Пpв Скoпcки Извиднички Одpeд cycпeндиpaн oд Cojyзoт нa извидници

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Сојузот на извидници изразува загриженост за настаните за кои се пишува во изминатите денови, и истовремено го осудуваат секое непрофесионално медиумско известување со кое неосновано се нарушува угледот на извидничката организација како целина.

-Сојузот на извидници на Македонија во изминатите денови вложи сериозни напори да се воздржи од коментирање на сензационалистичките објави на речиси сите медиуми во државата во врска со наводни скандалозни активности на извиднички камп. Целта на ваквиот пристап е овозможување на надлежните државни органи и институции самостојно, независно, непристрасно и непречено, со согласност со нивните законски надлежности, да ги расветлат сите факти поврзани со случајот. Истовремено, единственото соопштение на СИМ со кое се осудуваат било какви акти на вознемирување и се повикува на целосно расчистување на случајот помина речиси незабележано во јавноста. Сепак, поради огромниот број на медиумски наслови и “стории” кои содржат очигледни намери за генерализирање на настанот и дискредитирање на извидничката организација, принудени сме да реагираме со вакво соопштение, со цел барем во одредена мера да ги ублажиме непроценливите штетни последици кои се предизвикани по извидништвото, како резултат на безмилосниот натпревар помеѓу медиумите за максимизирање на бројот на гледачи, слушатели и посетители, се вели во нивното соопштение.

Сојузот на извидници на Македонија е младинска чадор организација која во нашата држава е присутна речиси 70 години. На годишно ниво, извидниците организираат преку 1000 активности на територијата на целата држава, остварувајќи ги своите програмски цели. Низ редовите на нашата организација се поминати над сто илјади деца и млади кои денес се активни чинители на општествената заедница. Огромен број волонтери кои членувале во организацијата несебично вложиле и вложуваат дел од своето слободно време, како и огромен труд и напори со цел остварување на мисијата за создавање на подобар свет, креирање на физички и духовно здрави индивидуи и подготовка на децата и младите за предизвиците со кои би можеле да се соочат низ животот.

-Денес сите тие луѓе, нивните семејства, пријатели и познаници, со шок и неверување ги следат медиумските написи пласирани во македонските медиуми. За нас е просто неверојатно со каква леснотија медиумите го поврзуваат настанот за кој пишуваат со генералниот поим за извидништво, извидници, извиднички кампови, извидничка организација и извидничко движење. Како невладина и целосно неполитичка организација, особено го осудуваме тоа што одредени медиуми ја злоупотребуваат веста во политичка конотација. Апсолутно сме уверени дека ваквиот начин на медиумско известување на ниту еден начин не помага во поддршка на учесниците на предметниот настан, напротив, сметаме дека со моменталниот медиумски пристап грубо се засега во правата на овие лица и нивните семејства.

Поради овие причини, а пред сè заради заштита на учесниците на настанот за кој се известува, бараме од сите медиуми со голема внимателност да ги преиспитаат методите за известување во врска со оваа исклучително сензитивна тема. Во оваа насока, бараме сите објави на темата да бидат засновани на проверени и релевантни информации за настанот, во согласност со одредбите од Кодексот за медиумска етика. Ова особено доколку се има во предвид дека процесите за утврдување на фактите и евентуалната одговорност се во тек, додека известувањето базирано на непроверени, еднострани и шпекулативни информации можеби носи гледаност, слушаност и читаност, но истовремено предизвикува несогледливи последици, особено кај најранливата категорија чија заштита е во примарен наш интерес и во интерес на целото општество, се вели во соопштението.

Сојузот на извидници на Македонија нема да се колеба во законски пропишана постапка да преземе соодветни мерки за заштита на своите права, интереси и углед, по кои одредни субјекти од медиумскиот простор очигледно се обидуваат да посегнат.

Воедно, ја користиме оваа можност уште еднаш да осудиме и да се оградиме од било какви активности кои би можеле на било каков начин да се доведат во корелација со сексуално или било какво друго вознемирување на млади. Примарна цел на секој извиднички настан, независно од програмските активности, е учесниците на истиот да се чувствуваат безбедно и сигурно.

СИМ има целосна доверба во сите надлежни државни органи и институции и им дава целосна поддршка во насока на расветлување на настаните. Истовремено, во тек е и интерна истрага во која се вклучени лица од Сојузот и независни професионалци, со цел утврдување на евентуални прекршувања на интерните акти, правила и вредности на СИМ.

Заради претпазливост и независност на активностите за расветлување на настанот, Старешинството на СИМ, во согласност со одредбите од Статутот на Сојузот, донесе одлука за привремено оддалечување од активностите, односно суспензија на Прв Скопски Извиднички Одред, од Сојузот на извидници на Македонија. Конечна одлука во однос на евентуалните дисциплински мерки ќе донесе Собранието на СИМ врз основа на резултатите од преземените дејствија за истражување на случајот.

Остануваме посветени на негување на извидничките вредности, заштита на децата и младите и создавање на подобар свет за сите.

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This