ОТВОРЕНО ПИСМО НА ТАЊА КАРАКАМИШЕВА: Овие уставни измени нема да имаат никакво значење!

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Проф. д-р Тања Каракамишева-Јовановска

Во врска со јавната расправа за уставните амандмани,

ОТВОРЕНО ПИСМО

до сите актери на нелегитимниот процес што срамно и во геноцидна форма се одвива во Собранието на Република Македонија

Почитувани граѓани на Република Македонија, пред нас е уште една фаза од нелегитимниот процес на уставни измени кои Владата на Зоран Заев во содејство со група одродени пратеници, дел потплатени, дел уценети, дел притиснати, ги туркаат на мускули, а навидум во очите на медиумите и странците во демократска и легитимна атмосфера. Сведоци сме дека и покрај неуспешниот референдум и недонесената одлука за прифаќање на Договорот од Преспа и менување на Уставот, Владата на Зоран Заев и натаму подолжува да врши силување на државата, да ги крши законите, да ги повредува нашите елементарни права и да спроведува класично политичко самоволие во системот без никаква грижа на совест и елементарно почитување на етичките вредности во политиката.

Во оваа прилика би сакала да го потсетам Заев и неговата дружина дека во член 30, став 2 од Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните („Сл. весник на РМ, бр. 81/2005) децидно стои дека „Собранието е должно во рок од 60 дена по објавувањето на резултатите од референдумот да го уреди прашањето во согласност со резултатите од референдумот“.

Со оглед дека на одржаниот референдум на 30. септември оваа година одлука не беше донесена, што беше констатирано и од страна на ДИК, а имајќи предвид дека согласно чл. 2, став 1 од Уставот на Република Македонија „Во Република Македонија суверенитетот произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните“, резултатите од одржаниот референдум не го овластуваат ниту Заев, ниту кого било друг од власта да вршат промена на државното име и промена на идентитетот на Македонците.

Такво овластување нема добиено никој во власта, ниту кој било друг фактор од опозицијата. Такво овластување и мандат нема побарано ниту една политичка партија на последните парламентарни избори во 2016 година, па оттука ниту една партија нема добиено мандат, овластување, полномошно од нас граѓаните, носителите на суверенитетот за една таква тешка и комплексна операција.

А без овластување од суверенот никој не смее врата да отвори, а камоли да менува вековно име на еден народ, уставно име на држава, библиска историја на народ, личен и колективен идентитет на повеќе милиони Македонци кои живеат во Македонија и насекаде во светот.

Од овие причини, целата постапка што нелегитимно се тера од страна на нелегалното парламентарно мнозинство во Собранието на Република Македонија ја оценувам како геноцидна и како таква високо криминална по својата суштина.

За мене, како професор по уставно право е целосно правно и политички неприфатливо, спротивно од мнозинската волја на граѓаните да се организира постапка за уставни измени.

Зошто?

Од едноставна причина затоа што уставните измени не можат да бидат резултат на некакво вештачки создадено парламентарно мнозинство во кое најголем дел се уценети, купени, исплашени пратеници кои би ја продале и сопствената мајка само и само да не одговараат за своите казниви дела сторени во минатото. Секаде во демократскиот свет, барем така не учи уставната пракса, Уставот и уставните амандмани се плод, се резултат најширок можен консензус срочен во заеднички правила на игра прифатливи за најголем дел од граѓаните во системот. Затоа што веќе две децении ги учам моите студенти дека народот, суверениот народ е единствениот носител на уставотворната власт и дека неговото мислење е најважно во процесот на креирањето нов Устав, но и во процесот на негови промени.

А уставотворната власт е оригинерна и неограничена власт.

Ниту една друга власт, ниту надворешна сила не е посилна и поважна од народната уставотворна сила. Затоа што ако најважните цели на Уставот се да се зацврсти националното единство во земјата, да се засили моќта на граѓаните и да се заштитат нивните лични и колективни права, ако смислата на Уставот е да се заштитат националните вредности и да се зајакне легитимитетот на највисокиот правен акт во земјата, тогаш како тоа ќе се постигне ако народот не се прашува за уставните измени, ако насилно се буткаат октроирани решенија што не се прифатлив од страна на уставотворната суверена власт?

Како поинаку да се дефинира овој насилен и наметнат процес на уставни измени освен како геноциден и самоукинувачки акт?

Како поинаку да се разберат тапоглавите политички моќници кои преку ноќ сакаат да избришат нашата вековна историја, нашата традиција, нашето име, идентитет, освен како навиени марионети кои спроведуваат туѓи агенди спротивно на интересите на својот народ?

