ОДНОСОТ НА ОХРИДСКАТА АРХИЕПИСКОПИЈА И МОСКОВСКАТА ПАТРИЈАРШИЈА: Историските односи помеѓу Македонија и Русија!

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Во VIII и IX век на политички и црковен план се случиле низа настани што предизвикале многу проблеми во Византиската држава, која морала преку црковно – просветна дејност да успее да добие свои пријатели на север, па тоа се случило кога Ростислав, кнезот на Моравските земји побарал мисионери од тогашниот византиски владетел Михаил, кои ќе успеаат да го покрстат и воведат словенскиот народ во христијанската вера и тоа преку нивниот мајчин јазик

За таа цел лично од владетелот за апостолска мисија кај другите народи, а посебно кај словенскиот свет, биле избрани светите браќа рамноапостолите Кирил и Методиј. Тие се две небески светила, кои светнале како утринска ѕвезда. Со право се нарекуваат солунските или словенски апостоли, учители и просветители. Нивното дело е длабоко всадено во животот на сите Словени, зошто – „Ги изведоа од многу мрачното ѓаволско море… и наоружани со вистинска вера, со силата на крстот и со помошта на перото и разбирливиот збор“, успеале од најпростиte пагански племиња да создадат народи, кои упатени во вистинската богоразумна светлина, со текот на времето ќе застанат на рамна нога со останатите цивилизирани народи.
Голема е нивната заслуга во мисионерската дејност, што ја вршеле скоро насекаде, борејќи се со разните ереси и расколи. Нивното дело до ден – денес е зачувано не само во теологијата, туку и во сите сфери на животот. Тие не биле само духовни учители на народот, туку и просветители и носители на знаењето и културата при Словенските земји. Создавале и твореле преку целиот свој живот. Ја создале првата словенска азбука – глаголицата, а потоа како реформација на истата се јавува другата, подоцнежна, под името – кирилица. Впрочем целиот свој живот го предале на Христа, Македонија и на Словените, афирмирајќи ги и просветлувајќи ги во вистинската, спасоносна Светлина.
Сето тоа се случувало по Божја промисла. Бог промислил во почетокот од Македонија, од овие наши простори да започне просветата и христинизацијата на сиот словенски род, така што најважен извор за понатамошниот тек била азбуката на словенски јазик и преведените први книги, кои биле благодатен квас, коj потоа дал огромен плод. Тој огромен плод е успешната мисија, бидејќи подготвените свети браќа заедно со своите ученици длабоко на север успеале да ја создадат првата словенска Црква, Архиепископијата, која најпрвин била востановена во Моравија, па дури потоа во Охрид.

Овие факти ја посведочуваат очигледната вистина дека токму од овие простори датира почетокот на општословенската култура и писменост, кои се во нераскинлива врска и најпрепознатливиот белег и постојаност на врската меѓу Македонија и Русија – Охридската архиепископија и црквата во Русија. Мноштвото заеднички белези на културно и историско поле го зајакнуваале низ времето односот меѓу Охрид и Киев, односно Москва.

Тие врски помеѓу Македонија и Русија, односно помеѓу Македонската православна црква – Охридска архиепископија и Руската православна црква – Московска патријаршија како што до сега напоменав датираат од многу одамна, од времето на сèсловенските просветители и рамноапостоли Светите браќа Кирил и Методиј. Всушност првите контакти се случиле за време на црковно – просветната и културната мисија кај Хазарите на Кавказ. Тоа е сосема разбирливо, затоа што Хазарското Царство се наоѓало на територија до границата со Киевска Русија, каде што живеело исклучиво словенско население. Има разни тврдења за тоа кај се наоѓало Хазарското Царство, но се смета дека тоа било географски лоцирано и се простирало на територијата од Каспиското до Аралското море, а особено по долното течение на реките Волга и Дњепар, па сè до северните предели на Кавказ. Таа територија била населена со племиња, чиј етнички идентитет бил различен, но меѓу нив доминирале Словените и словенскиот дух.

