Пoчнува пoписoт на нaсeлениетo, домaќинcтвата и стaнoвите

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Во 50 пописни реони во Северна Македонија денеска почнува Пописот на население, домаќинства и станови. Статистичката операција официјално стартува изутринава во 8 часот, а ќе трае до 30 септември, до кога ќе трае и онлајн пописот на дијаспората, што почна на 1 март. Досега во дијаспората се попишани приближно 191.000 граѓани.

Во земјава по 20 години се спроведува попис. Последен пат ваква статистичка операција се спроведе во 2002 година, а надлежните сега уверуваат дека се е подготвено за пребројувањето на населението, домаќинствата и становите, со што ќе се добие точна бројка за населението, каде точно е распоредено, слика за половата, старосната, образовната, економската структура, бројот на објекти и слика на условите за живеење на населението.

Надлежните потенцираат дека операцијата ќе биде безбедна со оглед на тоа што се спроведува во услови на пандемија на Ковид-19 и тоа во четвртиот бран, кога изминатиов период бележиме зголемување на бројот на заразени. Велат пописот ќе се спроведе безбедно со почитување на здравствените протоколи и не постои никаква шанса за ширење на вирусот.

Директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски вчера на прес-конференција најавувајќи го денешниот старт на пописот истакна дека институциите се подготвени за најголемата статистичка операција во земјава која не е спроведена речиси 20 години и ги повика граѓаните да ги примат попишувачите.

– По речиси 20 години, премежја, опструкции и одоговлекувања конечно сме на прагот да започнеме со теренската работа и со собирањето на потребите податоци. Сите подготовки се завршени. Комисите на пописните регони заедно со нашите државни инструктори успешно ги завршија обуките на реонските инструктори и попишувачи и денеска се излезени на терен во обиколка на своите пописни кругови, истакна Симовски.

Министерот за правда Бојан Маричиќ порача дека пописот ќе се спроведе безбедно и оти попишувачите се обврзани доследно да ги почитуваат протоколите.

– Попишувањето ќе се спроведе безбедно, почитувајќи ги здравствените протоколи, а попишувачите се обврзани доследно да ги применуваат. Не постои никаква шанса за ширење на заразата. Попишувањето ќе биде безбедно, со најдобра технологија, брзо и ефикасно и инклузивно на сите јазици, кои се говорат во Република Северна Македонија. Никој да не биде изоставен и сите да земат учество за да ја добиеме реалната слика, нагласи Маричиќ.

Министерот за правда потенцира дека пописот е натпартиска статистичка операција и изрази задоволство што сите релевантни поголеми политички партии го поддржале.

Попис во услови на пандемија

Пописот првично требаше да се одржи во април, но се одложи поради пандемијата. Статистичката операција се спроведува по претходно предвидени протоколи. Две третини од попишувачите се вакцинирани, а оние граѓани кои не сакаат да примат невакцинирани попишувачи, ќе имат можност да побараат вакцинирани.

Доколку постојат услови, треба да се користи секоја можност за попишување во двор, на тераса, веранда, со задолжително носење на заштитна маска (КН95) и растојание од најмалку 1,5-2 метри.

Ова го содржи Протоколот за превентивни мерки при спроведување на Пописот на населението, домаќинствата и становите 2021 година, кој беше усвоен од Владата на 2 март, на предлог на Комисијата за заразни болести.

Мерките за теренското попишување предвидуваат и задолжително носење заштитна маска (КН95) во домаќинствата и за целото времетраење на попишувањето, задолжително одржување на пропишаната дистанца од 1,5-2 метри, забрана за вадење, поместување и менување на заштитната маска за цело времетраење на попишувањето во домот.

Протоколот содржи и забрана за пиење и јадење за цело времетраење на попишувањето во домот, предвидено е користење на средства за дезинфекција на рацете пред влегувањето и по излегувањето од домаќинството, надворешна дезинфекција на лап-топот пред влегувањето и по излегувањето од домаќинството, пред влегување во домаќинството задолжително попишувачот да стави каљачи на обувките.

Директорот на ДЗС, Апостол Симовски во интервју за МИА истакна дека Протоколот што е подготвен за спроведување на Попис во време на пандемија со Ковид-19 е многу строг и прецизен.

