April 16, 2024, 11:44 am

Мора да признаеме: Бугарија е сепак во право!

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Каков неодговорен народ сме ти биле ние! Токмаци! Софија  150 години прави разни мајмунлаци за да бидеме Бугари а ние пет пари не даваме. Бугари, ееееј! Ако веќе толку не сакаат, ако се под опсесија заради нас и дури со Хитлер станаа побратиме за да не премислат а ние, топуци првокласни, ги игнорираме. Невидено. Иако Бугарите се квази Словени, испружената пријателска рака требаше и мораше одамна да ја прифатиме. Дозволивме таа да се исуши и сега се чудиме што никој не ја контролира и е како интерпланетарен брод со непрокопсани пилоти кои можат се’ да блокираат. А Борисов и Каракачанов (Захариева е само ситно пионче во гнасните раце), длабоко навредени и збунети што нивните вековни будалштини останале без наш братски одговор, продолжуваат да влечат потези како се’ уште да се во 19-тиот век. Заради нас, тие друг избор немаат: ги напикавме во калта и се’ подлабоко пропаѓаат.

Некои, недоквакани, ги критикуваат нашите постари источни “браќа“ за фашизмот. Каква кусогледост: тие заслужуваат светски признанија за тоа. Зарем некому не му е јасно дека ако Бугарија не беше со Хитлер и Мусолини тие најверојатно ќе победеа. Токму пактот со Софија беше причината што беа уништени бидејќи сите сојузници на Софија завршувале на ѓубриштето на историјата. Последен беше СССР. Ако Брисел не го сфати тоа, и НАТО и ЕУ ги чека истата судбина. Благодарејќи на случајот со Македонија, сега имаат добра прилика да расчистат со Бугарија и да се спасат од повторувањето на историјата. Додека е време. Само Македонија не треба да им го прости фашизмот бидејќи со него не “ослободија“!

На Бугарите навистина не им е лесно со нас, вакви никакви какви што сме. Ако веќе придавката македонски/а/о ја баталивме во Преспа, зошто сега си играме мајтап со Софија? По смрт ли ќе изигруваме живот? Ако  МИА, од Македонска… стана Медиумска…; ако МОБ, од Македонска опера…, стана Национална… што, како процес на само жртвување, секако го јакнеше нашиот национален идентитет… зошто сега ја малтретираме Бугарија? Имаме ли ние некоја доследност во идиотизмите кои ги правиме? Ова е извонредна шанса дефинитивно да се откажеме од овие, за нас, клучни придавки кои веќе им ги подметнавме на Грците. Ако некој покрене судски постапки против владеењето на Александар Велики, ќе мора да се расправа со Грција, која тој ја освојуваше како докажан Грк и ние нема да имаме никакви проблеми. За среќа, Атина воопшто не е свесна како ги насукавме во Преспа.  

Бугарија, пак, сосема е во право што сака дефинитивно да го закопа македонизмот за да престанеме да ги вознемируваме регионот, Брисел и особено Вашингтон, кој толку добронамерно сака да не истреби. Впрочем, не заслужуваме ништо подобро кога сме запнале да го докажуваме тоа што се гледа од Марс а добро знаеме дека таа вистина не им одговара на светските моќници и е спротивна на нивните нелегитимни и нелегални интереси, кои насилно насекаде ги наметнуваат. Кои сме ние да не го прифаќаме тоа кога силата одлучува? Во демократијата нема подобра алатка од неа за обезбедување на човекови права и слободи.

Ние сме најобични натрапници кога не можеме да разбереме дека непростлива грешка е да не ја стрижиш  овцата која тоа го сака и очекува. Причините не се важни. Ако не е членство во ЕУ во прашање, може било што друго. Крајна неодговорност е, пак, ако најдеш будали врз кои можеш да си ги исполниш сите лажни и налудничави соништа, тоа да не го правиш. Затоа е Софија во право. Видоа како се’ за џабе и распродадовме на Атина и тие застанаа во редот. Како гордо се фалеше Радован Трети – член на библиотека! Истото уште повеќе важи за членство ЕУ, која е пример за двојни стандарди, непринципиелност, недоследност и марионетско однесување кон САД. За разлика, во Преспа, ние веќе докажавме дека сме целосно национално “одговорни“, иако остана нејасно што подразбираме под идентитет, историја, културно наследство… и чии такви вредности треба да се бранат – нашите или на душманите? Појасно кажано, се однесувавме како фудбал да се игра за да се прими гол, а не за да се даде. Паралелно, треба да им се восхитуваме на Бугарите кои посветено ги следат фантазмагориите на власта, на која се’ и е јасно, како да ја советува баба Ванѓа. Тоа се луѓе кои со леснина, во 21 век, ги вратија фашизмот и шовинизмот. Македонија е само повод а вавилонската ороспија е секогаш иста.

Горе долу тоа е мозаикот во кој денес се наоѓа Македонија. По колосалниот успех во Преспа, бришејќи се’ македонско, го зацементиравме нашиот национален идентитет како во најексклузивни гробишта. Потврда за тоа е што на погребот ни дојдоа главните лидери на меѓународната сцена (Меркел…). Така, го потврдивме космополитизмот, по кој сме познати дека менуваме коњ за кокошка, што би рекол Влахов – Мицов. И, навистина, треба да си недоквакан ако не продолжиш по истата славна патека. За среќа, “нашиве“ политички аматери имаат посебна дарба за тоа а Софија несебично им пружи ексклузивна шанса и можност за нова капитулација и предавство на фундаменталните национални интереси. Ретки се случаите, ако воопшто и ги има во светската историја, некоја држава да има три пати шанса да биде национално уништена во период од само неколку години. И, што е најчудно, политичарите да се фалат со тоа.

