Пуштена фотоволтаична централа во Општина Брвеница

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Втората фотоволтаична централа со моќност од 1,2 мегавата, која  е дел од триделниот фотоволтаичен парк со 2,2 мегавати, денеска беше пуштена во употреба во селото Теново во Општина Брвеница. Таа е една од вкупно 27-те централи кои склучија договор за право на користење на премија за електрична енергија произведена од фотонапонски електроцентрали изградени на земјиште во приватна сопственост на јавниот повик што беше објавен во 2019 година.

Првата централа од 0,6 мегавати, како што истакна инвеститорот Владе Самарџиевски од „Енергоер груп“, веќе работи неколку години, а третата од 0,4 мегавати е веќе изградена и е подготвена за технички преглед. Трите централи се изградени на вкупна површина од 20 илјади квадратни метри, неплодно и некорисно земјиште кое е откупено од државата, каде се поставени 6.170 фотоволтаични панели со различен капацитет и три трафостаници. Вкупната вредност за изградба на овој парк изнесува 1,6 милион евра.

– Трите централи ќе дадат вкупно производство од околу 3,1 гигават часови што би ја задоволиле потрошувачката на електрична енергија за приближно околу 450 станови и домаќинства. Горди сме што централите ги изградивме во најкраток рок на тежок и непристапен терен на неупотребливо земјиште за други намени. Се надевам дека ова ќе биде добар пример и поттик за нови инвестиции во зелена енергија како на фирмите, така и на Владата, рече Самарџиевски и се заблагодари на Владата која, како што рече ги охрабрила да инвестираат во овој вид на објекти и им овозможила при продажбата на произведената електрична енергија да добијат премиум тарифа.

Министерот за економија Крешник Бектеши истакна дека ова е четвртата фотонапонска централа која се гради на приватно земјиште во нашата држава и потсети дека во 2017 година Владата го смени моделот и наместо фидин, сега нуди премиум тарифи за нивна изградба.

– Во континуитет се градат и другите локации и кон крајот на годинава ќе има над 10 фотонапонски централи кои ќе бидат изградени на приватно земјиште. Ако ги вклучиме и фотонапонските централи кои се градат на државно земјиште согласно првиот тендер преку јавно приватно партнерство и го објавивме за две години, иако во договорите е предвидено да се градат за три години, ќе имаме вкупна инсталирана моќност од над 60 мегавати со што за три години го надминуваме целосниот капацитет за трипати повеќе отколку што беше изградено до 2017 кога не надминуваше повеќе од 20 мегавати, рече Бектеши.

Со тоа, потенцира тој, покажуваме дека ги поттикнуваме сите инвестиции во делот на обновливи извори за енергија, го зголемуваме домашниот капацитет за производство и ја намалуваме зависноста од увоз на електрична енергија.

– Преку нашите јавни претпријатија, преку акционерските друштва во државна сопственост, но и преку Законот за стратешки инвестиции веќе сме во финални преговори за дополнителни капацитети кои ќе надминат над 300 мегавати инсталиран капацитет во нашата држава само од фотонапонските централи, истакна Бектеши.

Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини истакна дека фактот што фотоволтаичната централа се пушта во употреба токму на 22 април – Денот на планетата земја покажува како се грижиме за земјата, за декарбонизација и за намалување на емисијата на стакленички гасови во атмосферата.

Премиерот Зоран Заев посочи дека за новите 60 мегавати фотонапонски централи што се градат по принципот на јавно приватно партнерство премиумите што ги доделува државата ја чинат 450 илјади евра годишно, а наплатила три милиони евра од инвеститорите за нивната изградба.

Тој најави дека веќе завршил и огласот за изградба на 100 мегавати фотонапонски централи на местото на поранешниот рудник во Осломеј и оти локациите од по 50 мегавати ги добиле една турска и една бугарска компанија кои наместо предвидените 10 проценти од приходите за ЕСМ понудиле 18,5 отсто – турската и 18 отсто  бугарската. Во завршна фаза е, додаде, и изградбата на 10 мегаватната фотонапонска централа во Осломеј што  ја инвестира АД ЕСМ.

Како што истакна Заев на локацијата од 477 хектари во Штип каде требаше да се гради транспортен аеродром сега се предвидува да се градат фотоволтаични централи со инсталирана моќ од 300 до 350 мегавати, во Битола треба да се градат 120 мегавати, во Кавадарци 100 мегавати, а веќе изградени има во Кочани 8 мегавати и две од по 15 мегавати во Дебрца.

– Дадени се и три лиценци на приватни компании за изградба на ветерни електрани во Богданци, Демир Капија и Свети Николе со вкупна инсталирана моќ од околу 100 мегавати, а интерес за изградба на ветерен парк од околу 400 мегавати во вредност од 520 милиони евра во Старо Нагоричане искажа и германската компанија WPD. Со тоа земјава е лидер во регионот во обновливите извори на енергија кои за една година ги има зголемено за 10,1 отсто, а просекот на развиените земји е 10,3 отсто, рече Заев.

Премиерот најави дека очекува во јуни успешно да заврши и повикот за изградба на хидроцентралата Чебрен во вредност од 600 до 800 милиони евра со инсталирана моќ од 300 до 330 мегавати по пат на јавно приватно партнерство и додаде дека првата фаза од 10-те пријавени ја поминале девет заинтересирани компании и конзорциуми.

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This