Мисирков e вистинскиот кодификатор на македонскиот јазик

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Ни Коминтерната, ниту пак Тито. Кодифицирањето на македонскиот јазик го прави К.П.Мисирков со Националната стратегија за македонскиот народ, македонскиот јазик и македонската држава – “За македонцките работи“. Ова епохално дело на Мисирков е програма за македонското национално и ослободително движење, но и книга која ги разоткрива асимилаторските политики на Бугарија, Грција и Србија против македонскиот народ, неговиот јазичен, културен и етнички идентитет. Тој и неговото дело се показ и доказ за самостојна македонска научна мисла и македонска национална свест.

Крсте Петков Мисирков (1874 – 1926) е личност на македонскиот 20ти век. Виден македонски интелектуалец и општественик на преодот од 19ти во 20ти век. Автор е на епохалната за Македонците книга “За македонцките работи“ што е книга-програма за кодификација на македонскиот јазик на научна основа. Краток приказ на ставовите на Мисирков за најбитните македонски прашања:
1.) За народот, татковината и долгот кон неа/за народниот идеал – патриотизмот/. Секој човек, како член на некоја општина или на некое другарство, има извесен долг и извесни права кон и од нив. Народот не е ништо друго, освен едно големо другарство, основано на крвно родство, на општ произлез, на општи интереси. Паметувањето на тоа родство, тој произлез и тие интереси го натеруваат секој член од некој народ да се одрече од некои свои права и интереси за да му посвети дел од своите сили на општото добро. Долгот кон народот е тесно поврзан со долгот кон татковината, зашто поимот народ е тесно поврзан со поимот татковина. Долгот кон татковината и народот, до неговото исполнување, се вика народен идеал и кон неговото исполнување треба да се стреми секој свесен човек
2.) За посебноста на Македонците и обединувањето. Нам ни треба внатрешно обединување меѓу себе: не ни требаат во Македонија ни Срби, ни Бугари, ни Грци, зашто не сме ни едното, ни другото, ни третото; не ни требаат патријаршисти, егзархисти, зашто ние сме само православни христијани. Делењето е вештачки создадено од балканските државички со намера да ја делат Македонија со стекот на околностите. И така имињата: Србин, Бугарин и Грк си ја ислужија својата служба во Македонија и за нив таму веќе нема место. Време е да ги замени едно општо за сите Македонски Словени име – името ‘’Македонец’’. Таа смена е само логична последица и се бара од околностите. Таа смена делумно веќе е настапена и не е далеку тоа време кога таа ќе триумфира;
3.) За јазикот. Значи, токму сега му е времето да се мисли за нашиот јазик, нашата национална литература и воспитувањето во националниот дух. Сега настапува времето за интерес за национално-религиозни прашања. Јазикот е средство со кое ние дознаваме што мисли, што чувствува и што сака нашиот собеседник. Во јазикот има одделни гласовни знакови или зборови за сите мисли, чувства и желби на еден човек, затоа јазикот на еден народ е негово духовно богатство и наследство во кое се заклучуваат отпечатени во гласовни знакови или зборови сите народни мисли, чувства и желби со коишто има живеено и живее еден народ и коишто се предаваат како нешто свето од едно поколение на друго. Да си го зачува некој својот народен јазик и да го брани како светиња, значи да му остане тој верен на духот на своите прадедовци и да почитува се што тие имаат направено за своето потомство. Да се откаже човек од својот народен јазик значи да се откаже тој и од народниот дух. … Милост кон нашиот народ треба да имаме и ние, ако сакаме да му останеме верни на духот на нашите прадедовци. Мислата кон народниот јазик е наш долг и наше право. Ние сме должни да го милуваме нашиот јазик, зашто тој е наш исто како што е наша татковината. Првите гласови што ги имаме чуено се гласовите на нашите татковци и мајки, гласовите и зборовите на нивниот народен јазик. Преку нив ние ја добиваме нашата прва духовна храна, зашто со нив се осмислуваше се што гледаме со нашите очи. Со народниот јазик ние ја освојуваме психологијата на нашите татковци и прадедовци и стануваме нивни духовни наследници, како што сме со снагата нивни телесни продолжувачи. Ако се однесуваме со презир кон народниот наш јазик, ние само им враќаме со неблагодарност на нашите родители за сето нивно духовно гледање и воспитание. Ние имаме право, освен долгот, да го браниме нашиот јазик и тоа право ни е свето. Секој што го напаѓа нашиот јазик ни е исто така наш непријател како и напаѓачот на нашата вера. Верата и јазикот – тоа се душата на еден народ … ;