За мене, а верувам и за најголем број Македонци во земјата и во светот, кои веруваме во силата на правото и правдината, одлуката донесена на 8. септември, 1991 година е се уште во сила и ќе остане така се додека граѓаните не донесат поинаква одлука на референдум со која ќе се укине дејството на првата одлука од 1991 година. Само нова референдумска одлука со поинаква содржина може да ја укине важноста на одлуката донесена на 8. септември, 1991 година. Референдумската одлука од 1991 година не може да биде укината со ниту еден од предложените уставни амандмани, затоа што силата на референдумот е неприкосновена и е над силата на неовластените од никого пратеници да вршат промени какви што ги тераат во моментов во Собранието.

За мене е важна одлуката на ДИК објавена во „Службен весник на РМ“ во која стои дека референдумот одржан на 30.09.2018 година е неуспешен, што значи дека одлука за имплементирање на Договорот од Преспа нема, па оттука нема ниту овластување од граѓаните за овој циркус наречен уставни амандмани. Одлуката донесена на последниот референдум е задолжителна за сите органи, институции во државата, вклучително и за Владата и пратениците во Собранието на РМ.

Фактот дека овие институции не ја почитуваат волјата на граѓаните и не го почитуваат суверенитетот кој произлегува и кој им припаѓа на граѓаните укажува уште еднаш на суровата вистина дека власта легитимира незаконие и дивеење во системот како главна карактеристика на своето владеење.

Зоран Заев и неговите поддржувачи во власта или не знаат или едноставно не им е грижа дека согласно меѓународното право правниот идентитет на државата Република Македонија e инхерентно поврзан со суверената и независна волја на граѓаните и дека овој идентитет изворно потекнува од народот и од правото на НАРОДОТ на САМООПРЕДЕЛУВАЊЕ како апсолутно и неоттуѓиво лично и колективно право на секого од нас.

Начелото на самоопределување на правниот идентитет како изворно народен идентитет на државата е поврзано со суверената власт на народот која има право да го САМООПРЕДЕЛИ и САМООДРЕДИ државно-правниот идентитет, односно државното име и народниот идентитет на начин како што чувствува и како што сака, без наметнувања, без надворешни притисоци.
Правото на самоопределување и самоидентификација на секој народ е поврзано со независното право на државно самоодредување (Self-determination) кога се работи за основните елементи на државата како правен субјект.

Концептот на ООН и Повелбата на ООН е базиран на НАРОДЕН СУВЕРЕНИТЕТ (односно на доктрината на ВРХОВНАТА ВЛАСТ НА НАРОДОТ која се однесува и на самодефинирањето и самоодредувањето, односно самоопределувањето. Последиците од овие правила и принципи е дека:

1. Не може со употреба на странска сила, или каква било надворешна регулација или акт надвор од државата да се одреди, креира или укине постојниот правен идентитет на државата, односно нејзиното државно-правно име.

2. Не може со надворешна регулација или акт донесен надвор од државата да се одреди, креира или укине националниот или народниот идентитет кој е предмет на самоопределување.

3. Преку негирање на националниот идентитет, вклучувајќи го и самонегирањето на сопствениот идентитет, познато како авто-шовинизам, се УСКРАТУВА ПРАВОТО НА ПОСТОЕЊЕ НА ЕДЕН НАРОД!
Правото на постоење на еден народ заедно со правото на негово име и идентитет се најосновните права на луѓето признати во меѓународното право, кои се изедначуваат со правото на самоодбрана на народот и на државата.

Имајќи ги предвид погоре наведените аргументи, сметам дека целата постапка на уставни промени не заслужува натамошен коментар, бидејќи е бесмислена во својата суштина, но со оглед дека власта упорно ги турка процесите во Собранието, дозволете да кажам неколку збора и во врска со предложените нацрт-амандмани.

Во текстот пред нацрт-амандманите предлагачот го навел следново „Овие амандмани се составен дел на Уставот на Република Македонија и влегуваат во сила со денот на влегување во сила на Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 г. и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните и ратификацијата на Протоколот за членство во НАТО од страна на Република Грција“.

И покрај тоа што Зоран Заев во целиот процес тврди дека амандманите нема да стапат во сила ако Договорот од Преспа не биде ратификуван и не влезе во сила и во Република Грција, Владата, односно предлагачот на нацрт-амандманите нема предложено ниту еден нацрт-амандман во кој ќе биде содржана оваа гаранција.

Зошто предлагачот нема предложено нацрт-амандман во кој ќе биде содржана ваква гаранција за заштита на македонските интереси во случај Грција да не го ратификува, односно во случај Договорот да не влезе во правна сила во Грција, како што беше случајот со Времената спогодба останува непознато.

Владата на РМ нема обезбедено ниту една уставна гаранција во случај Грција да не ги исполни обврските содржани во Договорот. Ниту еден нацрт-уставен амандман не е предложен во таа насока и покрај тоа што Договорот од Преспа дава таква можност.

