Преголема брзина била причината што 15-годишен возач излетал од патот на влезот во Велес и се забил во една од куќите покрај патот. Тој управувал автомобил „порше“ со скопски регистерски таблички, а со него во возилото имало и 17-годишен сопатник. Настанот се случил вчера попладне, кога двајцата малолетници со автомобилот влегувале во Велес од правецот на Штип. Излетале во близина на бензинската пумпа на „Лукоил“.
Среќна околност во целиот случај е што двајцата поминале без сериозно повреди. Единствено има оштетувања на скапиот автомобил кој бил здробен во предниот дел поради силниот удар во оградата.
– Четвртокот во 14,30 часот на улица „Димитар Влахов“ во Велес, поточно во близина на Железен Мост, дојдено е до сообраќајна несреќа во која патнички автомобил марка „порше“ со скопски регистерски ознаки управуван од 15-годишен малолетник од Велес слетал од коловозот и се забил во куќа, која е лоцирана покрај патот. По несреќата возачот и сопатникот на возраст од 17 години пренесени се во ЈЗУ Општа болница Велес заради укажување лекарска помош – изјави Анита Стојковска портпарол на СВР Велес.
Увид на лице место извршила увидна екипа од СВР Велес. Соседите велат дека детето возело бргу, за што сведочат скршените железнички шини кои ја држеле металната ограда, која служела за заштита на дворот.