Костов: За македонската преродба, 160 години Зборник народни песни издаден од Миладиновци

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

“На зол трн – зла копачка!“
“Јас го посеав семето, а вие бидете живи
да го ожнеете неговиот плод“
Димитар Миладинов

“Јас сум Македонец, моите песни се македонски,
а сонародниците Македонци“
Константин Миладинов

Утре на 24 јуни 2021г. се навршуваат 160години од издавањето на Зборникот народни песни, издаден од браќата Миладиновци – Димитар и Константин. Тоа е настан со кој во 19от век македонската преродба ги пробуди и освести македонците, кои преку Илинденската епопеја, Крушевската Република, НОБ и АСНОМ конечно содадоа своја држава. Со цел правилно да се сфати македонската преродба и истата реално и објективно да се анализира, вреднува и оценува, најпрвин треба конкретно да се дефинира како поим. Поимот “преродба“ има корени во францускиот збор ренесанс, иако според содржината тие не се истоветни. Во контекст на македонска преродба, поимот го означува културно-националното будење на македонскиот народ на културен, национален и политички план. Втор момент кој треба да се има во предвид се следните процеси и појави: процесот на создавањето на македонското граѓанство во 19от век, појавата и дејствувањето на грчката, бугарската и српската пропаганда во и против Македонија( антимакедонското дејствување на нивните трговци, учители и црковни лица), но и создавањето и порастот на македонската национална свест кај македонскиот народ, печатењето на првите учебници, речници и буквари на македонски народен и мајчин јазик и отварањето на првите црковни училишта(во манастирите и црквите) и народни училишта во градовите и селата низ Македонија.

Анализирајќи ја нашата Преродба, секогаш на преден план излегува нашето народно творештво и неговото исклучително значење за македонската национална култура. Тоа се народните умотворби, кои како форми на општествената свест го содржат целиот живот на народот. За прв пат во најголем обем ги собрале и издале Димитар и Константин Миладинови во Зборник на народни песни во 1861г. Времето покажа и потврди дека браќата Миладиновци со својот Зборник на народни песни, извршија најрешително влијание на народното будење. Тие овозможија да го осознаеме автохтоното наше национално битие, така што ја пробудија националната македонска свест, пишуваа за национална чувствителност и со гордост зборуваа за македонска националност. Сето тоа пред век и половина, безмалку два.

Највисоко ниво на развој македонизмот доживува во време на македонската преродба – национална, културна, општествена и политичка. Преродбата ја изведуваат имиња и личности кои сами по себе донесуваат нови процеси, движења и пројави, одредувања, погледи, акции и дела. Тоа е македонската фаланга на архимандрити и митрополити, на даскали, на собирачи на народното творештво, на историски мислители, лингвисти и културно-научни дејци од 19от и првата половина на 20от век(Партениј Зографски, Јоаким Крчовски, Кирил Пејчиновски, Теодосиј Синаетски, Димитар и Константин Миладиновци, Јордан Хаџи Константинов-Џинот, Рајко Жинзифов, Григор Прличев, Кузман Шапкарев, Марко Цепенков, Ѓорги Пулевски, Војдан Чернодрински, Антон Панов, Крсте Петков Мисирков, Димитрија Чуповски, Коста Солев Рацин, Никола Вапцаров, Блаже Конески). Тоа е период кога народот се открива самиот себеси во своето и низ соето сопствено творештво.тоа се годините накултурните идеи на Лозарите и на националната програма на Македонското научно-литературно другарство, па се до македонската национална мисла и култура во периодот меѓу двете светски војни.

Зачетоците на македонската преродба се во книгите на Крчовски и Пејчиновиќ. Јоаким Крчовски е автор на првата отпечатена книга на македонски говорен јазик: ‘’Слово исказоное заради умирание’’(1814г.), Будим. Првиот литературен генерал, автор на вонвременска самостојна македонска книжевност. Родоначалник на македонското раскажување: ‘’Чудесата на Пресвета Богородица’’(1817г.). Кирил Пејчиновиќ е монах и просветител, и е нарекуван ‘’македонскиот апостол’’, ‘’литературниот генерал’’ и татко на македонскиот јазик. Вториот прв наш писател на 19от век. Светител и просветителска фигура од 19от бек, кој е век на експлозија на националниот македонски дух. Негови најпознати дела се: Огледало(1816г.), Будим ; Утешение грешним, 1833г.; Епитаф, надгробен натпис, 1835г. Познат е неговиот запис на камен: Да се знае, да се знает! (каменот ќе остане силна метафора за македонскиот дух и посебно за македонската поезија – дух цврст како камен, а жежок како пламенот што во каменот се крие – стара вистина е дека искрата во каменот се крие и во него е заспана и дека два камена во судир можат да ја разбудат, произведувајќи оган). Тие ги наговестија големиот број на мудрозборци од нашиот културен простор(учебникари, просветители, преродбеници, револуционери), на кои Македонија им е земја-татковина.

