March 29, 2024, 10:16 am

Пoпишyвaчитe ќe ce вakциниpaaт зapaди „имyнитeт нa пoпиcoт“?

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Нова шанса за непречено попишување на резидентното население и домаќинствата во земјава се појави откако се разгледува можноста попишувачите да добијат предност во процесот на вакцинација. Сепак, зелено светло за тоа дали и колку вакцини „Астра-Зенека“ од најновата пратка од 24 илјади дози што треба да пристигне утре ќе се издвојат за потребите на пописот се чека од здравствените власти.

Премиерот Зоран Заев вели дека откако ќе се вакцинираат попишувачите, опозицијата веќе ќе нема образложение за евентуално неучество во пописот и очекува во него активно да се приклучи и ВМРО-ДПМНЕ.

– Верувам дека по пораката испратена од Мицкоски, дека ако се вакцинираат попишувачите, а тие се секако планирани во првата категорија, тие јавно ќе дадат поддршка за пописот. Тогаш ќе бидеме навистина сите политички субјекти „за“ пописот, освен „Левица“, и ја користам можноста да ги повикам двајцата пратеници во парламентот и нивните структури во партијата да се приклучат во оваа важна статистичка операција – истакна Заев.

Премиерот најави дека темата за пописот ќе се најде на маса и в понеделник, на средбата што беше иницирана токму од претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Лидерот на опозицијата претходно нагласи дека воопшто нема намера ниту да разговара со неимунизиран попишувач.

– Граѓаните не смеат да бидат заложници на политичкиот договор Заев – Ахмети. Јас го избирам здравјето. Упатувам апел и граѓаните да го изберат здравјето – порача Мицкоски.

Тој рече дека нема да отстапи од ставовите, дури и по цена да биде кривично гонет.

– Не е суштината во казната од 200-300 евра, таа е голема, не е мала, но се надевам дека нема да ја има, затоа што секој од нас може да оддели не повеќе од десет минути и конечно, по 20 години, да имаме попис во нашата земја – рече Заев.

Муслиу: За поздравување е договорената средба

Според аналитичарот Алберт Муслиу, за поздравување е договорената средба на претседателите на најголемите партии во земјава, која претставува исчекор кон смирување на страстите и тензиите. Муслиу оценува дека е издржано барањето на опозицијата за вакцинација на попишувачите и смета дека е добар потег што власта на одреден начин ќе успее да го реализира.

– Секако и јас би сакал тие попишувачи што ќе дојдат кај мене да бидат вакцинирани и се надевам дека на средбата ќе се оствари пробив по ова прашање. Во случај до тоа да не дојде, мора да сме јасни дека пописот е статистичка операција и секако ќе биде спроведен, но само прашање е дали резултатите ќе бидат прифатени од сите чинители. Добиените податоци ќе бидат основа за креирање политики кај институциите, а ако се продолжи со тензии, единствено ќе остане горчина во општеството – смета Муслиу.

Тој како извор на тензиите за прашањето за пописот не ја посочува епидемиолошката состојба, туку прашањето за етничката припадност, бидејќи, како што вели, Охридскиот договор почива на проценти од вкупното население, па затоа се отворил конфликт меѓу власта и опозицијата дали треба да биде попишана и дијаспората, а не само резидентното население.

Милошоски контра Мицкоски

Во меѓувреме, додека се очекува приближување на ставовите за пописот од средбата Заев – Мицкоски, централите на партиите што ги предводат остануваат на тврдите позиции. Дури пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, ја одби понудата на Заев, сметајќи дека во моментов не е дојден ред за вакцинација на попишувачите.

– Човечки и хумано е на толку многу заболени и на превисока смртност, приоритет за имунизација да имаат медицинските лица, хронично болните лица, а потоа сите други. Секој друг редослед или приоритет би значел давање предност на политиката наместо на човечноста во медицината – сподели Милошоски, барајќи одржување на попис во септември.

Пратеничката на СДСМ, Даниела Колева, повтори дека оваа пролет ќе се спроведе долгоочекуваниот попис и ги повика граѓаните да не подлегнуваат на манипулации.

– Здравјето на сите, како на граѓаните, така и на попишувачите, ќе биде целосно заштитено, процесот на попишување ќе биде целосно безбеден од здравствен аспект – смета Колева.

Почнува и обуката на реонските попишувачи

Подготовките за пописот на резидентното население, кој е закажан од 1 до 21 април се одвиваат непречено, велат од Државниот завод за статистика. Деновиве започнува и обуката на реонските попишувачи.

Преку апликацијата за самопопишување на дијаспората заклучно до вчера, до 8 часот, се евидентирани 148.719 лица. Во апелите за попишување на иселениците се приклучи и министерот за правда Бојан Маричиќ, кој работната посета на Брисел ја искористи за средба со претставниците на македонската дијаспора.

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This