Кoлyмнa нa Сотир Костов: Двaнaeceттe хpaбpи млaдинци oд coнчeвaтa кoлoнa нa млaдocтa

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Потсетување(со предумисла) на Ваташкото клање

Mи заплакало селото, селото Ваташа. Дванаесет носат, младинци носат в Моклишко горе в долови. Целото село станало, станало на нога. Дајте ги ваму нашите деца, Еј, вие клети крвници. Џелати клети не слушат, не слушат народот. Митралез оган фрлија поган, В градите машки младински. Тогај се народ подигна, подигна илјадно. И тргна смело да затре семе фашиско клето за на век.

Овој есеј е посветен на Дванаесетте храбри младинци од сончевата колона на младоста(Ацо Шопов), стрелани во Ваташа за време на фашистичкиот терор. Свесен сум и знам дека тоа за сите нас во Македонија е голема тага и болка, никогаш не преболена. Ама ова паметење е и драгоцено, бидејќи е и најсрдечна благодарност кон сите оние што своите животи ги вѕидаа во темелите на нашата слобода, во основите на нашата држава и во нашата иднина. Зашто Ваташкото клање во јуни 1943 година е само дел од многуте крвави ѕверства на фашистичкиот окупатор против македонскиот народот кој не сакаше да биде покорен. Во тој контекст дванаесетте храбри Ваташки младинци се дел од милионската колона на нашиот бестрашен поход. Поход  во едно тешко време, поход кој ги изоди врвиците на слободата.

Во време кога бугарските неуки политичари и неумни државници за историските настани и случувања бесрамно ја лажат бугарската, македонската, европската и светската јавност, велејќи дека биле администратори, а не фашистички окупатори во Македонија за време на Втората светска војна, и во време кога премиерот Зоран Заев ги подржува со својот полжавски менталитет и поданички карактер, наша должност е да потсетиме на ѕверското стрелање и клање на дванаесетмината младинци од Ваташа, извршено на 16 јуни 1943 од страна на бугарскиот фашистички окупатор (Потсетував и опоменував и пред четири години на ТВ Нова, ама власта замижуваше, си седеше на ушите, со исклучено рацио, кое до ден денес е невклучено).

Ова потсетување за нас е и оживување на споменот за нивните жртвувани пролети. Спомен за нивната насмевка. Гордост за денот раскрилен во кој чекориме. Спомен за една младост, ѕверски прекината од куршумите и бајонетите на бугарските фашистички окупатори. Но, и опомена дека не смееме да ги заборавиме извршените ѕверства врз недолжното македонско население, врз македонската младост. Поетот дал најточен израз на овој хероизам, на овој револуционерен занес, на овие усвитени мечти со кои младината на нашата Македонија секогаш исправена и храбро јуришаше против тврдините на мракот, против сите сили што беа устремени да ги згазат светлините човекови, неговото достоинство, неговото право на живот, на младост во животот.

За поетот(но и за сите нас) тие се младост од сончевата колона. Дванаесетмина кои храбро се спротивставија на фашистичката атака. Младост која не потклекна, младост која ништо не издаде, младост која загина, за да вечно живее. Во долгиот пат кон светлината, во недоодливоста на маките, нејзиниот чекор има посебна цврстина, а нејзината издржливост посебно место. И затоа се потсетуваме дека сета младост на оваа земја ја носи во себе младоста на оние чии соништа жуборат со изворите на нашите реки, чии стапки татнат по масивите на нашите планини, чии извици во јуришите и ноќите виуличави одекнуваат низ клисурите до последното наше пристаниште на животот.

Прашувам: Кој може да ги изброи колоните на таа младост? Сигурно не лицемерните Борисовци, кои имаат историска амнезија за Македонците во Бугарија.

Прашувам и нешто друго: Кој да ги изброи жртвите од фашизмот во Македонија? Во никој случај не простите и злобни Каракачановци, кои кон Ромите, Турците и Македонците се наци-фашизоидни расисти на 21-от век.

И првите, и вторите, и третите (Радев, Захариева, Џамбаски), како политички ѓаволчиња се обидоа. Џабе им е. Треба да сфатат и прифатат оти не можат да бидат мерници ни челичните птици што сипаа смрт, ни тенковите, ни рафалите кои кукавички убиваа млади македонски фиданки. Тоа се многу убиствени “алатки“ на нивната “администрација“. И да ги потсетиме дека тие се потомци на ѓаволот од Втората светска војна кој во своето бессилие тој се нафрли на сè што му се чинеше сомнително и опасно и што можеше да го загрози неговиот престој во Македонија која не сакаше да се покори, ниту на германскиот, ниту на италијанскиот, ниту на албанскиот, и секако ниту на бугарскиот окупаторски фашизам. Младоста наша беше во првите редови на тоа непокорување, на таа устременост кон височините што го исполнуваат со гордост името човеково. И затоа поклон пред дванаесетте разлистени надежи, дванаесетте соништа на младоста, дванаесетте радости родителски, дванаесетте жедности сончевина, дванаесет покосени животи. Дванаесет пресечени чекори во чекорот незапирлив на младоста. Не забораваме и паметиме.

Човечки е да се извинете за злоделата на вашите предци. Хумано е да изразете жалење за насилно прекинатите млади животи. Ние сме христијани и ќе простиме. Тоа се првите чекори, ваши и наши, кон вистинско добрососедство.

Сотир Костов

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This