КОСТОВ :VADE MECUM за менаџирање вонpeдна состојба

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Поминаа два дена од воведувањето на вонредна состојба, а вистински и ефикасни мерки за справување со истата се уште немаме. Море луѓе ова е реално загрозен живот, реално загрижувачка состојба, и реална вонредна состојба. Излезете од тоа виртуелниот свет, свет на социјални мрежи, престанете да не засмејувате со смешните стикерчиња, и веќе едноличните прес конференции, засукајте ги ракавите и ајде на работа. Еве како треба да работите: Вие од тоа кризно тело, од техничката Влада и од сите институции кои ве опслужуваат, треба да ја проценувате состојбата, да донесувате храбри одлуки и енергично да ги спроведувате. Тоа ќе го направете со бизнис секторот(сите стопански комори) и сите можни синдикати во државата.

Не може бре Зоран Заев да ни најавува нови мерки што ќе ги донеле Владата. Од која позиција го прави тоа? Од каде тој тоа го знае? Да не случајно е технички премиер, а јас да сум го пропуштил неговиот избор. Каде е Оливер Спасовски? Што прави тој? Дали нешто прави? Или само оди во емисија кај Оливерчето и добива таква лекција, од која да има образ би се срамел за навек. Ќе и каже ли некој на сиромашката министерка за правда Рената Дескоска, што е “Уредба со законска сила“? Еве јас ќе го направам тоа: Уредба (и со големи букви УРЕДБА), која има законска сила, ама не е закон, бидејќи е Уредба – со законска сила. Тоа е така бидејќи Владата не може да носи закони, па затоа, имајќи ја во предвид сериозноста на состојбата и итноста на постапувањето, има право да носи Уредба со законска сила. Со таа или тие уредби Владата ги УРЕДУВА, работите, односите, состојбите, во државата и општеството, секогаш изрекувајќи кризни/вонредни мерки. Секогаш, ама буквално секогаш, тие се од времен карактер – додека трае вонредната состојба. И нека знае министерката, со Уредба со законска сила не се менува “Кривичен законик“, ниту “Закон за облигациони односи“, ниту Уставот, или било кој друг закон, туку, поради вонредноста на состојбата, односите и работите се уредуваат итно и ефикасно(ама времено), најчесто во насока на превенирање на состојбите или пак спречување на штетите и ублажување на последиците.

Еве ви бре незналици ни едни еден VADE MECUM (прирачник, потсетник, најточно регистар) за тоа што и како треба да работите: Основна задача ви е да го заштитите здравјето и животот од пандемијата предизвикана со корона вирус; Ниту еден граѓанин не треба да го оставите без здравстевена заштита и средства за егзистенција; Ниту еден бизнис не треба да дозволите да пропадне; Треба да ја спасите економијата, бидејќи подоцна само стопанството може да го наполни буџетот, кој вонредно ќе се испразни преку мерките што треба да ги донесете и спроведете, во стилот: забрана на извоз на стратешки производи, на пример, лекови, нешто што во редовна состојба не е возможно, итна интервентна набавка на суровини за стопанството, за кои давачките, царини, такси, даноци, ќе ги укинете, и сл.

Да поедноставам: Носите посебни мерки кои се однесуваат за сите граѓани (одложено плаќање на струја и вода, од еден, два, три месеци; Посебни мерки само за пензионери и стари изнемоштени луѓе – достава на дефицитарни лекови и основни продукти за нивно преживување во домашни услови – финасирано од Владата; Истото важи и за најзагрозените социјални случаеви. За нив посебно, бидејќи тие се можно жариште за ширење на заразата; За кредитите ќе создадете поповолни услови за граѓаните и за правните субјекти. Или еве ги предложените реални мерки од бизнис секторот:

1. Пролонгирање на рокот за плаќање на данокот на добивка и данок на личен доход за 2019 година за 3 месеци или овозможување плаќање на истиот на 12 рати без камата; 2. Укинување на плаќање на данок на добивка за 2020 год за сите компании, без разлика на големината обемот и секторот; 3. Укинување во целост на плаќањето на придонеси во наредните 3 месеци за сите компании; 4. Целосна исплата на должничко-доверителски односи од страна на државата кон стопанството во наредите 30 дена; 5. Целосна исплата по основ поврат на ДДВ кон компаниите во наредите 30 дена; 6. Да се овозможи одложено плаќање на обврските по основ ДДВ за сите компании во наредните 3 месеци и овозможување на плаќање на истото на 12 рати со отпочнување од Јануари 2021 год; 7. Субвенционирање на трошоците за потрошена електрична енергија од 20% во наредните 3 месеци за сите компании; 8. Намалување на акцизите за гориво за 50% во наредните 3 месеци; Разумен и прифатлив предлог до банките: Замрзнување на плаќањето на кредитите и овозможување на бескаматен грејс период од 6 месеци. Што, не ви се бендисуваат? Е, па не може така! Тие создаваат нова вредност, тие го движат стопанството, тие го полнат буџетот, и редно е еднаш да ги послушате.

Еве ќе ги спомнам сите области кои треба да ги уредите(со други зборови решите): Носите вонредни мерки во вонредни услови преку Уредби со законска сила во здравствен корпус на односи, во економски корпус, во социјален корпус, во финансиски корпус, во хуманитарен корпус, и така натаму, на начин што ГИ УРЕДУВАТЕ ОДНОСИТЕ во смисла на ефикасни мерки за спречување на штети и последици, без да чепкате во постојната законска легислатива: Устав и закони. Бидејќи Влада не може да носи закони, затоа уредба, и затоа уредба со законска сила, во неможност да се донесат соодветни закони. Во никој случај постојните да се менуваат. Сите мерки донесени и реализирани, се од ВРЕМЕН КАРАКТЕР, и некои ќе се во спротивност со постојните законски решенија(висина ка камати, период на плаќање и извршување и сл.), што е и нормално, бидејќи тие закони важат во редовна и нормална состојба. Ова е вонредна состојба. Затоа се носат вонредни мерки, кои имаат времено значење, се додека таквата состојба трае. Кога ќе заврши, сé се враќа во нормала, Уредбите со законска сила, веќе не важат, затоа пак, продолжува да важи редовната законска легислатива, Устав и закони, кои за време на вонредната состојба се нечепнати, туку условно кажано, делумно се суспендирани некои одредби во нив. Од каде пари? Па од Европска инвестициска банка, Европска банка за развој, Европски солидарен фонд, Фонд за цивилна заштита. Тешко е? Еве полесен начин: Објавете список на сите правни субјекти и поединци кои во последните години од Владата добиле толку и толку стотици илјади и милиони евра, за развој на ова или она и кажете им сега колку тие треба да и дадат на државата. Истото важи и за тајкуните. Абе се јави ли некој од домашните милионери да донира нешто за справување со оваа состојба? Освен градоначалникот на Пласница, јас не знам за друг. Сетете се, Боки Тредичи собра повеќе “донации“ од бизнисмените за оние домовите за стари лица, отколку Владата за справување со пандемијата. Не ве бива? Под Итно вадете го Боки 13 од притвор, па да видете како се собираат пари.

А сега да ве потсетам на едно поранешно време: Имаше нешто што се викаше Територијална одбрана и Цивилна заштита. Одвреме-навреме тие заеднички спроведуваа големи акции наречени “Сите во одбрана и заштита“. Тогаш сите заедно, замислено, хипотетички, вежбавме справување со некоја непогода или некое зло. Ама сетете се, народот масовно учествуваше во нив, тој беше главниот чинител. Вие бре го пониживте нашиот народ и затоа сте осамени, несигурни, неодлучни и неспособни. Не ги прифаќате мерките на бизнис секторот, не ви чинат мерките на опозицијата… за тоа нашиот народ вели “Ем шуто, ем боде“.

Пишува: Сотир Костов

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This