Првите сведоштва за создавањето на односите, поточно за просветната и црковна дејност на светите браќа Кирил Философ и Методиј ги црпеме од стари преписи на нивните житија и служби. Исто така важен дукумент е рускиот летопис, под наслов „Повест времених лет“, кој го составил некој монах Нестор (1054-1114), собрат во Киевско – печерскиот манастир. Овој летопис, кој датира од XI век е од особено големо значење, бидејќи во себе содржи особено важни информации за мисијата и успехот на словенските просветители, кој го имале во поглед на ширењето на христијанството и на словенската писменост и култура во тогашните руски земји. Тоа дело навистина било големо, а тоа најнапред можеме да го заклучиме од фактот дека за време на престојот во тие краишта, освен Светото евангелие биле преведени и останатите богослужбени книги како што се: Апостолот, Октоихот, Псалтирот и др. Со самото присуство и употребата на тие книги во свеста на рускиот човек започнале постепено да навлегуваат сознанијата за постоењето на големата архиепископија – Јустинијана Прва.

Нивното дело, кое незадржливо се ширело меѓу словенското и несловенското население на Кавказ, во Киевска Русија и Московска Русија, одиграло значајна улога и тоа најповеќе во времето на покрстувањето на рускиот народ на тие простори. Имено, просветителството го забрзало тој процес и довело до културен препород на новохристинијазираните словенски маси. Култот кон просветителите се родил во IX век и постепено растел, па со право Успенскиј заклучил: „дека култот кон светите солунски браќа Кирил и Методиј бил толку голем, па за да не се заборави тоа што тие го направиле за Русија и за рускиот народ, со указ на Успенскиот собор (Москва, почетокот на XII век), било решено секоја година на 11 мај да се празнува во нивна чест, прогласувајќи го тој ден за традиционален празник“. Со овие зборови е опишана почитта кон рамноапостолското дело на словенските просветители, а соборското решение било внесено и во Пертоменскиот зборник. Исто така биле ценети и делата на нивните свети ученици. Уште на почетокот на X век рускиот народ преку делото и житијата на светите браќа како и на нивните свети ученици имале длабоко знаење за Охридската книжевна школа.

Од голема важност за оваа тема е историскиот момент во 971 година кога Бугарија била потчинета од Византија, а со тоа и црковната јурисдикција била вратена и подвластена од Цариградскиот патријарх, но по четири години избувнало и востанието на комитопулите во Македонија и Самоил го создал своето царство со центар во Охрид. Токму во тоа историско време кога единствена блиска словенска православна држава и црква е Самоиловата, во стара Русија настанало покрстувањето на Русите и примањето на словенската писменост. Тоа се случило во 988 година. Во прилог на овој факт, сведочат и сознанијата на познатиот руски славист и историчар М. Д. Приселков (1881-1941), кој во 1913 година ја истакнал тезата за улогата на Охридската архиепископија во конституирањето на руската црковна хиерархија. Тој рекол: „Киевска Русија ја примила христијанската вера – не од Византија, туку од рацете на охридскиот архиепископ“ , а како резултат на тоа „Руската црква била една од епархиите на старата Охридска архиепископија“. Според него, во тоа време Русија немала некои цврсти и постојани врски со Византиската империја, па и христијанството, кое што тие го примиле мошне се разликувало од она кое било раширено во византиските теми.

Се смета дека овие свои сознанија овој научник ги темели врз основа на неговите научни истражувања, кои ги правел на почетокот на XX век и врз основа на многу стари летописи. Еден од најсилните аргументи со кој го потврдува овој доказ, а ни го дава е тврдењето, кое датирало од старите руски летописи, во кои пишувало дека: „руската кнегиња Олга и нејзиниот внук, кнезот Владимир, биле покрстени во Охрид, и тоа таа во 955, а тој во 987 година“. Овој податок и не е напишан онака без никаква основа, бидејќи Олга имала смисла да води итра дипломатска политика. Таа била првата руска жена, која што сама се вовела во христијанството и за да се зачува нејзината независност и да се здобие со самостојност во црковните работи бегала од византиската црковно – политичка концепција, па од тие причини се смета дека наместо во Цариград, заминала во Охрид, каде што бил концентриран целосниот духовен живот на словенските народи, па токму и заради тоа сметала дека нејзиното покрстување од таму, можело да допридонесе да се забрза процесот на христинизација на Русија.