Браќата Миладиновци

“На нивните хоризонти бевме НИЕ“
Графит на ѕидот на училиштето
“Браќа Миладиновци“, Скопје

Браќата Миладиновци Димитрија, Константин и Наум се првенците на македонската преродба. Димитар татко, предводник и кормилар на Преродбата. Константин првородба на духовната и културна преродба и сјаен книжевен проблесок – основоположник на новата македонска поезија. Наум прв музиколог во Мнакедонија. Тројцата заедно се првите афирматори на македонската литература и култура. Светлоносци и двигатели на културната акција на македонскиот народ и градители на иднината во која ќе биде затемелена македонската просвета, уметност, литература и поезија како културни дострели на македонското општествено, духовно и културно битисување.

Мудрозборецот Гане Тодоровски ќе ги нарече биљур и најсилен проблесок на македонската преродба. Во вистинска смисла на зборот се клучната алка на македонската култура помеѓу Климента и Рацин, Конески и Струшките вечери на поезијата. Верига со растег долг повеќе од еден милениум.

Кажано со јазикот на правниците тие се преамбулата на нашата денешнина. Ако пак ги опшишуваме со јазикот на поезијата и литературата тие се македонскиот национален бит и национален мит. Штросмајер би рекол – забрзувачи на времето и раздвижувачи на средината.

Димитрија Миладинов е клучна национална личност на македонскиот 19ти преродбенски век. Аниматор на македонската национално-културна преродба. Стожерна личност на преродбата, публицист, борец против елинизмот, општественик, народен трибун и предводник на цела една преродбенска генерација на која и припаѓаат неговиот брат Константин, Г. Прличев, Р. Жинзифов, П. Зогравски, К. Шапкарев, Ѓ. Пулевски и ред други осведочени поборници за духовно, културно и политичко еманципирање на македонскиот народ во 19от век. Тој не е само татко на македонската преродба и учител речиси на сите најзначајни автори, туку е и човек кој ги покажал и широко ги отворил етичките и естетските патишта на националната самостојност и афирмација.

Константин Миладинов како автор на сега веќе епохалната, знаменита и легендарна песна “Тˊга за југ“ е самиот почеток на новата македонска поезија. Прв претходник на создателите на современата наша поезија(Блаже Конески). Тој е белата мугра на нашето поетско обденување. Оваа песна и останатите 14 на Константин(Шупељка, Не-непијан, Бисера, Голапче, Желание, Клетва, Скрсти, побратимство, Думание, Сираче, На санцето, Еѓутин делија, Грк владика на Болгарите), се вткаени во зачетокот на македонството што е главна одлика на книжевното дело на Константин Миладинов. Тој е алфа, првата буква на нашиот културен и поетски новозбор(Гане Тодоровски). Овој деец ни завешта мал поетски опус од петнаесетина песни, неколку статии и написи и еден превод. Сепак ни го подари и Зборникот – круната на неговиот културен подвиг – “таа показаљка од степенот на умственото развитие на нашиот народ“. Овој даровит деец и поет познат е и по својата национална освестеност изразена преку изречените му зборови: ’Јас сум Македонец, моите песни се македонски, а сонародниците Македонци’’. Неговиот пример, кристално јасен и чист, покажува дека треба да се пее како што учи срцето, како што бијат дамарите на душата – да се пее како што пее народот. Константин Миладинов е межник на една литературна епоха. Тој епитет го заслужува како поет по вокација и како составувач и издавач на Зборникот на народни песни.

Нашиот народ денес ги жнее плодовите од семето што несебично го посеаја браќата Миладиновци и редица други преродбенски дејци во нашата културно-политичка историја на кои им ја должиме нашата вечна почит и неизмерна благодарност.

Пишува: Костов Сотир

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This