Оттука, барам Заев јавно да им објасни на граѓаните зошто во преодните и завршни одредби на Уставот не е предвиден, ниту е подготвен нацрт-амандман за заштита на македонските интереси во случај на неуспех на Договорот од Преспа.

Понатаму, Зоран Заев треба да даде одговор на прашањето согласно кој член од Уставот на РМ ја отвора постапка за промена на името на државата и идентитетот на Македонците кога се знае дека власта нема ниту мандат, ниту уставно овластување, надлежност да менува име, а најмалку колективен и личен идентитет на Македонците кој е со апсолутен карактер и е заштитен со меѓународното право.

Ако се погледнат уставните надлежности на Владата и на Собранието на Република Македонија ќе се види дека ниту една власт нема овластување, ниту надлежност да менува име на држава ниту да менува идентитет на народ.

АМАНДМАН XXXIII
1. Во Уставот зборовите „Република Македонија“ се заменуваат со зборовите „Република Северна Македонија“, а зборот „Македонија“ се заменува со зборовите „Северна Македонија“, освен во член 36.

Предлагачот се одлучил да пристапи кон менување на Уставот и да пишува нацрт-амандмани со употреба на до сега непозната уставна номотехника. Пристапува кон промена на зборовите „Република Македонија“ со „Република Северна Македонија“, и на зборот „Македонија“ со зборовите „Северна Македонија“ само со еден нацрт-амандман што е непозната пракса на менување на уставни одредби. Од номотехнички аспект оваа интервенција е крајно дилетантска, несериозна и до сега неприменета во пракса. Ако се има предвид фактот дека во досегашната пракса на измена и дополнување на законите, а посебно на Уставот секогаш се применувала методологијата на прецизно наведување што конкретно се брише, менува, или дополнува во правниот акт, ново воспоставената техника на уставни измени комплетно излегува од досегашниот контекст на уставни измени. Секоја промена во текстот на Уставот мора да биде прецизно наведена и содржана во уставните амандмани, бидејќи само таквиот процес може да ја гарантира правната сигурност на граѓаните во системот и почитувањето на начелото на владеење на правото. Се друго што оди спротивно на оваа пракса го сметам за обична импровизација на штета на највисокиот правен акт во државата.

Исто така, предлагачот на нацрт-амандманите нема кажано ниту збор што ќе се случува со придавките македонско/македонска/македонски во Уставот кога е јасно дека согласно чл. 7 од Договорот од Преспа истите мора да бидат дообјаснети во Уставот.

Вордингот во Договорот е прецизен и вели дека придавките македонско/македонска/македонски мора да бидат дообјаснети во Уставот како придавки кои не припаѓаат на хеленската цивилизација, култура, традиција и богатството на тој регион од антиката до денес. Исто така, и кај македонскиот јазик, како што стои во чл. 7, точка 4 од Договорот, предлагачот на уставните амандмани треба јасно да каже дека се работи за јазик од групата на јужнословенски јазици.

АМАНДМАН XXXIV
Во Преамбулата на Уставот на Република Македонија зборовите „одлуките на АСНОМ“ се заменуваат со зборовите „Прогласот од Првото заседание на АСНОМ до македонскиот народ за одржаното заседание на АСНОМ“, по зборот „година“ се додаваат зборовите „и на Охридскиот рамковен договор“, а се бришат зборовите „одлучија да“.

Со амандманот 34, предлагачот ги брише одлуките на АСНОМ како конститутивни акти во процесот на создавањето на Република Македонија како држава, и на нивно место го вметнува единствено Прогласот од Првото заседание на АСНОМ и Охридскиот рамковен договор.

Власта со еден амандман одлучи да ги избрише 9-те историски одлуки на АСНОМ, од кои 4 одлуки имаат државотворно значење за Македонија. Така, власта одлучи да ги избрише:
1. Решението на АСНОМ како врховно, законодавно и извршно народно претставничко тело и највисок орган на државната власт на Демократска Македонија,

2. Декларацијата на АСНОМ за основните права на граѓанинот на Демократска Македонија,

3. Решението на АСНОМ за воведување на македонскиот јазик за службен јазик во македонската држава,

4. Правилникот за работа на АСНОМ,

5. Решение на АСНОМ за формирање Законодавна комисија при Президиумот на АСНОМ,

6. Решение на АСНОМ за формирање Државна комисија за утврдување на престапите на окупаторите и нивните соработници,

7. Решение на АСНОМ за одобрување на решенијата, наредбите и задолженијата издадени од Главниот штаб на НОВ и ПОМ и Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ,

8. Решение на АСНОМ за оддавање признание и благодарност на Народноослободителната војска, и

9. Решение на АСНОМ за прогласување на Илинден – 2 август за народен државен празник на македонската држава.

