ОПАСНИ ИГРИ НА БОЛНИТЕ УМОВИ: Кострукциите од Фабриката за афери на СДСМ со тежок дефект!

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Случајот со министерот Диме Спасов уште еднаш докажа дека во опозицијата има многу болни умови, кои со опасни игри очајно се обидуваат да се дограбат до власт, но и дека истите тие ги живеат своите пет минути благодарение на опозициски пера, кои се во тесна врска со СДСМ и со Сорос. Фабрикуваниот скандал воопшто не е нешто ново од кујната на Павел Шатев, токму затоа треба да се анализира како дел од низата опасни лаги произведени оттаму со цел уривање на државните институции, хајка против раководството на ВМРО-ДПМНЕ и насилно освојување на власта.

kolumna-fabrika-za-aferi

Конструираната афера за Спасов не е ниту прва ниту последна што била произведена од фабриката за афери на СДСМ, но од неа многу добро може да се види до каде стигнало лудилото на Заев и до кое дно паднале овие медиуми. Всушност, опозициските новинари, кои сè уште меѓу себе милуваат да се нарекуваат „професионалци“, всушност, многу одамна скапо ја продадоа професијата и својот кредибилитет, па така денес можеме да ги видиме како до пладне изигруваат катран-новинари оцрнувајќи ги сите неистомисленици и противници на налогодавците, а попладне се трансформираат во варакина-новинари со задача по секоја цена да се обели образот на нивниот лидер Заев и на неговите најблиски соработници. Успешните разоткривања на овие конструирани скандали влијаат за драстично намалување на и така слабата доверба и на СДСМ и на самите опозициски медиуми, кои мака мачат да ги оправдаат милионите евра од странските грантови.

Афера „Диме Спасов“

napad-na-dime-spasov

Во однос на случајот со Спасов, не би сакал да трошам време на анализирање на настанот со оглед на јасноста на видеоснимката што подоцна беше објавена. Ако некој, сепак, има дилеми што точно се случило, му препорачувам да ја погледне. За волја на вистината, не би можел да им забележам многу на опозициските медиуми за интересот за случајот, иако уште од самиот почеток секој искусен новинар лесно можеше да насети дека нешто не е во ред со приказната за Оливер Спасовски. Сепак, тоа што никој, дури ни почетник не можеше да си дозволи е да ја прекине приказната во моментот кога доживеа целосен пресврт. Срамно е за секој новинар да прекине со истражување приказна што ексклузивно ја отворил, без разлика дали му се допаѓа крајниот епилог или не. Токму поради ова нејасно е зошто Соросовите медиумски „професионалци“ не побараа одговори од Спасовски за лагите изнесени на прес-конференцијата, непосредно пред да бидат објавени снимките. Сакајќи да им помогнам во истражувањето им препорачувам да бараат одговор на неколку прашања: Спасовски нагласи дека „биле констатирани оштетени делови на „туарегот“, но не кажа ниту збор за оштетување на „пасатот“. Дали случајно или намерно пропушти да каже дека не била предизвикана штета на возилото на напаѓачите, како што и се гледа од видеото? Дури и да имале штета, а немале, зошто луѓето во возилото воопшто решиле да го бркаат Спасов и да се пресметаат со него? Да ги потсетам, одговорот на Спасовски беше: Тие се движат по него затоа што тој бега и тие одат по него за да… дојдат во момент кога ќе застанат, бидејќи тие не знаат кој е внатре. Тоа е околност што е утврдена. Сметам дека работите се повеќе од чисти. Ниту Спасовски, ниту опозициските медиумски труби не успеаја да смислат некој пологичен одговор на ова прашање (ако ова може да се смета за логично).

Во исто време, Спасовски јасно и гласно ќе каже „Насилниците не удирале по возилото “, а потоа и дека „ако некој со лупање по возилото се обидува да ве загрози, тогаш има кривична пријава“. Од видеото јасно се гледа дека техничкиот министер лаже. Медиумите што ексклузивно ја тераа приказната на Спасовски, прво треба да му постават едно едноставно прашање – зошто ги лажел? А, потоа да го прашаат и дали поднел кривична пријава против насилниците?

