April 19, 2024, 11:16 pm

НАЈГОЛЕМИОТ ПРАЗНИК НА СЕМЕЈСТВОТО: Бадник е ноќта на мирот, радоста и сплотеноста

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Бадник е ноќта на мирот, радоста и сплотеноста, кога будни го чекаме раѓањето на Христос. Секое православно семејство во своите домови украсени со бадникови гранчиња симболично ја очекува веста за раѓањето на Исус Христос, а кога ќе дојде големиот празник Божик, ќе си честита со зборовите “Христос се роди – навистина се роди”.

На Бадник, рано наутро, во секоја куќа се слуша гласот на децата-коледари, кои со коледарските песни за здравје и бериќет го симболизираат гласот на ангелите за раѓањето на Исус Христос. Домаќините им даваат костени, ореви, јаболка, круши за да го зачуваат овој убав обичај кој се пренесува од колено на колено.

Бадник е празник за семејството. На овој ден не се оди на гости и сите треба да бидат во своите домови покрај најблиските. Според традицијата, вечерта целото семејство се собира околу бадниковата трпеза, која треба да биде празнична и богата, но задолжително посна. Бадник го означува крајот на 40-дневните божикни пости. Домаќинките приготвуваат тавче-гравче, риба, сарма, питулици, компири, а ставаат и овошје за трпезата да биде побогата.

Обичаите се разликуваат во зависност од местото, но речиси на секоја трпеза присуствува домашна погача, лепче или популарно нареченото кравајче, во кое се става паричка. Откако ќе се прекрсти, домаќинот на куќата го разделува лепчето на членовите на семејството, но притоа остава едно парче за Бога и едно за куќата. Се верува дека оној кој ќе ја пронајде паричката, ќе го следи здравје, среќа и успех во годината што претстои.

По вечерата, храната не се трга од масата, затоа што се верува дека Господ ќе дојде преку ноќта да се нахрани. Некои пак ја оставаат храната затоа што веруваат дека ќе дојдат духовите на оние кои повеќе не се меѓу нас.
Бадник е ноќта на мирот, радоста и сплотеноста, кога будни го чекаме раѓањето на Христос.

Раѓањето на Исус Христос

Пред породувањето, Пресвета Дева Марија заедно со Праведниот Јосиф дошла од Назарет во Витлеем поради пописот на населението што се спроведувал во целата Римска Империја. Бидејќи тогаш во Витлеем пристигнале многу луѓе, Јосиф и Марија не можеле да најдат преноќиште поради што се прибрале во некоја пештера која овчарите ја користеле како прибежиште за овците. Тука, ноќта, меѓу саботата и недела, Марија го родила синот. Кога самата го повила во ленени пелени, му се поклонила како на Бог и го ставила во јаслите. Бидејќи на Новороденчето му се поклонил и праведниот Јосиф, на поклонение кај Спасителот доаѓале и овчарите од околината кои го слушнале и пеењето на ангелите: “Слава на Бога на висините, а на земјата мир и меѓу луѓето добра волја” (Лк. 2, 14).

Водени од чудесната ѕвезда, во пештерата дошле тројца мудреци од Персија, Арабија и од Етиопија и го дарувале

Новородениот Бог со злато, темјан и со смирна. Тие мудреци припаѓале на безбожничка црква која го проповедала доаѓањето на Исус Христос и која подоцна Светото крштение го примила од апостолот Тома. Според пресметувањето на црквата, Исус Христос бил роден на 25 декември 5508 година од создавањето на светот.

Денес, од црковен аспект, одредени христијански празници се ставени на повисок ранг во однос на преостанатите, па оттука се наречени и големи празници. Меѓу нив, многу значајно, а можеби и најзначајното место му припаѓа на христијанскиот празник Божик. Но во првите три века од настанокот на христијанството не само што на Божик не се изведувале никакви светковини, туку не постоела ни реална потреба од негово славење. Всушност, првите христијани не придавале никакво значење на телесното раѓање, бидејќи се сфаќало како уште еден тажен факт, односно дека е роден уште еден грешник.

