Канцеларијата на Обединетите нации во Црна Гора е загрижена за влошување на ситуацијата во врска со устоличувањето на митрополитот Јоаникиј и посетата на српскиот патријарх Порфириј, изјави координаторот на ОН во Црна Гора, Петер Лундберг.
„ОН во Црна Гора се загрижени за зголемената напнатост и реторика на поделби пред устоличувањето на митрополитот на Црна Гора и приморјето во Цетиње. Ги повикуваме сите, особено оние на позиција на авторитет и влијание, да дадат директен придонес за смирување на тензиите и градење доверба со нивниот пример“, напиша Лундберг на Твитер.
Тој додаде, како земја -членка на ОН , Црна Гора покажа силна посветеност кон вклучување, почитување на различните мислења и заштита на човековите права на сите.
„Ова е момент за сите ние да се потсетиме на важноста од прифаќање на различноста и взаемно почитување во духот на овие заеднички вредности“, напиша Лундберг.