Секој нормален новинар и медиум по ваков пресврт на ексклузивната приказна треба да ѝ се извини на публиката за лажното информирање, да му се извини на Спасов за нанесената штета. Но, место извинување, новинарите од фабриката за афери на СДСМ се вадат од кашата со навреди кон новинарите што не ја следат нивната агенда.

Оваа тактика за дрско манипулирање на јавноста е веќе видена десетици пати во последните две години. За сите „професионалци“ од Соросовите медиуми, кои сакаат да знаат зошто веќе никој не им верува на ваквите конструкции и зошто никој не се лепи на нивните шпекулации, ќе ги набројам само поголемите скандали во кои истите тие учествуваа, а притоа се китеа и со награди.

Лажни лични карти

zaev-falsifikat-licni-karti

Точно една година подоцна, истиот медиум извади нова афера, овој пат за 30.000 лажни лични карти, кои, наводно, ВМРО-ДПМНЕ требало да ги користи за нова победа на избори. Се разбира, и овој пат медиумот се повикуваше на информациите добиени од анонимен извор. Но, место претходно да ги провери и изворот и тврдењата, „Фокус“ реши да ги презентира како апсолутна вистина со што директно ја лажеше целата јавност. На ист начин постапија и сите други опозициски медиуми. И двете афери – за фалсификуваните пасоши и за лажните лични карти беа злоупотребување за потребите на Заев, односно аргумент плус за негирањето на изборните резултати од 2014 година. Приказната беше жестоко третирана од опозициските медиуми сè до декември лани, кога МВР откри дека лажните пасоши и лични карти всушност се изработени во „фабриката за афери“ на Чаушот, близок соработник на Заев. Да се потсетиме, во неговиот дом, покрај доказите дека оттаму потекнуваат аферите на „Фокус“, беа најдени 70.000 прислушувани разговори и фалсификувани документи со кои требало да се конструираат афери за високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ. Од целата лажна приказна, на професионалците од „Фокус“ им остана само наградата, која верувам дека гордо ја чуваат на ѕид како потсетник за нивните исклучителни новинарски остварувања. Новинарите „професионалци“, кои во меѓувреме ги плукаа другите новинари и медиуми што ги доведуваа во прашање издржаноста на приказната поради недостиг на сериозни аргументи, подоцна ја криеја главата в песок со надеж дека брзо ќе се заборави скандалот.

Фабрика за пасоши

fokus-lazna-afera-pasosi

Прв голем „скандал“ што го извадија опозициските медиуми, а подоцна се покажа како дел од фабриката за афери на СДСМ, беше случајот со „фабриката за пасоши“. Два месеца пред почетокот на кризата, во ноември 2014 година, „Фокус“ на својата насловна страница објави дека има докази добиени од анонимен граѓанин, кои потврдуваат дека ВМРО-ДПМНЕ прави фалсификувани документи, кои подоцна биле злоупотребувани за изборни кражби. Ваквите сериозни тврдења беа поткрепени само со сомнителна видеоснимка, која ни од далеку не го потврдуваше тоа што го тврдеше медиумот. Недостигот од аргументи и од докази за ваквите обвинувања не беше посочен од ниту еден опозициски „професионален“ новинар. Напротив, тезите на „Фокус“ беа безусловно прифатени и пренесувани како апсолутна вистина! Да биде нивниот срам уште поголем, во март минатата година, во екот на бомбите на Заев, сакајќи да се зголеми вредноста на лажната приказна, авторот дури ја доби наградата „Никола Младенов“ за „истражувачка сторија“.

