Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) денеска го одбележува Денот на Академијата и во свечената сала на МАНУ, по повод Денот на Академијата, како што е најавено, ќе говори претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев.
Во рамки на одбележувањето ќе биде доделено меѓународното признание „Блаже Конески” на годинашните добитници Елена Верижникова и Фрсоа Пејоска-Бушро. Пригодни говори по повод доделувањето на признанието ќе одржат Марјан Марковиќ и Катица Ќулавкова.
Законот за Македонската академија на науките и уметностите е донесен со указ за прогласување на Законот за Македонската академија на науките и уметностите (У. Бр. 18/67 од 23 февруари 1967 година) на Собранието на СР Македонија. Врз основа на законот, именувана е Матична комисија, со задача да изврши подготовки за отпочнување на работата на Македонската академија на науките и уметностите.
Изборот на првите 14 редовни членови на МАНУ е извршен на 18 август 1967 година во просториите на Народниот музеј во Охрид, а избрани биле:
МИХАИЛО АПОСТОЛСКИ, директор на Институтот за национална историја – Скопје,
Д-р ДИМИТАР АРСОВ, редовен професор на Медицинскиот факултет – Скопје,
ВАСИЛ ИЉОСКИ, писател,
СЛАВКО ЈАНЕВСКИ, писател,
БЛАЖЕ КОНЕСКИ, редовен професор на Филозофскиот факултет – Скопје,
НИКОЛА МАРТИНОСКИ, академски сликар,
КИРИЛ МИЉОВСКИ, амбасадор, редовен професор на Економскиот факултет – Скопје,
ДИМИТАР МИТРЕВ, редовен професор на Филозофскиот факултет – Скопје,
Д-р МИХАИЛ ПЕТРУШЕВСКИ, редовен професор на Филозофскиот факултет – Скопје,
Д-р ХАРАЛАМПИЕ ПОЛЕНАКОВИЌ, редовен професор на Филозофскиот факултет – Скопје,
Д-р БЛАГОЈ ПОПОВ, редовен професор на Природно-математичкиот факултет – Скопје,
Д-р инж. ПЕТАР СЕРАФИМОВ, редовен професор на Архитектонско-градежниот факултет – Скопје,
Д-р h.c. Д-р агр. ЃОРЃИ ФИЛИПОВСКИ, редовен професор на Земјоделско-шумарскиот факултет – Скопје,
АЦО ШОПОВ, писател.
Изборот на претседател, потпретседател и секретар на МАНУ е извршен на Првото собрание на Академијата, одржано на 9 октомври 1967 година во Скопје. Притоа, на тие функции биле избрани следните академици:
акад. Блаже Конески, претседател,
акад. Харалмпие Поленаковиќ, потпретседател,
акад. Ѓорѓи Филиповски, секретар.
Свеченото отворање на Македонската академија на науките и уметностите е извршено на 10 октомври 1967 година во големата сала на Собранието на Република Македонија. На свеченото отворање, покрај членовите на МАНУ и делегациите на братските академии од другите републики, присуствуваа голем број претставници на јавниот, научниот и културниот живот од Републиката.
Свеченото собрание го отвори претседателот на Македонската академија на науките и уметностите акад. Блаже Конески, а го поздравија: Мито Хаџи Василев, претседател на Собранието на СРМ, акад. Грга Новак, претседател на ЈАЗУ, акад. Велибор Григориќ, претседател на САНУ, акад. Јосип Видмар, претседател на САЗУ, и акад. Васо Бутозан, претседател на АНУБиХ.
Од овој ден, Академијата ја започна својата научна и културна дејност, зацртана со законскиот акт за нејзино основање.
На Единаесеттото заседание на Советот на академиите на науките и уметностите на СФРЈ, одржано на 10 октомври 1967 година, Македонската академија на науките и уметностите е примена за член на Советот, со што се вброила во редот на останатите југословенски академии на науките и уметностите.
На 8 март 1968 година, Собранието на Македонската академија на науките и уметностите, по разгледувањето од страна на Собранието на СР Македонија, го донесе статутот на МАНУ.
Основањето на МАНУ наиде на голем одглас во земјата и во странство. Над 40 академии од голем број земји од сите континенти го поздравија нејзиното основање. Академиите на науките и уметностите од Југославија ѝ подариле на МАНУ свои публикации, издадени од своето основање. Германската заедница за научни истражувања од Бад Годесберг – Сојузна Република Германија, исто така, ѝ подарила на академијата голем број публикации.
Во месец март 1968 година е извршен избор на членови на Претседателството на МАНУ, чија функција дотогаш ја вршеше Извршниот одбор на Академијата.