-Нашите попишувачи се запознаени со Протоколот, веќе им се распределени заштитени маски КН95 и средства за дезинфекција и точно знаат како треба да се однесуваат и што треба да направат при влегување во едно домаќинство. А тоа е: правилно да ја носат маската, да побараат од домаќинот, доколку не носи маска, да стави маска, да ги дезинфицираат рацете пред да влезат во домот, како и лаптопот, со кој ќе го вршат попишувањето и доколку попишувањето се врши во затворен простор, да замолат да се отворат прозорците и распоредот на седење да биде со задолжителна дистанца од најмалку 2 метра, појаснува Симовски.

Согласно Протоколот секаде каде што дозволуваат условите се препорачува попишувањето да се спроведува на отворен простор, а Симовски изразува уверување дека временските прилики ќе го дозволат тоа.

Симовски вчера истакна дека во случаи кога граѓаните ќе инсистираат на вакцинирани попишувачи, тоа и ќе им биде овозможено, а во однос на бројот на вакцинирани попишувачи, рече дека точната бројка ќе се знае деновиве. Две третини, како што посочи, се вакцинирани бидејќи тоа го навеле кога се пријавиле за попишувачи.

– Немаме идеално точна бројка, бидејќи пријавувањето за учество во пописот започна во почетокот на август и во пријавата кажуваат дали се вакцинирани или не. Две третини се вакцинирани во тој период кога се пријавени, меѓутоа дали некои од оние кои не беа вакцинирани, во меѓувреме се вакцинирани, не знаеме до овој момент. Тоа ќе го знаеме во текот на овие денови бидејќи треба да се приберат сите информации и да се регистрираат, рече Симовски.

Во однос на заболените од Ковид-19 Министерството за здравство на дневна основа ќе доставува списоци, каде има заболени лица и лица во изолација.

– Нашата намера е да сочекаме, ако за тоа има можност, да излезат овие лица од изолација и тогаш да го спроведеме попишувањето, да биде најбезбедно и за самиот попишувач. Меѓутоа, ако не постојат услови за вакво нешто, тогаш имаме посебни протоколи како да се постапува во попишувањето во домаќинства кадешто имаме заболено лице или лица во изолација, појасни Симовски.

Обуките и подготовките на теренските попишувачи се спроведувале во насока попишувачите брзо и ефикасно, без да се задржуваат во домовите, за 10 до 15 минути да ја заврши целата операција во домот.

За 50 пописни реони предвиден оптимален број попишувачи, само во неколку ќе се ангажираат лица според владината одлука

Земјата е поделена на 50 пописни реони, а за подготовка, организација и спроведување е задолжен Државниот завод за статистика. Во организацијата и спроведувањето на Пописот учествуваат и Советот за статистика, комисиите за пописните реони, државните инструктори, реонските инструктори, реонските попишувачи и други учесници согласно одредбите од Законот за Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, 2021.

За бројката на попишувачи, Симовски вели дека за секој од 50-те пописни реони е предвиден оптимален број на попишувачи.

-Но, тоа не значи дека и со помал број не може да се заврши работата. Во моментов, само за неколку пописни реони ќе се ангажираат лица според одлуката на Владата, а во другите реони има доволен број на попишувачи кои ефикасно и успешно ќе ја завршат својата обврска. Впрочем, овој пат Пописот трае 25 дена што е доволен период за целосен опфат на населението на целата територија на државата, додава тој.

Најголемиот дел од попишувачите се самопријавени на огласот, но ограничувачки фактор било тоа што тие мораат да бидат невработени, а многу малку биле заинтересирани на самиот почеток.

-Имавме подолготрајна кампања, па дојдовме до бројката од над пет илјади попишувачи, а онаму каде што недостасуваа, покриваме со лица ангажирани на договор на дело, бидејќи тие не се во редовен работен однос и нив не им тече стаж, изјави вчера министерот за правда Маричиќ.

Според него такви се неколку стотици попишувачи, голем дел од нив биле и од Управата за водење матични книги, кои и онака работат со лични податоци.