4.) За православјето. Православјето – најстарата, најраспространетата и основната религија на сите македонски народности, за сожалување, сосем ја загубило од видот својата главна цел да сее братство меѓу народите, да ги облагородува срцата на верниците. Наместо тие благородни задачи, православјето сее само раздор и омраза. Тоа е сега најглавното средство во рацете на разни пропаганди со чисто национални и политички задачи. Православјето во Македонија сега до толку е искривоколчено што и не може да станува збор за една православна црква – сега таму има 3 цркви, но не православни, а: грчка, бугарска и српска. Зошто тоа да биде така?;
5.) За црквата. Зар и црквата не треба да биде: Една, Соборна, Вселенска и Апостолска? Да. Црквата треба да биде имено Една и Соборна, а не српска, грчка и бугарска. Црквата кај нас си ја загубила својата главна цел, па затоа македонската интелигенција и народот имаат полно право да ги употребат сите свои сили за да ја лишат црквата во Македонија од чисто националните цели и да ги вратат овие цели што и ги заповедал нејзе нејзиниот Божествен Основач: да го проповеда евангелието на сите јазици, т.е. на сите народи и нивните јазици
6.) За религиозните пропаганди во Македонија. Ако религиозните пропаганди се постараат да му го попречат на здружувањето на македонската интелигенција и македонскиот народ меѓу себе, тогаш првото нешто што ќе треба, тоа е да се образува во Македонија: Едина, Соборна Апостолска црква, т.е. да се востанови Охридската архиепископија што ќе биде Архиепископија всеје Македонии. Религиозните пропаганди можат да имаат нешто против здружувањето на македонската интелигенција и народот само од национални причини. Ако е така, тогаш природно е оти со барањето црковна реформа ќе се соедини и барањето училишна реформа, т.е. Архиепископијата ќе ја земе во свои раце училишната работа и ќе се сообразува во неа со народноста на својата паства: во грчките епархии и парохии ќе се учи во училиштето и ќе се служи во црквата на грчки јазик; во влашките – на влашки; во словенските – на македонски. Тогаш сите национални и религиозни пропаганди, коишто го цепеа народот на разни групи, непријателски една кон друга, ќе се от стараната и ќе настапи мир за народот, за Македонија, за Турција и за Европа.
И колку да се знае: Мисирков е и прв национален историчар што врз научна база ги постави основите на современата македонска историја, прв национален проучувач на македонскиот фолклор и етнографија, филолог, политички мислител и зачетник на македонската социолошка мисла. Врвен аналитичар на национално-политичките состојби на Балканот, културен деец и емигрант во Србија, Бугарија и Русија. Во континуитет од 25 години ја застапувал тезата дека, без оглед на нејзината задоцнета пројава, самобитноста на македонската нација не е ничиј импорт, некаков идеолошки или политички каприц, туку резултат на историски процес, вернакуларна, автохтона визија, специфична во својот развиток. И токму поради тој факт тој храбро, одважно и често ги употребувал поимите “Македонци“, “македонски народ“ и “македонска народност“(Значи не Коминтерната и Тито– појаснување за политичките хомокретени од Бугарија и Португалија, т.е. ЕУ).
Познат е по мислите: “… Верата и јазикот се душата на македонскиот народ… Љубовта кон народниот јазик е наш долг и наше право. Ние сме должни да го милуваме нашиот јазик, зашто тој е наш исто така како што е наша татковината… ние имаме и право, освен долгот, да го браниме нашиот јазик и тоа право ни е свето…“.
Исто така истакнува дека. ‘’Создаајнето литературен јазик јет дуовна потребност кај нас, со која се мислит да се клаит крај на злоупотребите на пропагандите со нашите интереси, со кој требит да се создаит свој литературен и научен центар’’. Оваа мисла што тој ја изрече во годината на Илинден е филозофијата на милениумски опстој на Македонците. Ова е национална стратегија за нација, јазик и држава изразена само во неколку мисли. И да не заборавиме: Тој прв опоменува дека ако некој ни гиба во јазикот, значи ни пика прст во нашата душа. Затоа тој е историското око на Македонија, и нашиот завет е вечно да дишеме на македонски.
Заклучок: Македонскиот јазик научно е кодифициран со научната студија “За македонцките работи“ (јазикот на еден народ е негово духовно богатство и наследство во кое се заклучуваат отпечатени во гласовни знакови или зборови сите народни мисли, чувства и желби со коишто има живеено и живее еден народ и коишто се предаваат како нешто свето од едно поколение на друго) а таа кодификација државно е потврдена од АСНОМ 1944 година.

Пишува: Сотир Костов

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This