Диво насеље

kol219-fabrika-za-aferi-divo-naselje2

Еден од посериозните случаи во кои непрофесионалното известување на опозициските медиуми можеше да предизвика сериозни општествени последици, дури и граѓанска војна, беше во врска со настаните во Диво Насеље на 9 и на 10 мај 2015 година. Во текот на овие два дена изброив осум големи лаги на порталите и на телевизиите на СДСМ и на Сорос од кои се гледа нивната тенденциозност и намера за разгорување на судирот. Која од која поскандалозна. Прво пишуваа дека специјалците раниле дете, потоа дека се убиени дете и мајка, па терористите се претставуваа како обични граѓани, облечени во тренерки и во патики, потоа тврдеа дека судирите се прошириле и во Арачиново и во Тетово, дека има терористичка група во Зајас, дека упадот во Гошинце, всушност, бил „режиран случај“, дека тајната полиција соработувала со терористичката група, како и дека ДУИ ќе ја напушти владата поради настаните во Куманово. Сите овие тврдења се покажаа како лажни, а медиумите на СДСМ и на Сорос за ниту една не почувствуваа потреба да им се извинат на граѓаните за паниката што ја предизвикаа и за лажните информации. Нека им служи на чест!

Интервјуто на Заев од Израел

zaev-izrael

При посетата на Заев на Израел, телевизијата „Телма“ објави интервју со лидерот на опозицијата во кое тој тврдеше дека на средбата со вицепремиерот на Израел, Силван Шалом разговарал за неговите „бомби“ и за донацијата за Македонија. Неколку дена подоцна следуваше демант од кабинетот на Шалом во кој се потенцираше „на средбата не се разговараше за какви било безбедносни или финансиски прашања“. Се разбира, во овој случај, ниту новинарот ниту медиумот не можат да бидат виновни за изнесените тврдења на соговорникот, но во никој случај не може да се оправда варакина-новинарството на „Телма“ и на другите опозициски медиуми, кои место да го прашаат Заев зошто лаже, се фрлија во одбрана на скандалот. За таа цел, по веќе познатата шема, беа навредувни и напаѓани сите новинари и медиуми што го осудија дипломатскиот скандал на Заев, кој со својот несериозен однос ги загрози пријателските односи со оваа земја.

Бегалската криза

kol219-fabrika-za-aferi-begalci1

Паралелно со насилните протести на опозицијата, на јужната граница полицијата се соочуваше со сериозна безбедносна опасност предизвикана од големиот бран бегалци. Во април годинава, десетици илјади бегалци беа организирани и од повеќе центри и организации да извршат обид за насилно влегување на македонска територија. Во интервенцијата на полицијата за одбрана на мирот на граѓаните и на територијалниот интегритет на државата беа повредени десетици полицајци, но опозициските медиуми место да застанат зад интересите на државата и на граѓаните, објавуваа лажни вести за случувањата на границата. Така, со нивните тенденциозни и невистинити медиумски приказни креираа слика во јавноста дека државата се однесува нехумано со бегалците, а дека полицијата врши агресија врз нив. Во исто време, истите тие ја убедуваа македонската јавност дека Македонија мора да прими стотици илјади бегалци со што државата, практично, ќе се претвореше во еден голем бегалски камп. Македонските безбедносни сили го издржаа предизвикот, бегалците се повлекоа, а притисокот од меѓународниот фактор за изградба на бегалски кампови драстично се намали. Остана само срамот на овие опозициски новинари и аналитичари, кои тврдеа дека немаме друг избор, освен да ги примиме бегалците дома.