Доколку членовите на едно домаќинство кои треба да се попишат не се дома, тогаш попишувачите оставаат порака со временска одредница кога повторно ќе поминат. Оставаат и телефонски број во случај ако лицето не е во можност во наведениот период да биде дома, да закаже со попишувачот кога може да се спроведе попишувањето.

– Ова е техника која ја применувавме во сите пописи досега и секогаш се покажувала како успешна. Нема можност да биде никој изоставен и никој нема да седи дома 26 дена за да чека попишувачи, туку нормално си ги извршува своите секојдневни обврски, вели Симовски.

Во однос на граѓаните кои ќе одбијат да се попишат има прекршочни мерки и глоби, но како што истакна министерот за правда Маричиќ никој не сака да се користат тие методи.

-Нема никаков интерес да не се попишат, пописот е важен за сите, тие резултати ќе се со важност наредните десет години. Не треба да се влегува во политикантски пораки, некои партии мислат што полошо тоа подобро за нив, како Левица и други организации – тоа се деструктивни политички сили, затоа што повикувајќи ги граѓаните да не се попишат, тие се обидуваат да направат фалсификат од пописот, вели Маричиќ.

Комбиниран модел и користење на Претпописна база

Првпат на овој попис освен прибирање на податоци директно од населението на терен, ќе се користат и податоци од таканаречената Претпописна база, каде со внесувањето на матичниот број на граѓанинот во пописната апликација, автоматски се повлекуваат сите податоци што за тоа лице постојат во базите во државата.

Ова го забрзува целиот процес, што значи дека до крајот на годинава, најдоцна во јануари 2022 треба да бидат објавени податоците – кои ќе бидат од интерес и важност за речиси секоја сфера од живеењето и работењето во државата.

Симовски, посочи дека по успешно спроведениот попис нашата држава, во наредниот циклус на пописи околу 2030 година, ќе може да спроведе попис целосно базиран на регистри.

Комбинираниот модел подразбира одење на терен, односно попишување лице в лице и користење на податоци од бази. Вообичаено, овој комбиниран метод е преодна фаза меѓу класичниот попис и пописот базиран на регистри.

-Што подразбира тоа: прибирање на податоци директно од населението на терен и користење на податоци од таканаречената Претпописна база на податоци која е компилирана од повеќе бази кои постојат во државата и чијшто квалитет е анализиран и проверен. Со внесувањето на матичниот број на граѓанинот во пописната апликација, автоматски се повлекуваат сите податоци што за тоа лице постојат во базите во државата, додава Симовски.

Вели дека остануваат прашања на кои лицето ќе мора да даде одговор бидејќи за тоа не постојат записи во базите, а ова особено се однесува на чувствителните прашања за етничка припадност, вероисповед, мајчин јазик и јазик кој вообичаено се зборува во домаќинството. Ова, додава тој, се прашања со кои се искажува лично чувство и затоа се внесуваат одговори онака како што ќе се изјасни лицето.

Според Законот за Попис, Заводот има обврска да ги објави податоците шест месеци по завршувањето на теренските активности, но Симовски прогнозира дека ќе успеат да ги завршат обработките многу порано и до крајот на годинава, најдоцна во јануари 2022.

-За разлика од претходно, кога имавме првични, па следеше долг процес на внесување податоци, со овој процес сега ќе објави само дефинитивни конечни податоци, појаснува Симовски.

На територијата на земјава, според податоците на Заводот за статистика, првите попишувања се јавуваат во 15 век, кога турските власти ги попишувале само даночните глави и машкото население. Постојат руски, француски, грчки и други извори на податоци за попишување на населението во 19-тиот век. Првиот современ попис е спроведен во 1921 година. По Втората светска војна се спроведени осум пописи: 1948, 1953, 1961, 1971, 1981, 1991 и 1994 и 2002 година.

Пописот во 1991 година бил со нецелосен опфат и затоа во 1994 година повторно е спроведен попис во истата декада. Пописот во 1994 година е прв попис по осомастојувањето, а пописот во 2002 година е последниот спроведен попис. Според тогашните прибрани податоци во земјава бројот на населението изнесувало 2022547, имало 564296 домаќинства и 698143 станови.

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This