April 26, 2024, 12:58 pm

Ривер е СУПЕРШАМПИОН, Кинтеро го одлучи историското финале!

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

По четврти пат во својата историја, Ривер Плата е шампион на Јужна Америка, откако во возвратното финале на Копа Либертадорес на „Сантијаго Бернабеу“ ја совлада Бока Јуниорс со 3-1 по продолженија и со вкупни 5-3 го доби најголемото „Суперкласико“ во историјата.

По десетина минути првата шанса ја имаа „жолто-сините“, откако по корнер од десната страна. Пабло Перез доби зицер, биеше со десната нога, но Армани сигурно одбрани. Возвратија „бело-црвените“ со ударот на Начо Фернандез во 20. минута, но ударот заврши преку голот.
Најголемата можност во првиот дел ја имаа момците на Скелото во 30. минута. Бенедето изведе слободен удар, топката од „живиот ѕид“ се одби до Пабло Перез, кој биеше од изгледна позиција, но блокот го спаси Армани и Ривер. Кога се предвидуваше мирен финиш, во 44. минута поведе Бока.

Нандез со прекрасна топка по земја го пронајде Бенедето, овој го исфинтира Маидана и пласираше крај немоќниот Армани (0-1).

Екипата на Гаљардо подобро го почна вториот дел, Начо Фернандез се обиде со удар од далечина, но за малку беше непрецизен. Во 56. минута фановите на Ривер бараа најстрога казна по стартот на Андрада врз Прато, но главниот судија не ја прекина играта. Стрелецот Бенедето немаше сили за повеќе од еден час и му отстапи место на Абиља.

Точно на средина од вториот дел, и Ривер изведе супер-акција по земја и стигна до израмнување. Начо Фернандез проби по десната страна, го пронајде Лукас Прато во срцето на казнениот простор, а овој без проблем го матира голманот на Бока за 1-1

Натпреварот се разжести, многу фудбалери „пожолтеа“, Бока имаше и индиректен удар во казнениот простор, но нерешениот резултат не се менуваше, па дуелот влезе во продолжение. Скелото се одлучи за искусниот Гаго уште во 85. минута и натпреварот целосно стана претпазлив и многу понединамичен.

Екстра времето не можеше полошо да почне за Бока, бидејќи Колумбиецот Бариос заработи втор жолт картон и мораше да ја остави својата екипа скоро половина час со човек помалку. Сепак, Скелото ја затвори екипата, Ривер имаше само јалова иницијатива и не креираше зрели шанси.

Но, во 109. минута младиот Колумбец, Кинтеро се одлучи на удар од работ на казнениот простор, биеше силно под пречката и Андрада не успеа да објасни (2-1). Овој гол фрли во екстаза илјадници фанови на Ривер и Бока мораше да ги фрли сите „карти“ во напад. Се обиде Тевез, повредениот Гаго, Хара ја погоди и стативата, но до израмнување не дојде. Во втората минута од судиското надополнување, Андрада го напушти голот и во контра и Пити Мартинез на празен гол ги постави финалните 3-1.

Екипата на Марсело Гаљардо ќе ја претставува Јужна Америка на Мундијалот за клубови во ОАЕ.

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This