МАКЕДОНИЈА СЕ ПОВРЗУВА НА ТУРСКИ ТЕК: Денес потпишана спогодбата за грчки ДЕСФА, со што се отвараат можностите за поврзување на Турски Тек!

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Македонски енергетски ресурси -МЕР АД Скопје и грчкиот систем оператор за пренос на гас ДЕСФА  денеска во Скопје потпишаа Меморандум за разбирање за изградба на интерконективниот вод за пренос на природен гас Штип-Неа Месемврија со вкупна должина од околу 160 километри.

gasovod_turskitek2

Гасоводот, како што истакна директорот на МЕР, Крсте Миладинов  ќе биде со дијаметар од 700 милиметри, работен притисок од 54 до 65 бари и со годишен преносен капацитет од преку една милијарда метри кубни природен гас.

– Соработката што на почетокот на годинава  ја започнавме со компанијата ДЕСФА резултира со потпишувањето на Меморандумот за изградба на интерконективен вод за пренос на природен гас со кој треба да се поврзат националните гасоводни системи. Изградбата на овој енергетски објект ќе обезбеди снабдување со дополонителни количини на природен гас кои ќе бидат неопходни во наредниот период, но ќе значи и можност за користење гас од повеќе извори и повеќе глобални проекти како рускиот гас и природниот гас од Азербејџан, но најважно е што ќе претставува директно поврзување со постоечкиот терминал за преземање на втечнет гас Реветуза, рече Миладинов по потпишувањето на Меморандумот.

Нагласи дека интерконективниот вод ќе значи и можност за поврзување на македонскиот гасовод со популарниот мега проект ТАП и Турски ТЕК , како и со други коридори за пренос на природен гас кои имаат можност да поминуваат во близина на нашето опкружување.

– Со тоа ќе се обезбеди снабдување на гас од повеќе извори, а значајно за економијата е тоа што ќе се овозможи развој и користење нов директен или индиректен енергент и можност за намалување на увозната цена на природниот гас преку користење на поголеми количини и достапност на природен гас од повеќе производители и снабдувачи, рече Миладинов и додаде дека Меморандумот е значаен чекор и за подобрување на соработката меѓу двете компании и размена на знаење и  искуства.

Додаде дека од ДЕСФА добиле и конкретен предлог за обука на вработените од  МЕР во Интернационалниот центар за обуки што го поседува грчката компанија.

Тоа, пак, истакна отвора можност за работа на нови заеднички проекти и ги потврдува заложбите за добрососедски односи помеѓу двете држави.

Директорот на грчкиот оператор за пренос на природен гас Сотириос Никас посочи дека енергијата е мост што спојува луѓе и земји.

– Енергијата некогаш ги зближува луѓето, а некогаш создава конфликти, но токму и поради енергијата конфликтите се решаваат преку ноќ и разликите се оставаат настрана. Верувам дека таков ќе биде случајот и со нас и дека овој енергетски мост што го воспоставуваме ќе ни помогне да ги искористиме бенефитите, рече Никас.

Изрази надеж дека преку овој енергетски мост ќе можат да се реализираат сите цели и проекти што се зацртани, но и да се разменат технологии, обуки и разновидни посети и размена на вработени.

По потпишувањето на Меморандумот, како што истакна, ќе се формираат две работни групи кои треба да остварат блиска соработка, да се направи физибилити студија и да следува проектирањето и изградбата на гасоводот.

Грчкиот амбасадор во Македонија Димитрис Јанакакис, истакна дека потпишувањето на Меморнадумот за разбирање, меѓу другото, е резултат и на дискусиите кои се одвиваат преку мерките за градење на доверба меѓу двете министерства за надворешни работи.

– Токму овие дискусии се одвиваат во мошне конструктивна клима, а потпишувањето на денешниот Меморандум е еден од конкретните начини на кои се остваруваат мерките за градење на доверба. Сигурноста во снабдувањето со енергија претставува проблем, а Југоисточна Европа  не е исклучена од тоа. Токму затоа изградбата на интерконективниот вод е позитивен чекор кон остварување на сигурноста и безбедноста во снабдувањето со енергија, рече Јанакакис и додаде дека Меморандумот ќе донесе корист за двете држави.

Изрази надеж дека покрај соработката во енергетиката двете земји ќе имаат соработка и на други полиња.

Заменик министерот за економја Христијан Делев истакна дека изградбата на интерконективниот вод Штип – Неа Месемврија е реален и конкретен проект кој од денеска почнува со реализација.

– Кога пред две години добивме задолжение да најдеме алтернатива на сегашниот гасовод во Македонија не беше воопшто лесно, имајќи  предвид дека повеќе од 25 години во Македонија немаше никакви активности во делот на стратешко гасно поврзување. Впрочем, ние бевме и крајот на еден нефункционален гасоводен систем кој беше неинтегриран и со нерешена сопственост во две држави, како и со недоволен капацитет, потенцира Делев.

Со изградбата на првата делница, магистралниот гасовод Клечовце-Штип, посочи, се отворија услови за барање нов приклучок кој ќе овозможи пристап до нови извори и меѓународен пазар. Токму таков е приклучокот за кој денеска се потпишува Меморандумот за соработка.

Најави дека се во тек активности за потпишување на сличен меморандум и со Република Србија со што, како што рече, овој Коридор ќе стане транзитен со дополнителни количини на гас.

– Овие два интерконективни вода се на приоритетната листа од интерес на Енергетската заедница што значи дека делумно ќе се финансираат со грантови средства од ЕУ и дополнителна техничка помош, рече Делев.

Со потпишувањето на Меморандумот, посочи,  сите активности во делот на гасификацијата стануваат конкурентни и тоа е најголемиот бенефит за македонската економија.

– Максималниот капацитет на интерконективниот вод ќе биде 2,5 милијарди метри кубни гас што ќе значи сигурност во снабдувањето и реализација на сите проекти согласно стратегиите за развој на енергетиката и енергетскиот сектор во Македонија, а за крајните потрошувачи поевтини и поконкуренти цени на еколошкото гориво, нагласи Делев.

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This