Овие акти имаат исклучително важно конститутивно значење за Република Македонија и истите не смеат во никој случај да бидат избришани, а уште помалку заменети само со Прогласот на АСНОМ. Прогласот никогаш немал, ниту може по својата природа да има конститутивна важност за државата. Со Прогласот македонскиот народ се известува дека е одржано првото заседание на АСНОМ и дека се удрени темелите на македонската федерална држава во новата Демократска и Федеративна Југославија. Едновремено граѓаните мора да знаат дека со овој нацрт-амандман се брише значењето на Второто и на Третото заседание на АСНОМ, односно тие веќе и не постојат во Уставот, бидејќи со предложениот нацрт-амандман се потенцира важноста само на Прогласот од Првото заседание на АСНОМ што претставува чин на класично бришење на националната историја на државата и промена на историските факти по мерка на власта.

Од друга страна, ако амандманите значат операционализација на Договорот од Преспа, зачудува фактот што Охридскиот рамковен договор се внесува во Преамбулата и покрај фактот што за негова целосно имплементација беа изгласани посебни уставни амандмани во 2001 година и истите се составен дел на Уставот цели 17 години.

АМАНДМАН XXXV
1. Републиката го почитува суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави.
2. Со точката 1 на овој амандман се дополнува членот 3.

Амандманот 35 е целосно непотребен ако се има предвид фактот дека секоја држава преку обврската да го почитува меѓународното право има обврска да го почитува суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави.
Во член 8, став 1, алинеа 11 од Уставот, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија е наведена обврската на РМ да ги почитува општо прифатените норми на меѓународното право. Овие задолжителни норми се веќе содржани во Повелбата на ООН, во Декларацијата на ООН за немешање во внатрешните работи на државите и заштитата на нивната независност и суверенитет и во други акти од меѓународен карактер кои РМ е должна да ги почитува како субјект во меѓународните односи. Оттука, сметам дека овој амандман е непотребен и треба да биде повлечен.

АМАНДМАН XXXVI
1. Републиката го штити, гарантира и негува историското и културното наследство на македонскиот народ.

2. Републиката ги штити правата и интересите на своите државјани кои живеат или престојуваат во странство и ги унапредува нивните врски со татковината.

3. Републиката се грижи за припадниците на македонскиот народ кои живеат во странство.

4. Републиката притоа нема да се меша во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи.

5. Со овој амандман се заменува членот 49 од Уставот на Република Македонија

Спорен е и уставниот амандман бр. 36, посебно во точка 4 каде се упатува на грижа на Републиката за нашите државјани кои живеат во странство со додавка дека тоа ќе се прави без РМ да се меша во суверените права на другите држави и во внатрешните работи на другите држави. Станува збор за опасна формулација која дозволува под превезот на заштита на суверените права на другите држави и нивните внатрешни работи да ни биде попречена постојаната соработка и одржување блиски односи со нашите сонародници во странство. Практично со овој амандман Македонија наместо мостови за соработка и зближување со Македонците ширум светот ќе направи ѕид меѓу нас, бидејќи Бугарија, Грција или Албанија во секое време, поради која било причина и во каква било форма можат да ни забранат да се грижиме за културните, социјалните и другите права на нашите сонародници. Овој амандман е во целосна спротивност со политиката на заштита на националните малцинства позната како Kin-state policies, политики кои се веќе признати и разработени од Високиот претставник за националните малцинства при ОБСЕ, добрите практики кои се разработени од страна на Венецијанската комисија и од Парламентарното собрание на Советот на Европа.

И на крај, сакам да подвлечам дека сите пратеници кои ќе учествуваат во гласањето на нацрт-амандманите тоа ќе го направат НЕ КАКО НАШИ ПРЕТСТАВНИЦИ, туку како обични граѓани, бидејќи најголем дел од Македонците не ги гласаа на избори да ни го менуваат името и идентитетот, туку да обезбедат подобра економија во земјата, да ни обезбедат подобар животен стандрад, подобри здравствени услуги, подобро образование, почист воздух, подобар живот во секоја смисла на зборот.

Со оглед дека постапката на уставни измени го нема потребниот легитимитет, ниту потребниот легалитет, ЗА МЕНЕ ОВИЕ УСТАВНИ ИЗМЕНИ НЕМА ДА ИМААТ НИКАКВО ЗНАЧЕЊЕ.

СО ИНДИГНАЦИЈА ГИ ОТФРЛАМ И ИСТИТЕ НЕМА ДА ГИ ПРИМЕНУВАМ!

Dudinka.mk

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This