Третиот елемент е законот за албанскиот јазик со кој се минирани темелите на современата македонска држава. Ние треба да бидеме преблагодарни што, покрај Грците и Бугарите, и Албанците стриктно ги извршуваат прецизните американските директиви за дефинитивно затворање на вековното “македонско прашање“. Тие се однесуваат така не верувајќи дека целосно се реализира Призренската лига иако главната придобивка е што со создавање на Голема Албанија долгорочно се минира безбедноста на Балканот. Добро е што како лојален вазал, ЕУ воопшто и не помислува да ги оспори интересите на САД кои, на крајот, скапо ќе ја чинат. Балканот треба од остане бурето со барут за полесно да се манипулира стариот континент.

Треба да бидеме пресреќни што нашите незаменливи и благородни “стратегиски партнери“, во Вашингтон, кои бесрамно не прекрстија и однародија, сметаат дека е премногу ризично физички да не сотрат. Од Косово, повторно лесно можат да ни “испратат“ ослободители ама тоа е опасно бидејќи, не дај Боже, отвора простор за враќање на Русија а поголем баксуз од тоа за нив – нема. Така би им паднале во вода сите досегашни успеси кога, со НАТО членки, ја опколија и изолираа Москва, иако свечено ветуваа дека, ако се обедини Германија, нема да го шират НАТО на Исток (Џејмс Бејкер – Горбачов). Свесни, пак, со какви јалови овци си имаат работа во Македонија, САД одбрале полесен план. Место со топови, при што и некој нивни би заминал кај Свети Петар, вака, чекор, по чекор, Македонците ги фрлаат во топли и искрени бугарски прегратки на крајно мирољубив начин. Ѓаволот, меѓутоа, ниту ора ниту копа. Софија се прецени, сметајќи дека со уцени, блокади и ултиматуми може набрзина да го постигне невозможното и веднаш да не прогласи за Бугари. Ако не нас, барем нашите родители и дедовци, со што ни создаде јанѕа: како можеа тие да не лажат, своите чеда, дека се Македонци а да ти биле “Бугари“?

 Деловите каде нема “Бугари“, кои во договор со Вашингтон Тирана официјално ги нарекува “албански територии“, со бришење на границите ќе се отворат кон Албанија и Косово. Формално, државата ќе опстане, благодарејќи на опасноста од Русија и така, ем “македонското прашање“ ќе биде затворено со бришење на Македонците, ем сите Албанци ќе живеат во една држава.

Овие блескави планови се можни бидејќи “нашиве“ аматери ги игнорираат политичките последици од нивните безумија. Добро е што премолчуваат дека заедничка историја не можат да имаат два народ туку само еден а одлично е што мавтаат дека македонскиот јазик “според Уставот на земјата“, станува поважен фактор иако, во суштина, таа формулација значи дека јазикот не постои, дека го нема, дека е измислен. Ако не се однесувавме вака софистицирано, Софија не само што ќе ни поставеше вето во Брисел туку, најверојатно, ќе го испратеа и најавениот полк да не среди. Како што се гледа, нема бегање од измислената бугарска вистина.

За крај, да констатираме дека привремените отпори дека Делчев не е Бугарин се надвор од умот. Заедно треба да ги славиме и него, и Илинден, и сите други настани сврзани со нашите херои кои живееја во Бугарија. Софија е свесна дека Гоце и другите се бореле за Македонија и тоа го признаат ама тврдејќи дека тоа било за бугарска Македонија. Впрочем, само така можат да ги потврдат своите аспирации кон Македонија и Македонците. Сите тие немаат никакви други заслуги за Бугарија и, во спротивно, требало да ги судат како предавници. А сега, како да признаат дека тие биле Македонци кога за нив такво нешто  воопшто немало и не може да има? Со тоа, станува кристално јасно дека малцинство не е ни теоретски можно. Гледате дека Софија е повторно во право. Се’ е толку очигледно, ама кој да сфати: тие што имаат заедничка историја имаат и обврска заедно да ја одбележуваат. Ако целосно не го рехабилитираме Сан Стефано, ништо не сме направиле.

 По целесообразно би било да испитуваме како успеал Тито да не трансформира во Македонци? Како не натерал да го научиме северо-источинот и југо-западниот бугарски дијалект како македонски јазик? Дали праќал учители во секое семејство? Имало ли отпор на насилната македонизација? Оние 20.000 Бугари, за кои Софија ја извести цела Европа, да не биле убиени во тој процес на свирепа дебугаризација? Дали биле тие неосвестени Македонци?… Секојдневна мора да биде нашата благодарност кон ЕУ, САД, Германија… бидејќи не заземаат страна и само не тераат да се договориме со Бугарија за тоа кои сме и што сме и кој јазик го зборуваме. Исто како и во случајот со Грција. Веќе имаме искуство со капитулации. Се си има своја цена а не ни ја кажуваат оти е непристојна, безобѕирна и бескрупулозна? Неколку дена по неговиот “историски“ интервју, Заев доби писмо од Рикер, како отворана поддршка. Да се знае што е што. Еве, кажете и вие зошто Софија би попуштила, кога е апсолутно во право?

Пишува: Ристо Никовски

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This