На Лилија Судакова 26-годишна руска манекенка која ја красеше насловната страница на „Вог“ ѝ се закануваат 15 години затвор во Русија, откако беше обвинета за убиството на Сергеј Попов (28), кој флертувал со жена што ја донел дома од еден бар.
Била „љубоморна“ и „огорчена“, а по кавгата дошло до физичка пресметка, па тој бил прободен во срцето, е наведено пред судот.
Лилија е позната манекенка, се појавила на насловната страница на руското издание на списанието „Вог“ и во списанијата во Италија, Кина и Јапонија. Манекенката исто така ги рекламирала и најпознатите руски брендови за облека.
Убиство од небрежност
Но, нејзината мајка Ирена Судакова (48) тврди дека манекенката – позната по нејзината природна црвена коса – била долгорочна жртва на семејно насилство и дека постапила во самоодбрана кога го прободела Попов.
По убодот, Лилија веднаш повикала брза помош и Попов бил пренесен во болницата каде што и починал. Таа признала дека со нож го прободела сопругот со кого била во брак четири години и првично им рекла на истражителите дека тоа било поради љубомора откако тој флертувал со друга жена.
Таа е обвинета за убиство од небрежност и е задржана два месеца во притвор.
Кој е жртва?
Мајката на осомничената за весникот „Комсомолскаја правда“, изјавила дека пијаниот Попов донел дома жена што ја запознал во еден бар и очекувал Лилија да им готви.
Тој силно ја повлекол за косата и ја клоцал по нозете Лилија, рекла мајката, повикувајќи се на другиот сведок во станот. Попов се повлекол, но се вратил додека Лилија го сечкала зеленчукот за салатата.
– Ја зграпчил за косата. Во тој момент таа мавтала и случајно го забила ножот во него – рекла нејзината мајка.
Наводно, манекенката на почетокот сметала дека раната е „само исеченица“, рекла таа.
– Кога сведокот влегол (во кујната), видел што се случило. Ќерка ми се тресела. Лилија е жртва, тоа беше самоодбрана. Ова беше толку болна љубов. Сè било случајно, тоа е несреќен случај – раскажала Ирена Судакова.
Мајката рекла дека Попов повеќепати ја претепал Лилија кога бил пијан.
Нејзиниот зет бил „паметен“, тој „маѓепсувал со својот ум“ и бил компјутерски генијалец, но тој бил „алкохоличар“ кој знаел да биде „арогантен сноб“ и таа била сведок кога тој ја тепал Лилија.
– Ќерка ми беше сосема присебна – рекла мајката, тврдејќи дека законот во Русија не е наклонет кон жртвите на семејно насилство.
Пријателката на Лилија, стилистката Каролина Павловскаја, исто така рекла дека манекенката била жртва на насилство.
– Таа беше скршена девојка со убав изглед, но однатре празна – рекла таа.