Тие биле навикнати на прогоните и страдањата за својата вера, па сметале дека смртта, доколку човекот за својот земски живот ги исполнил деновите и годините со доблести, во основа претставува негово ново раѓање. Според нив, крштевањето било еден вид духовно раѓање, кое се сметало како почеток на патот кон христијанските доблести. Од тие причини, во првите три века од христијанството било придавано повеќе значење на Христовото крштевање отколку на Христовото раѓање.

Првото празнување на Христовото раѓање е извршено во Рим во 354 година (четврти век), кога Божик бил издвоен од празникот Богојавление, со кој дотогаш заеднички бил прославуван.

До ден-денес науката не дава точен податок за точниот ден на раѓањето на Христос. Според едни (грегоријански календар) тоа е 25 декември, а според други тоа е пет-шест години пред датумот што е општоприфатен насекаде.
Празникот Божик ги потиснал дотогашните многубожечки светковини, посветени на раѓањето на богот на Сонцето, кои се одржувале на истиот датум (25 декември), значи по зимската краткодневица, кога силата на сонцето станува се поприсутна, а денот станува се подолг.

Се до денешен ден, Божик зачувал многу остатоци од претхристијанското време, така што по мноштвото обичаи и пригодни обреди се одвојува од преостанатите народни празници.

КОЛЕДЕ – Колед бог

Некои лингвисти-етимолози, проучувачи на потеклото на зборовите, сметаат дека зборот “коледе# доаѓа од старословенското божество Колед бог. Тоа се потврдува во некои пишани извори како: “…се поклонува на Давор бог и Колед бог”.

Ви пренесуваме помалку познати обреди и ритуали од Македонија.

Полазувачи кои го најавуваат раѓањето на Бог
Околу Божик постоел и постои обичај кога машки обредни поворки “коледари# кои оделе по куќи и пееле обредни песни – во кој секој текст завршувал со зборот коледе.
Коледарите носеле стапови т.н. коледашки, а во егејските делови биле наречени палици или топусче. Коледарите на домаќините им посакувале здравје, среќа и берикет, а домаќините ги дарувале со подароци: колачиња, ореви, бадеми, јаболка.

Домаќинката преку коледарите фрлала трипати од овошјето, житото и ситните пари, благословувајќи: Да рипаат дечиња, јариња, јагниња, телиња, и се што е живо в куќи да е здраво и да се плоди.
Во село Вртешка, Радовишко, по коледарите се фрлало жар и разно жито, кое потоа кокошките го колвале за да неселе многу јајца.

Во село Пиперево – Лакавица, додека домаќините ги дарувале со колачиња и со разни плодови, коледарите требало да блеат како јагниња – “за да се раѓаат многу јагниња”.

Во село Крушово, Виничко, коледарите ја пееле “Тика, тикар, Коледе”, и влегувале во куќата носејќи со себе слама која ја оставале крај огништето и кај стоката за да се плоди.

Коледашки – коледарски колачиња

Освен обредните лебови: кравајче вечерник, и коледашки, се месел и обичен леб – погача. За време на обредната вечер на масата задолжително имало и ореви, костени и јаболка, смокви, леблебии за да има изобилство, затоа што требало да биде голема вечера “сита вечера”. Од тие причини се велело: “Ќе трпиш, на Бадник ќе купиш”. Од кисело тесто домаќинката правела разни форми на коледарски колачиња, посебно за машките, а посебно за женските деца наречени куклички или пипенце.

Во пределот Скопска Црна Гора, исто така постоел обичај да месат лек “бадњак” или “б’дњак”, кој бил украсуван со шари од тесто и во него ставале паричка. Додека го месела домаќинката стоела на слама ‘ржаница. Утредента, таа слама ја врзувале за овошките за да родат плод. Лебот бадњак го јаделе за време на вечерата и оној кој ќе ја нашол паричката, ќе бил среќен преку цела година.

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This