March 28, 2024, 12:15 pm

Коцapeв: Домата не е веќе дома, Македонија не е веќе македонска

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Колумна на претседателот на МАНУ за „Нова Македонија“

Како да се најдат правиот пат и спас? Повторно, одговорот е прост и строг: помирување меѓу Македонците. Предлагам консензус по сите овие прашања: (1) македонскиот идентитет и македонскиот јазик имаат словенски, не бугарски карактер; (2) промена на изборниот модел (една изборна единица) и промена на моделот на формирање на извршната власт (консензуален или пропорционален модел на извршната власт) и (3) приспособување и имплементирање на европските вредности, но без инсистирање, по секоја цена, на полноправно членство во ЕУ.

Ова, меѓу другото, го пишува академик Љупчо Коцарев во текст за денешното издание на „Нова Македонија“, што го пренесуваме во целост.

Денешниов текст ќе го почнам со зборовите на Цибра во „Тетовирани души“: „Иднината никако да дојде, минатото никако да си отиде, а ние овде глумиме сегашност“. Каква е сегашноста? Егзистенцијалното прашање во насловот на овој текст би можело да биде поднаслов на многу мои текстови објавени во „Нова Македонија“. Во однос на малку изменетото прашање, имено во однос на прашањето дали има живот по смртта, теистите веруваат дека постои задгробен живот, атеистите дека не постои, додека за агностиците постоењето на живот по смртта не може да се провери, па затоа останува непознаница. Различните сфаќања за верувањата во задгробен живот, живот по смртта, се внесени во светите книги, како Библијата, Куранот, Талмудот и Ведите, на пример, според кои статусот на одредена личност во задгробниот живот е награда или казна за животот што го живеела.
Меѓутоа, денес, мене лично, а верувам и најголем дел од вас, многу повеќе ме интересира прашањето: Дали има живот пред смртта?

Поточно, дали во Македонија има живот пред смртта? Тоа е клучното прашање во врска со коешто би сакал да ги споделам моите видувања, ставови и стравови. Одговорот на ова егзистенцијално прашање почива на трите документи: Бугарскиот договор (2017), Преспанската спогодба (2018) и промената на Уставот (2019), за кои многу експерти тврдат дека се нелегални, од една страна, и на алчноста и сервилноста на нашите политичари, од друга страна, што, за жал, се доказ дека „Денес сè се купува и продава. Дури и она кое луѓето мислат нема цена. Тоа обично е и најевтино“ („Диво месо“).

Благодарение на нив, пред очите на народот, во добро спакуван целофан, се продаде светото, нашето сѐ, вековно негуваните и чувани македонска државотворност, македонски идентитет и македонски јазик. Па, така, за Бугарија, македонскиот јазик е „македонска литературна норма“, а за нашите стратегиски сојузници „северномакедонски јазик“. Под идентитет, тука подразбирам: „именскиот и колективниот идентитет, културниот идентитет (јазик, литература, музика, уметност, фолклор), религиозниот идентитет, етничкиот и национален идентитет, кои ја чинат посебната – македонската историска содржина“ (Наташа Котлар Трајкова).

Тука, пред сѐ, би сакал да забележам дека и покрај континуираното уверување дека државотворноста, идентитетот и јазикот се одбранети, времето покажа дека тие се продадени, бидејќи, всушност, се најевтини за продавање. Од книгите знаевме дека „Трговците и производителите ниту се ниту треба да бидат владетели на човештвото“ (Адам Смит, 1776 година), но, сепак, наивно, се надевавме дека нема да дојде најстрашното. За жал, настаните сведочат дека тоа не е само празна теоретска мисла, туку правило без исклучок, особено под нашево поднебје во ова денешно време/невреме.

А, „Најстрашни се оние времиња кога самиот дом се претвора во туѓина, во џенем, во јабана. Кога човек е на своето огниште, а саштисан и отуѓен како змија да го полазила. Кога е внатрешно раселено лице. Кога ‘т’гата’ не е поради отсуство туку поради присуство. Кога седи среде куќи, а не може да си ја препознае домата“ („Приказни од Дивиот Исток“). Така, денес, домата не е веќе дома, Македонија не е веќе македонска. Остануваат уште неколку чекори до конечниот крај, а тој дојде многу побрзо отколку што и во најкошмарните соништа мислевме дека ќе се случи тоа.

Која е причината за ова? Одговорот е прост и строг: недостиг од лидерство, непознавање на основните геостратегиски принципи и алчноста и сервилноста на нашите политичари, од една страна, и неслога и омраза меѓу Македонците, од друга страна. Поделбата на патриоти и издајници, леви и десни, демократи и автократи, националисти и либерали, иако со текот на времето границата меѓу поделбата стануваше сѐ повеќе заматена (левите станаа десни, и обратно), заедно со алчноста и сервилноста на нашите политичари, направи раздор во македонското етничко ткиво, а Македонија дојде до својот егзистенцијален крај. Меѓутоа, поделбата не беше (и сѐ уште не е) случајна, а многу ме потсетува на Џонатан Свифт и Бертолд Брехт.