Но, целиот триумф за христинизацијата на Руската држава му го препишуваат на Олгиниот внук, познатиот кнез Владимир, чие што покрстување во Охрид уште повеќе допринело за зацврстување, проширување и за збогатување на врските помеѓу Киев и Охрид. Приселков уште смета дека тие врски се надоградиле уште повеќе бидејќи „кога бил ракоположен првиот руски митрополит Теопемт, во 1037 година, Руската црква ѝ била потчинета на Охридската архиепископија“. Исто така и други руски историчари ја потврдуваат оваа теза со тоа што сметаат дека јурисдикцијата на Охридската архиепископија над Руската црква останала и по паѓањето на Самоиловата држава под Византија во времето на Василиј II. Приселков смета дека и канонизирањето на првите руски светци Борис и Глеб било извршено од страна на Охридскиот архиепископ Јован Дебарски, кој се упокоил во 1037 година.
Некои од овие претпоставки си имаат свои конкретни аргументи од пишаните споменици. Слободно можеме да кажеме дека постоеле раширени дипломатски врски помеѓу царот Самоил и кнезот Владимир во времето на покрстувањето на Русите, кои не се воопшто проучени. В. Мошин укажува на фактот дека од Македонија им се испратиле мисионери на покрстените источнословенски браќа, и тоа словенски свештеници со словенски книги. В. Б. Шкловски ни дава некои тези за наводни роднински врски на Самоил и Владимир по линија на неговата прва жена, мајката на светите Борис и Глеб, но тоа е само една од многуте непроверени тези. Со сигурност се знае за неговиот брак со Ана, сестрата на императорот Василиј II и за покрстувањето во 988 година и тоа со учество на Константинопол. Мошин пишува за одењето на епископот Леон во Русија по овој настан со цел за организирање на служба на словенски јазик. Не ни се јасни односите на Охридската архиепископија со Константинополската патријаршија, па затоа доста оспоруваните тврдења и тези на Приселков секако дека заслужуваат барем мало внимание, тргнувајќи од фактот дека просветата во Русија веднаш започнала на црковнословенски јазик. Тоа го сведочи Л. Лебедев. Од сето ова несомнено е точно дека словенската писменост во Русија е пренесена сугурно преку Охридската архиепископија.
Понатаму врските на Охрид и Киев ги одржувале монасите. Низ целокупната историја, па и денес можеме да сретнеме македонски монаси во Русија, но и руски кај нас. Особено руските монаси биле привлечени кон овие простори од велелепноста на Света Гора.

За време на турското ропство, а особено во периодот кон крајот на XVI век тешката и крајна сиромаштија, која надвиснала на вратите на Охридската архиепископија добринела за повторно обновување на врските со Русија. Тогаш многу од Охридските архиепископи и митрополити оделе во европските земји и барале помош и го запознавале светот за состојбата на Балканот. Еден од првите архиепископи, кој бил во посета на Русија е архиепископот Гаврил, кој во 1572 година го посетил рускиот цар Теодор. Така во периодот од 1585 година до 1650, само за 65 години десет охридски архиепископи заминале во Русија, а додека во XVIII заминале само тројца архиепископи.

Врските се постојано континуирани низ вековите, па ни малку не е случајно што во 1905 година Мисирков во списанието „Вардар“ ја истакнал големината на славистиката. На Руско поднебје дејствувале многу македонски преродбенски дејци, како и научни друштва.
Денес се случува пад на црковните односите, но сепак во полето на просветата се постигнати договори за размена на студенти – теолози и скоро секоја година се случуваат дипломатски средби помеѓу делегации од политичкиот како и од црковниот врв на двете земји.
Со овој текст за македонско – руските врски и односи сакаме да укажеме на значењето што го имала токму Македонија, односно Охридската архиепископија во историјата на Руската Црква.

2 КОМЕНТАРИ

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This