Росана Сариќ Тодоровска: Наскоро очекувајте нова композиција со посвета

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

„Каде сум јас таму е и музиката, си ја носам во грлото. Јас си потпевнувам за моја душа. Во присуство на нашето семејство и пријатели. Пред кратко време извадивме нов дует со Горан Тодоровски “Мое сѐ”, а подготвувам и уште една песна, која ќе биде (за прв пат во мојата кариера ) некому посветена…“ – раскажува за Точка, Росана Сариќ Тодоровска.

Таа е една од оние ретки македонски естрадни ѕвезди чии песни до ден-денес и потпевнуваат, преработуваат и помладите. Од неодамна има нова улога во семејството.

Кои критериуми требаше да се исполнуваат некогаш да се биде естраден уметник?
Росана Сариќ Тодоровска: Сметам дека во времето во кое што јас се развивав како естраден уметник работите беа многу поинакви од денес. Во мојата кариера од самиот почеток ( а и до денес) одбирав песни кои имаат издржани текстови, полни со значење, музика и аранжмани во која се испреплетуваат нотите за таа песна да биде за душа и уживање. Најчесто песните се исполнуваа во живо, што значи ако сакаш да си пејач, МОРАШЕ да знаеш да пееш. И само тогаш песната може да го добие својот финален облик – кога со секоја наредна изведба се внесува една нова емоција. Секогаш се трудев јавните настапи да бидат зачинети со скромен сценски настап, професионално и одмерено држење додека сум на сцена како и постојана грижа за физичкиот изглед. Не се случило да се појавам на настап со несредена фризура, без шминка или пак облечена во алишта кои би ги носела преку ден со пријателките на кафе. Денес песните имаат текстови кои најчесто содржат неколку збора кои само се повторуваат во текот на некоја електронска монотона мелодија во позадина. Се памтат брзо, и се забораваат уште побрзо. Се разбира чест на исклучоците кои се уште бираат која песна ќе ја интерпретираат и не “штанцаат” песна за песна само со цел да се присутни на сцената по било која цена

Позитивните и негативните страни на музичкиот живот?
Росана Сариќ Тодоровска: Како позитивни би ги одвоила пријателствата. Сите дружби кои се оствариле во текот на неколкудневните фестивали, снимања на музички емисии, новогодишни програми. Позитивно е и да ја слушнеш својата песна испеана од некој друг, затоа што секогаш е тешко копијата да го надмине оригиналот. И тоа да со години фановите да те застануваат на секој чекор и ти кажуваат колку твоите песни им оставиле силен впечаток или им разбудиле некаква емоција. Негативни страни не само во музичкиот, туку воопшто во јавниот живот на секој кој се занимава со ваква или слична професија е тоа што постојано сте под будното око на народот. Очекувањата се високи и ние секогаш мора да останеме на висина на задачата. Па, така мора да се смееш и пееш и со температура и зарипнатост или забоболка или укоченост. И да бидеш пристапен до фановите дури и ако понекогаш не ти е баш денот. Затоа што ние сме тука за нив, а сепак секој од нас е само обичен човек. Исто така и покрај тоа што како семејство никогаш не сме се стремеле да бидеме дел од жолтиот печат, сепак заради мојата и професијата на мојот сопруг Ѓорги, не ретко сме ја губеле и нашата ценета приватност. Непријатно е да читаш невистини за себеси или извртени, извадени од контекст зборови. Но, ние сме ја одбрале оваа професија свесно, знаејќи ги сите позитивни и негативни страни на истата и сега не смееме да се жалиме 🙂

Има ли моменти од кариерата кои ви се во трајно сеќавање од бројните настапи?
Росана Сариќ Тодоровска: Секој мој настап има оставено посебен белег во мене. Секако најважни за мене биле настапите со мојата сестра Маријана, како и оние неколку бесценети со нашиот сега покоен брат Мирослав. Посебен жар имаа сите настапи со Ферус.

