ОТВОРЕНО ПИСМО ДО СУДИИТЕ: Дали судиите ја заборавија судиската заклетва?Каде кај овие луѓе ја најдоа намерата за уривање на уставниот поредок, кога тие повикуваа на заштита на  истиот уставен поредок ?

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Со судијата не смее да управува никој, освен правната норма и неговата совест.

Пред стапувањето на должност судијата дава свечена изјава која гласи: ‘’Изјавувам и се колнам дека во вршењето на судиската функција ќе ги почитувам Уставот на Република Македонија, законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот на Република Македонија, дека ќе судам законито, чесно, совесно, независно и одговорно и дека ќе ги заштитувам  слободите и правата на човекот и граѓанинот’’.

Од содржината на оваа свечена изјава, односно заклетва што секој судија ја дава  пред да почне да ја врши судиската функција,  се гледа каква личност треба да биде судијата. Тој, освен што мора да ги има стручните квалитети што се бараат за оваа функција,  мора да биде и  независен,  праведен,  непоткуплив, чесен, совесен,  професионално да ја врши судиската функција, треба да биде личност со интегритет. Тој мора да биде  храбар и  не смее да покажува слабост пред  другите органи на власт, без оглед која  политичка партија е на власт. Судството  е симбол на правната држава, и во него не смее да има судии кои се зависни и послушни на извршната власт и кои при судењето се трудат да и удоволат на политичката волја на било која партија што е на власт.

За жал, се повеќе случаи покажуваат  дека некои судии  заборавиле  на заклетвата  што ја дале, па сведоци сме на судења за кои тешко може да се каже дека судиите што ги водат се раководеле од законот. Иако такви случаи има повеќе,  јас, како поранешна судијка,  решив  да проговорам за срамот на судството, па и на државата, што му го нанесе кривичната постапка и притворот определен  за учесниците на “За заедничка Македонија“

Може слободно да се каже дека најголемиот дел од јавноста ја доживеа како шок веста од 28 ноември 2017 година дека  е определен притвор за 36 лица  во врска со настаните на 27 април 2017 година и тоа  за учесниците на “За заедничка Македонија “. Уште поголем шок беше веста дека притворањето се врши за кривично дело  “Терористичко загрозување  на уставниот поредок  и безбедноста.“

Како можеше и врз основа на кои факти и докази, присуството на учесниците на “За заедничка Македонија“ во големата сала – салата за пленарни седници на Собранието на Република Македонија, да добие квалификација “терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“. Од  сликата  во големата сала на Собранието, безброј пати прикажана на сите телевизии во Република Македонија, сите можевме да видиме дека  немаше никакво насилство, а дека се пееше  химната на Република Македонија, се вееше знамето на Република  Македонија, и се држеа говори за заштита на Уставот на Република Македонија и унитарниот карактер на Република Македонија. Ако судиите го почитуваа Уставот, како што се заколнале, никако немаше да прифатат таква тешка квалификација на масовното, но мирно однесување на учесниците во “За заедничка Македонија“, затоа што Уставот им го гарантира тоа право на граѓаните. Навистина, влегувањето во големата сала на Собранието на учесниците на “За заедничка Македонија“ претставуваше  нарушување на воспоставениот ред во зградата на Собранието, но зарем тоа може да се смета за тероризам. Па тие се граѓани на Република Македонија и зарем може нивното влегување во домот на народните  претставници, односно во домот на нивните избраници, да се смета за тероризам? Законито и совесно постапување на судиите не би прифатило случувањата во големата сала на Собранието да бидат подведени под член 313 од Кривичниот законик. Каде кај овие луѓе ја најдоа намерата за уривање на уставниот поредок, кога тие повикуваа на заштита на  истиот уставен поредок кој треба да биде заштитен и од судот.

Неприфатливо е после седум месеци од настанот и во ситуација кога веќе се водат кривични постапки против определени лица за насилството извршено во друга просторија на првиот кат во Собранието, поради што 27 април  е наречен “крвавиот  четврток“ судиите да  си дозволат да прифатат предлог на јавниот обвинител и да  определат притвор за луѓето кои беа во големата сала на Собранието и кои ама баш никакво насилство не манифестираа, припишувајќи им притоа терористичка активност за уривање на уставниот поредок. И при определувањето на мерката притвор, која е најтешка мерка, очигледно судиите не се раководеле од законот, затоа што Законот за кривичната постапка ги обврзува да не ја применуваат потешката мерка ако  истата цел може да се постигне со поблага мерка. Ако се земе предвид ваквата законска обврска за судијата, како може да се објасни мерката притвор изречена према мајка на две малолетни деца кои се на возраст од една и од две години. Притоа, не беше доволно 30-дневен притвор, туку за сите притворени го продолжија притворот  уште за 30 дена, без образложени причини за тоа.!!!

Кога се има сето тоа предвид, не може човек да не си го постави прашањето:

Дали судиите кои ги носат одлуките во овој случај, ги почитуваат Уставот и законите, дали одлучуваат совесно, праведно, чесно и независно, како што се обврзале при давањето на судиската заклетва, или сосема заборавија на неа сметајќи ја само лист хартија.

Милојка Калкашлиева, судија на Врховниот суд, во пензија

08.01.2017 година    

6 КОМЕНТАРИ

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This