Новоизбраниот претседател Мицкоски, истакна дека главна цел му е консолидацијата на партијата и победа на следните парламетарни избори.

– Сега е време да станеме сите заедно, ВМРО-ДПМНЕ, го очекува тоа од нас, а Македонија – нашата татковина, го бара тоа од нас. Потребен е нов елан и нова енергија, зошто нашиот народ бара светлина и надеж, бидејќи ова што се случува не е светлина, туку темнина и разочарување, рече Мицкоски.

Додаде дека ја замислува Македонија како земја на среќни граѓани, економски просперитетна. Рече дека ќе се залагаа за технолошки развој, инвестиции, подобрување во образованието, здравството, намалување на невработеноста, правичност и независно правосудство

Им забележа на СДСМ за безидејност, економски колапс и пад на стандардот на граѓаните.

– Членството во ЕУ почна да се користи за протоколарна цел која се спомнува на досадни состаноци на кои мора да се разговара на оваа тема. Патот на Македонија е членство во ЕУ и НАТО, а за тоа треба реален напредок, реално решавање на проблемите по пат на дијалог, рече Мицкоски.

Ги отфрли обвинувањата дека ќе биде нечија марионета, додавајќи дека тоа ќе го потврди со неговата работа и залагања.

– Ќе наметнам нов начин на функционирање, силно темпо на работа, ќе користам совет од сите, ќе носиме одлуки заедно, ќе се борам за нашата заедничка идеја. Ветувам и нема да ве разочарам, рече Мицкоски.