НЕМА НИШТО ЗНАЧАЈНО ЗА ДА ИМА ЛИДЕРСКА СРЕДБА:Заев и Димитров на отчет кај Иванов и Мицкоски

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Лидерска средба за името нема да има, туку премиерот Зоран Заев и министерот за надворешни работи Никола Димитров ќе ги информираат претседателот Ѓорѓе Иванов и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, за текот на преговорите со Грција, пишува Независен.

„Верувам дека веројатно ќе има средби, односно меѓусебно информирање од страна на министерот за надворешни работи и од моја страна и на претседателот на државата и на шефот на опозицијата, заради тоа што тие заклучуваат дека навистина нема нешто толку значајно што би било основа за лидерска средба. Ние тоа го почитуваме. За нас е важно да бидат сите информирани и да ги споделиме идеите за следните стратегиски чекори“, изјави вчера претседателот на Владата.

Редот е, како што рече, не само да се информираме, туку и заемно да се консултираме за стратегиите и чекорите што ќе ги преземеме за конечно да очекуваме национално единство и консензус во државата по вака важни прашања. Заев потенцираше дека водат транспарентен процес и оти граѓаните треба да го знаат тоа.

„Точно е дека постојат разлики од самиот почеток, постоеле и 27 години, но исто така е точно и дека има исчекор во преговарачкиот процес. Секако, до крај не се решени работите. Но, прво е добро што граѓаните од двете земји се прилично упатени, второ што никогаш не постоеле подобри услови за преговарачкиот процес ниту, пак, поголема извесност за изнаоѓање решение на овој горлив проблем“, рече Заев.

Вели дека тој само испраќа порака дека треба да се продолжи посветено со заемна грижа за позициите на другата страна од преговорите. Тврди дека воопшто не размислува што ќе се случи доколку не се дојде до решение.

„И во тој случај, веројатно ќе продолжиме со разговорите. Реформите и економијата ќе продолжат во државата. Ова е важна лента по која се води Македонија, а и неколку други ленти паралелно се отворени. Знам дека и да не најдеме решение за проблемот со Грција мора да градиме пријателство. Јас ќе продолжам да градам пријателство, ќе подавам рака и ќе се обидувам за два, за пет месеци, за една година да се изнајде решение. Искрено посакувам да се најде решение заради тоа што имаме многу да работиме во иднина како соседски земји. Имаме многу што да подобриме во интерес на граѓаните меѓу двете земји, така што претстојат многу други задачи покрај овој проблем кој постои меѓу двете земји“, заклучи Заев.

Се очекува средбите со Мицкоски и со Иванов да се реализираат по посетата на високите бриселски гости: Јоханес Хан и Федерика Могерини, кои во наредните денови ќе престојуваат во земјава. Високата претставничка за европска надворешна политика и безбедност, како и еврокомесарот за проширување доаѓаат еден ден по објавувањето на извештајот за напредокот на Македонија, а в четврток ќе имаат обраќање во Собранието.

Лидерска средба, на која требаше да учествуваат и првиот човек на ДУИ, Али Ахмети и парламентарниот спикер Талат Џафери, се најавува петнаесетина дена, односно по средбата на Димитров и Коѕиас во Виена со медијаторот Метју Нимиц, по која Заев изјави оти е поголем оптимист за решение на спорот. Тогаш беше најавено дека лидерска средба ќе има по велигденските празници, односно на 10 април, но до тоа не дојде. Никој не кажа зошто. Во Грција, на пример, властите и опозицијата веднаш седнаа на маса за да видат како стојат работите.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, вчераутро ни изјавија дека лидерска средба може да има, но само доколку Владата и нејзините претставници имаат некој нов момент од преговорите што сакаат да го споделат.

„Во спротивно, нема потреба од среќавање и протоколарно фотографирање“, децидни се од опозицијата, иако изминатите денови излегуваа со изјави и поплаки дека не се информирани за што преговара владата и какви отстапки прави.

Неофицијално, коментираат дека многу веројатно Заев и неговиот грчки колега Алексис Ципрас се пред договор, но оти сега се темпира времето и се подготвува теренот за вестите да им бидат соопштени на граѓаните. Не се начисто колку евентуалното решение ќе ги заштити македонските национални интереси, идентитетот и јазикот. Опозиционерите потенцираат дека во своето последно интервју Заев рекол дека е подготвен да го реши спорот за името, макар тоа значело крај на неговата политичка кариера што, според нив, е знак оти јавноста и граѓаните ќе бидат гневни од постигнатиот компромис.

„Во спротивно, зошто би се повлекувал? Баш напротив…“, размислуваат во ВМРО-ДПМНЕ.

По средбата во Виена, министерот Димитров ги информираше премиерот и претседателот на парламентот, Талат Џафери, на одвоени средби, но не одржа такви средби ниту со претседателот на државата ниту со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. На 27 јануари годинава во Клубот на пратениците се одржа досега единствениот координативен состанок на државно-политичкиот врв во врска со разговорите за името на кој присуствуваа претседателот Ѓорге Иванов, премиерот Зоран Заев, лидерот на ДУИ, Али Ахмети и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

2 КОМЕНТАРИ

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This