ПОДДРЖУВАЧОТ НА ЗАЕВ Д-Р НЕНАД ЖИВАНОВСКИ, ГО ,,ТРЕСНА“ ОД ЗЕМЈА: Жална Македонија ако нејзината судбина зависи од Венко Филипче, Цветанка Ласкова, Кочо Анѓушев, Хари Локвенец

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Во една поблиска или подалечна иднина, кога Зоран Заев и СДСМ ќе ги изгубат изборите и ќе паднат од власт, а што неминовно ќе се случи бидејќи променливоста на власта е есенцијата на демократијата, во нивните партиски анализи „каде згрешивме“, неопходно ќе мораат да ги земат во предвид и овие петнаесеттина дена во кои се случуваат скандалите со доделените грантови за инвестиции и тендерот за реагенси на Министерството за здравство.

Денес, како да се претворил во опскурниот Доријан Греј – едно лице има на јавните настани, изложби и концерти, а друго, кога ќе остане сам, пред својот портет закачен на ѕидот во кабинетот.

Овој нов, туѓ Заев, со својата изјава за аферите покажа дека како премиер не е ништо повеќе од еден опортун политикант– никако да не се признае грешката.  Која е таа „факинг“ демократска јавност да ми наложува како да работам!? Значи, суетата пред принципите за одговорност.Изјавата на Заев за аферите е изјава на која не може да ѝ се залепи европското знаменце. Баш така јас го доживеав обраќањето на Премиерот.

Затоа е толку важно како ќе се расчисти овој скандал со грантовите и тендерот бидејќи, тој, како прв поголем скандал кој ја потресува оваа влада, ќе го одреди и понатамошниот тек на нејзиното практикување на власта. Дали ќе се дигне рачна, ќе се преиспитаат одлуките и ќе се вратат на изворните принципи и декларации со кои се доби довербата на граѓаните или ќе постанат уште една во низот калкулантски, опортуни, корумпирани влади, чии членови секој нареден ден ќе нѝ стануваат сѐ поодбивни и поомразени.

Според последната изјава на Зоран Заев, немам впечаток дека Премиерот има реално чувство за значењето, па и за судбинската важност, на овој момент за неговото идно владеење, оставајќи простор да се сомневаме дека истиот го третира по принципот „секое чудо за три дена“. Скандалозна изјава за скандал создава нов скандал…

Што е толку погрешно и скандалозно во изјавата на Зоран Заев? Прво, тој вели дека функционерите кои биле поврзани со фирми кои добиле грантови од Фондот за иновации и технолошки развој се повлекле и не го кршеле законот. Прашање е кога се повлекле, Премиере? Тогаш, кога пукна аферата?! И, што ако неа ја немаше? Сѐ ќе си беше онака како си замисливте? Второ, кој си ти да одлучуваш дали нешто претставувало кршење на закон или не?! И, тоа, даваш таква изјава само 24 часа, откако Основното јавно обвинителство покренало истрага по допрен глас дека се случувало токму обратното: индиции дека законот се прекршувал. Не е ли ова твое мешање во правосудството и дискретна порака до обвинителот во кој правец да ја води истрагата? Скандал со скандалозна изјава не се брани, туку нов скандал создава! За ваква изјава на Груевски го разапнувавме  на крст. Сега молк.

Понатака, велиш: „Ако така бараме оставки потоа ќе се мислиме од каде да најдеме луѓе да ги ангажираме во власта“. Човек да се крсти и со лева и со десна рака на умот кој може ова да го смисли и бесрамно јавно да го каже. Премиеру, не се бараат туку-така оставки, туку поради сомнеж за противзаконско, неетичко и конфликтно-интересно работење. Во моментов сите се невини бидејќи против никого од нив нема правосилна судска пресуда, но потсети се дека немаше ни против Груевски, Мијалков, Јанкуловска, Јанакиевски и останатите членови на Фамилијата, но ти тогаш „туку-така“ бараше нивна оставка за да можел судот без притисок од нивната јавна функција да работи. А и жална Македонија ако нејзината судбина зависи од Венко Филипче, Цветанка Ласкова, Кочо Анѓушев, Хари Локвенец и тие ви се crème de la crème во партијата. Не ќе си знаел од каде да најдеш луѓе за да ги ангажираш во власта.

Еве, јас ќе ти кажам од каде:За Цвета Ласкова од Агенцијата за вработување! Таму имаш еден куп млади, умни, школувани кандидати кои дипломирале, магистрирале и докторирале во Македонија или на странски универзитети на културни студии, историја на уметност, музичка, ликовна, драмска уметност; Имаат знаење и компетенција за сѐ она за што твојата советничка за култура нема ниту чула за тоа (патем, дај го на увид на јавноста нејзиното ЦВ, да видиме какво образование има завршено, и дали воопшто има високо или е само со средно!). Замислувам ситуација, каков нерешлив ребус претставува за твојата советничката за култура, кога ќе добиеш покана да присуствуваш на некоја ликовна изложба, на пример од апстрактен експресионизам, а таа, по службена должност, треба да ти напише пригоден говор, бидејќи, меѓу другото, и за тоа е платена секој месец по 50.000 денари, пари од граѓаните.За тоа колку си се дискредитирал во наши очи со нејзиното бранење да не поднесе оставка, ќе ти раскажам една рурална легенда која сѐ уште опстојува во градот Белград. Во деведесеттите во Србија, покрај партијата на Слободан Милошевиќ, на власт во коалиција била и партијата ЈУЛ на неговата сопруга д-р Мира Марковиќ. Таа толку се била интимизирала како пријателка со фолк пеачката Зорица Брунцлик, што решила во владата да ја постави за министер за култура. Слобо, кој многу ја љубел својата Мира (са цветом у коси), и никогаш за ништо не ѝ противречел во нејзините хировити барања, за прв пат морал да ѝ контрира и ваквиот јавен блам да не го дозволи. Размисли си каква навреда за културните дејци правиш ти со ангажирањето на естрадната „уметничка“ Цвета Ласкова!</p><p>Понатака, се прашуваш каде да најдеш замена за министерот Венко Филипче. Во секој еден од 110-те лекари кои во моментов се подготвуваат да ја напуштат Македонија! Ако можат да бидат добри за да работат во клинички центри во Германија или САД, биди сигурен дека ќе можат компетентно да го менаџираат и македонското здравство.

Каде да најдеш замена за пратеникот Хари Локвенец – во првиот нареден на изборната листа на СДСМ.

Драги друже Заев, размисли си што ќе правиш. Граѓаните со право бараат оставки од овие луѓе. Направи го толку посакуваниот преседан – за прв пат во Македонија да се поднесе оставка од етички причини и под притисок на демократската јавност. Мислиш дека онаа министерка од Шведска, Мона Салин, се чувствувала одговорна дека го прекршила законот со тоа што платила чоколадо Тоблероне, пелени и зеленчук со службена картичка, бидејќи во моментот ја немала приватната? Не, но таму јавноста е со нулта толеранција и за ненамерна грешка која само алудира на неетичко работење на државните функционери. Имаш историска шанса со овој скандал за прв пат Македонија да ја направиш скандинавска држава. Жртвувај кралица за да добиеш партија! Во спротивно и твојот пат ќе заврши на буништата на историјата како еден од многуте кои на почетокот даваа млеко, а потоа ги шутираа кофите.

 

Колумна за А1 он мк

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This