ПО МЕТЈУ СЕ ЗАКАНУВА УШТЕ ЕДЕН УРАГАН: Гувернерот на Флорида -Бегајте, невремето ќе ве убие!

Поврзано

- Advertisement -
Милиони жители од крајбрежните области на Флорида, Џорџија и Јужна Каролина ги напуштаат своите домови
- Advertisement -

Како што ураганот Метју се доближува до источниот брег на Флорида, во регионите погодени од невремето претходните денови бројот на жртви постојано расте. На Хаити официјалниот број загинати порасна на најмалку 339 лица.

Хаити е најтешко погодена од сите кариписки држави. Четири жртви се пријавени во Доминиканска Република, додека на Куба и Бахами засега има само материјална штета, пренесува Хина.
Американскиот претседетел Барак Обама прогласи вонредна состојба во Флорида и во Јужна Каролина, а милиони жители од крајбрежниот појас на Флорида, Џорџија и Јужна Каролина ги напуштаат своите домови.

– Сите во нашата држава сега мораат да се подготват за директниот налет на ураганот, изјави вчера гувернерот на Флорида на прес-конференција, предупредувајќи на катастрофални последици.

Сите четири држави на патеката на ураганот прогласија вонредна состојба, и отворија засолништа откако нивните гувернери, заедно со претседателот Барак Обама, ги повикаа жителите на евакуација.

Вкупно над 12 милиони американски граѓани се предупредени поради ураганот.

Обама издаде наредба за доставување федерална помош како поддршка на државните и локалните напори, давајќи им со тоа овластување на Министерството за национална безбедност и Федералната агенција за управување со вонредни состојби да ги координираат напорите за ублажување и отстранување на последниците од катастрофата.

Бензинските станици ширум Флорида останаа без гориво, а празните полици во продавниците и долгите редови на бензинските пумпи станаа честа глетка додека граѓаните создаваат залихи.

Оние кои имаат намера ураганот да го сочекаат во своите домови се снабдиле со големи количества вода, млеко и конзервирана храна, празнејќи ги самопослугите, покажуваат снимките на локалните медиуми.

-Невремето ќе ве убие. Немојте да чекате. Веднаш бегајте, драматично порача гувернерот на Флорида Рик Скот на конференција за медиуми, повикувајќи ги жителите на источниот брег на полуостровот да се евакуираат.

Ураганот Метју веќе помина повеќе од три илјади километри, а продолжува да пустоши со несмалена жестина. И понатаму останува ураган од четврта категорија, со удари на ветерот до 220 километри на час, а невремето се движи со брзина од 22 километри на час.

Портпаролот на Белата куќа Џош Ернест предупредува дека ова веројатно ќе биде најсилното невреме кое ги погодило САД во последните десет години, а некои метеоролози предупредуваат дека според сегашното движење, Метју во неговиот разорен поход би можел дури двапати да ја погоди Флорида.

Од Пентагон објавија дека испраќаат воени хеликоптери во спасувачки мисии на Хаити, а од Белата куќа на американските граѓани им порачаа да ги погледнат размерите на нанесената штета во карипскиот регион, ако имаат дилеми дали да ги напуштат домовите и да се евакуираат кон внатрешноста.

Во меѓувреме и тропската бура Никол доби на интензитет и се трансформира во ураган, соопшти во Центарот за информирање за урагани, прецизирајќи дека ќе го погоди брегот на Бермудските Острови.

Никол достигнува брзина од 130 километри на час и би можела уште да зајакне во следните 24 часа, но во овој стадиум се уште не е на ниво на кое се прогласува тревога.
Никол се наоѓа источно од разорниот ураган Метју, кој опустоши неколку земји на Карибите и се упати кон Флорида. Доколку двата урагана се сретнат, на Флорида и се заканува катастрофа.

Најсмртоносни урагани во САД

Поради приближувањето на ураганот Метју кон САД, агенцијата ДПА објави список на најсмртоносни урагани што ја погодиле таа држава од 1851 година досега. Во почетокот ураганите не биле именувани. Имиња им се даваат од 1953 година.

1. Галвестон, Тексас, 1900 година – 4 категорија, број на жртви меѓу 8.000 и 12.000

2. Југоисточна Флорида, 1928 – 4 степен, број на жртви меѓу 2.500 и 3.000

3. Југоисточна Луизијана и Мисисипи, 2005 година, ураган Катрина, 3 категорија, број на жртви 1.200

4. Шениер Каминада, Луизијана, 1893 година – ураган од 3 категорија, познат како Големата октомвриска бура, загинале меѓу 1.100 и 1.400 луѓе.

5. Флорида Кијс, 1935, ураган од 5 категорија, загинале над 400 луѓе

6. Ласт Ајленд, Луизијана, 1935 година – ураган од 4 категорија, број на жртви 400

7. Мајами и Пенсакола на Флорида, Мисисипи и Алабама – 1926 година, ураган од 4 категорија, однел животи на 370 луѓе.

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This