Имено, во 1931 година Брехт, под силно влијание на Свифт, ја напиша драмата „Тркалезни глави и зашилени глави“ (на германски: Die Rundköpfe und die Spitzköpfe). Тоа е сатирична антинацистичка парабола за измислена земја наречена Јаху, во која владетелите ја одржуваат својата контрола поставувајќи го народот со тркалезни глави наспроти оние со зашилени глави. Инаку, зборот „Јаху“ (на англиски Yahoo) е воведен во четвртиот дел од „ Гуливеровите патувања“ (Џонатан Свифт, 1726 година). Така, успешно сеејќи омраза и делејќи нѐ на патриоти и издајници, леви и десни, демократи и автократи, националисти и либерали, веќе 30 години властодршците во Македонија успешно нѐ контролираат, а безуспешно владеат, оти наместо да се придвижиме напред, ние упорно се враќаме назад.
Како да се најдат правиот пат и спас? Повторно, одговорот е прост и строг: помирување меѓу Македонците. Предлагам консензус по сите овие прашања: (1) македонскиот идентитет и македонскиот јазик имаат словенски, не бугарски карактер; (2) промена на изборниот модел (една изборна единица) и промена на моделот на формирање на извршната власт (консензуален или пропорционален модел на извршната власт) и (3) приспособување и имплементирање на европските вредности, но без инсистирање, по секоја цена, на полноправно членство во ЕУ.

Веќе пишував за ова во „Нова Македонија“, но, сепак, не е на одмет да повторам. Политичката теорија и практика, за што може да се прочита во многу учебници, покажува дека консензуалната демократија во споредба со мнозинската демократија е постабилна, индикаторите за квалитет на демократијата се значително повисоки, а управувањето во такви држави е поефикасно. Се разбира, ова е само првиот услов за излез од кризата. Потребни се воведување нови форми на директна демократија, на пример, народно вето, отповикување избрани претставници и друго, но и зајакнување на владеењето на правото и подобрување на судската независност.

Предложените реформи се наметнуваат како неопходен услов за стабилно општество со европски вредности, особено доколку се има предвид дека сегашниот изборен модел и моделот на формирање извршна власт веќе со години ги покажуваат слабостите: (1) еродирање на демократијата, етноцентризам и трибализам; (2) нестабилно владеење; (3) владеење што, всушност, се реализира преку два етнопаралелни процеси; (4) етнодиференцијација; (5) доминација на малцинството над мнозинството; (6) фрагментација на општеството; и (7) девалвација на системот на вредности. Меѓутоа, двопартиската хегемонија, длабокото испреплетување на партиската припадност, семејните врски и клиентелизмот и губењето на привилегиите и удобностите на двете победнички партии нема сами од себе да исчезнат. Власта, што, всушност, во Македонија е една од основните цели на владеењето, ги уништува сите обиди за промени, дури и кога тие водат до подобрени состојби во Македонија.

Во четвртиот, последен дел „Патување во земјата на Хуинхм“ од патувањата на Гуливер, тој пристигнува во непозната земја, во која живеат Хуинхми, посебна раса на коњи што зборуваат. Тие одгледуваат, како домашни животни, деформирани суштества што личат на човечки суштества, наречени Јахуи (на англиски Yahoos). Гуливер станува член на едно домаќинството на коњи и почнува да им се восхитува и да го имитира нивниот начин на живеење, отфрлајќи ги луѓето за кои смета дека се Јахуи, опремени со привиден разум што го користат само за да ги влошат работите и да додадат нови пороци. Во „Гуливеровите патувања“, Свифт ги опишува Јахуите како примитивни суштества опседнати со „убави камења“ што ги наоѓаат копајќи во кал, претставувајќи ги на тој начин невкусниот материјализам и игнорантскиот елитизам на жителите на Англија.

За жал, невкусниот материјализам и игнорантскиот елитизам се иманентни карактеристики и на некои македонски политичари. Оваа констатација, меѓутоа, не нуди нова информација – па тоа, нели, сите го знаеме. А, карванот си врви, кучињата лаат. Но, „Јаков: Ѕидот во вашата глава. Одбивам да сум жив по инерција, да дишам на шкрги. Одбивам да чекам како јаре пред Ѓурѓовден, како свиња пред Божиќ. Одбивам да шетам со цревата во раце, да гледам како нестручно ме оперирате, сечете и шиете, како ми гнојат раните и да се прашувам колку ли ќе ме боли кога ќе дојдам на себе. Не сакам седативи. Не сум купче протоплазма. Имам волја и разум и ја преземам одговорноста за својот живот“ („Дупло дно“). Имајќи го предвид сето ова, ќе речам, одговорот на прашањето дали има живот пред смртта, за жал, моментно е – НЕМА живот . Но се надевам дека сите ние ќе „имаме волја и разум и да ја преземеме одговорноста за нашите животи“, за, конечно, да имаме живот пред смртта. Време е!

1 коментар

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This