бидејќи бил сиромав, бил многу слаб. Од тешкото орање неговиот се изморил и легнал. Тој почнал да го клоца, да го удира со стап, па дури почнал да го гаѓа и со камења. Го видел некој друг комшија и му викнал: „Од далеку, од далеку!“. Овој отишол малку подалеку и фрлал со камењата. Комшијата повторно му дофрлал: „уште подалеку“. Овој се оддалечил уште повеќе и гаѓал во кутрото животно и продолжил да го гаѓа. Комшијата му пришол и му рекол: „Од далеку да го раниш, не од далеку да го тепаш“.

Овој пример го давам за да направам паралела со нашата 3-6-9 реформска Влада. Таа од далеку си ги рани воловите. Тоа во превод значи, од далеку си ги подготвува далаверите, за да нивите добро им родат. Од далеку си ги прави законските измени, за да што повеќе остане пари за „шарениот“ им ангажман. Затоа го укинаа советот за јавни набавки. За да можат да ја прават далаверата како што ја направија во РЕК Битола. Ако постоеше Совет за јавни набавки, немаше теоретска шанса да направат вакви измени во тендерските услови со цел да се исфаворизира една фирма, а тоа е, фирмата на човек близок до СДСМ „Пелистер“ – Битола. Таму јасно ставиле ограничување, колку најмалку треба да има ископано руда, фирмата која што ќе конкурира, само што уште во тендерот не го ставиле и логото на фирмата. Целта на Советот за јавни набавки беше да се тргнат сите ограничувања, да се оневозможат монополите, и да учествуваат и помали економски оператори со цел да се зголеми конкуренцијата. Конкуренцијата е фактор број еден, а ниски цени и квалитетно извршување. Со ова, дефинитивно се елиминира конкуренцијата и токму тоа се потврдува, затоа што на тендерот се јавил само еден економски оператор кој ги исполнувал овие тендерски услови. Злобниците велат дека економскиот оператор кој ја земал работата, дебело учествувал и во изборната поддршка на СДСМ.

Тоа се борците против корупција. Ова е новата реформска влада, ова е подобриот живот.

Минатата влада, „хохштаплерската“ на ВМРО-ДПМНЕ направи најмалку десетина измени во законот за јавни набавки со цел да се оневозможат било какви манипулации. Погледнете каков закон за јавни набавки имавме во 2006. и каков имавме во 2017. година. На пример, се укинаа анексите на договорите; за секоја јавна набавка мораше да се има проект; за анексите на договори мора да се распише нов тендер; не се признаваат непредвидени работи; малите набавки веќе не се правеа во четири очи и за нив се воведе прибирање на понуди, а потоа и тие одеа на тендер; се воведе електронско наддавање со цел да се оневозможи било какво местење на тендери.

Ќе ви дадам пример – до 2012. година имав многу „чесни“ луѓе од СДСМ, едната ми беше шеф на кабинет, другиот раководител на сектор, а третиот општински ревизор. Сите поставени од СДСМ. – Знаете што правеа? Кога фирмите ќе ги донесеа понудите во коверти и ќе ги оставеа во архива, тие како комисија навечер ги земаа истите дома, ставаа вода во тенџере и на пареа ги отвараа ковертите за да видат кој, колкава понуда дал. Ми се случуваше за проект кој што вреди десетина милиони денари, една фирма секогаш да дава понуди пониски за три, четири или пет илјади денари во однос на другите. Ја откривме „цаката“ и ја сменив комисијата. Нормално, тие беа револтирани. На такви далавери веќе не беа во можност. Правеа трикови во тендерските услови со гарантните рокови. Фирмите добиваа поени и за гарантни рокови. Тие што ќе дадеа најголем гарантен рок добиваа максимален број на поени, а тие што ќе дадеа реален рок, добиваа многу помалку. Но затоа, првите добиваа повисока цена и си ја земаа работата. Со електронското наддавање и елиминирање на овие глупави критериуми, тендерската постапка се поедностави, можностите за манипулации се минимизираа, а цените паднаа драстично. Советот за јавни набавки играше клучна улога во насока на зголемување на конкурентноста и што е можно повеќе фирми (економски оператори) да се јавуваат на тендерите.

Еве зошто го укинаа Советот за јавни набавки. За да можат да поставуваат критериуми кои што ќе ги исполнуваат на нив блиски фирми. Впрочем тоа го правеа и во минатото. Затоа во наредниот период, ќе објавиме токму вакви местени тендери кои биле редовна практика на функционери од СДСМ и ќе бидете изненадени на која позиција денес тие се наоѓаат во државата.

За една професија, народот вели: -Не ме гледај што правам, слушај ме што зборувам. Тоа важи за СДСМ. Не ги гледајте што прават, само слушајте ги што зборуваат. Тие се борци против корупција, за правна држава, за независно судство. Така тие зборуваат. Во пракса, работат онака како што сработеа во РЕК Битола.

СДСМ си е СДСМ. Волкот влакното го менува, но навиките не. Се прашувам само каде ли се оние силни, тобоже, невладини организации кои се правеа дека многу ги разбираат тендерските постапки и наводно во нив имало многу криминал. Молчат како скаменети. Си го одмолчеа укинувањето на Советот за јавни набавки, го одмолчуваат укинувањето електронското наддавање, го одмолчуваат враќањето на старо. Со ова јасно покажуваат дека биле само дел од пропагандата за рушење на владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. И, ништо повеќе од тоа!

Каде се сега да кажат нешто Герман Филков и Сабина Факиќ, големите истражувачи на јавни набавки. Очигледно, сите дувале во иста тиква и сите биле вклучени во преварантската пропаганда на СДСМ и нивниот чадор. Но треба да им е јасно дека сите не сме мутави, и дека има луѓе што ја познаваат работата. Си кажуваат приказни на нивните лажовизии. Пак ќе кажам, инцест ќе ги фати. Си се викаат само меѓу себе и наводно си дебатираат. Но, дебатира и народот. Него не можете устата да му ја затворите. Дебатираме и ние од опозицијата, немој да мислат дека ќе им молчиме на нив и на нивните помагачи во олеснување на законските измени за легално извршување на криминални активности.

6 КОМЕНТАРИ

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This