Прислушувани разговори

kol219-fabrika-za-aferi-prislusuvani1

Фактот дека за медиумите на Сорос и на СДСМ е многу поважно да ги бранат лагите на Заев, отколку да трагаат по вистината може да се поткрепи со безброј примери. Сепак, најиндикативни се тие што се поврзани со неговите тези за прислушуваните разговори. Прво панично го криеја изворот, лажејќи дека разговорите ги снимале „пет полициски службеници“, па потоа извадија теза дека прислушувале „50 до сто лица и тоа во смени, во две згради“. Беспоговорно ја бранеа и лагата на Заев дека не се познава со Верушевски, сè додека Заев самиот не призна дека разговорите ги добил од него. Опозициските медиуми до денес ја бранат последната теза на Заев дека Груевски сам се снимал, иако има признание и еден куп докази што ги потврдуваат начинот на прислушување и соработниците на Верушевски. Немаат проблеми ниту со прифаќањето на паушалната бројка на Заев за прислушувани 20.000 граѓани. Неверојатно е како сите овие „професионалци“, истражувачи, добитници на награди, ја користат бројката како апсолутна вистина, а никој од нив не смогна сила да побара од Јанева да ја потврди. Никој од нив не застана ниту во одбрана на правата на овие луѓе. Никој од нив не се осмелува да праша каде се другите петстотини илјади разговори што Заев тврдеше дека ги има, а Катица дека не ги добила. Никој од нив не се интересира уште колку илјади разговори се чуваат под душеци како кај Чаушот? Никој од нив не се заинтересира да истражува како разговорите на Чаушот излегуваат во јавност? Тука може да се набројат уште десетици прашања, но во некоја следна пригода…

500.000 фантоми

kol219-fabrika-za-aferi-fantomi1

Во одбрана на алибито на Заев за бегство од избори (двапати по ред), опозициските медиуми многу жестоко го напаѓаа избирачкиот список тврдејќи дека е полн со фантоми што биле користени за изборни нерегуларности од страна на власта. За таа цел „професионалните“ новинари секојдневно ја бомбардираа јавноста со сензационалистички наслови од типот: „156.000 фантомски гласачи ги нема во ниту една база“, „Спорни 495.258 гласачи“, „Половина милион спорни гласачи пронајдени во вкрстената проверка на ДИК“ . Во исто време никој не се осмели да ги праша ниту првите луѓе во СДСМ, ниту претседателот на ДИК јасно и гласно да кажат дали има докази за барем еден фантом! По цела година проверки ДИК излезе со конечен став дека во списокот нема фантоми, а бројката на гласачи сега е поголема за 3.000 во однос на оспоруваниот список. Фантомите ги снема, срамот на варакина-новинарите остана!

Интервјуто со Катица

katica-prasanja-mrt

Еден од најеклатантните примери за спрегата на опозициските новинари, СДСМ и на СЈО е интервјуто на специјалната обвинителка Катица Јанева за МРТ. Скандалозното интервју изработено под сите новинарски стандарди ги прикажа во вистинска светлина и капацитетите на првите луѓе на СЈО и на информативната редакција на МРТ. Комплетната неспособност на Јанева да остави впечаток на сериозен и авторитетен обвинител се маскираше со однапред одговорени прашања, кои обвинителката ги читаше, а потоа и со дополнителна обработка на материјалот со сечење и лепење инсерти. Опозициските медиуми не изустија ниту збор за скандалозното интервју, но затоа фрлаа со дрва и со камења по „Република“ затоа што го објави немонтираниот материјал од интервјуто од кој јасно се гледа интенцијата на авторот на интервјуто да ја манипулира јавноста со прикривање на интелектуалната и професионална неспособност на Јанева. „Професионалните“ новинари, кои постојано бараат поголем професионализам во македонското новинарство, повторно ги погазија основните новинарски стандарди и се фрлија во белење на образот на Јанева тврдејќи дека „обвинителката не морала да биде добар оратор, доволно било само да биде добра во судница“. Истите варакина-новинари воопшто не го коментираа скандалозното непознавање на правната терминологија на Јанева, која како носител на таква висока функција мора да ја познава во сон. Оттука ќе биде многу интересно да го следиме новото самопонижување на опозициските новинари, кое ќе почне во истиот момент штом Катица ќе стапне в судница. Шоуто продолжува!

Пишува: Ненад Мирчевски за Република

 

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This