Како и дуетите испеани со некои од моите колеги, а најчесто со мојот долгогодишен соработник и пред се пријател Горан Тодоровски. Особено драги ми се и настапите кои биле закитени и со награда. Ги има навистина многу, а како најдраги би ги одвоила оној на Бубамара каде што добив “Награда за трајни музички вредности”, Бекстејџ и наградата “Трајни вредности во Македонската музика” и Радио Роса – “Награда за животно дело”. Се плашам дека ако продолжам да набројувам, интервјуто ќе се претвори во роман. А и не сакам ненамерно да изоставам некој важен настап, па затоа пак ќе речам – кога ќе се потсетам на моите настапи, 99% од нив ми будат само убави сеќавања.

Зошто се повлековте од музичката сцена?
Росана Сариќ Тодоровска: Ова е можеби најчесто поставуваното прашање во секое мое интервју. Како што напоменав погоре, работите се сменија и тоа во правец кој што не беше по мој вкус. Се изместија вредностите. Пеењето веќе не беше предиспозиција, и беше заменето со autotune, вештачки изглед, многу шминка и пластика. Потоа се изгуби и македонскиот мелос и тоа стана сцена која што најверојатно требаше да ја оставиме на помладите кои што тежнееа кон нови видови на музика и песни поблиски до оние на Западот отколку до нашите корени. Не сакам да бидам погрешно разбрана, нештата се менуваат, и работите треба да се движат напред, но големината на човекот е во тоа да каже “стоп” во вистинскиот момент. Исто така морам да напоменам дека навистина многу ми недостигаа нашите фестивали. Музички шоуа. Радиски гостувања. Сето тоа згасна. Наречете ме старомодна, но мене многу повеќе ми значеше тоа што се бараше карта повеќе за преполните сали на моите настапи и (своевремено) концерти, отколку бројот на кликови што ги имам на Youtube.

Лесно ли е да се направи пресек?
Росана Сариќ Тодоровска: Кога работите нешто од срце, кога во својата професија и кариерен пат сте вложиле многу, не може да биде лесно туку така да се откажете од сето тоа. И ден денес, најчесто после разговор со некои од моите фанови кои ме бараат да се вратам, знам да се запрашам себеси дали сум ја донела вистинската одлука. Точно е дека ме нема толку често со нови дела, настапи и гостувања, но јас сум се уште тука. Тлеам и чекам нова прилика за повторно да блеснам онака како што знам и да ги израдувам сите оние кои што со душа чекаат повторно да запеам.

Ви недостасува ли музиката, сцената, публиката?
Росана Сариќ Тодоровска: Да. Да. Да. Но, каде сум јас таму е и музиката, си ја носам во грлото. Јас си потпевнувам за моја душа. Во присуство на нашето семејство и пријатели. Пред кратко време извадивме нов дует со Горан Тодоровски “Мое сѐ”, а подготвувам и уште една песна, која ќе биде (за прв пат во мојата кариера ) некому посветена – на мојот најсакан покоен брат.

Какво е чувството кога ги слушате вашите песни како ги пеат младите кои можеби не биле родени кога се „родиле“ песните?
Росана Сариќ Тодоровска: Песните “од мое време” се евергрини. Начинот на кој се направени не познава временски граници, ни години. Затоа се пеат и денес. А чувството кога ги слушам младите како ги пеат моите песни, па се разбира дека е прекрасно. “Признавам” е апсолутен хит меѓу младите денес. Најдраго ми е кога ќе ме повикаат да започнам свадба со “Признавам”. Тогаш знам дека целиот мој досегашен труд, сите непроспиени ноќи, илјадниците километри пропатувани, сите празници пропуштени – се сѐ исплатело.

Посакувате ли да се вратите?
Росана Сариќ Тодоровска: Ма јас никогаш не заминав за да се враќам. Тука сум, само сум малку потивка од вообичаено. Се шегувам. Да, како што напоменав, ми недостасува сцената, а најмногу од се публиката. Се обидувам полека, но сигурно, да издадам нови песни, кои ќе ја имаат истата уметничка вредност како сите останати испеани во текот на мојата скоро 40 годишна кариера. Се ќе биде во свое време, само се чека вистинскиот момент

Што е она што ве исполнува освен музиката?
Росана Сариќ Тодоровска: Ме исполнува работата во книжарницата “Култура”, таму во светот на книгите, каде што од се може да се направи фантазија. Ме исполнува времето поминато со моите пријатели. Ме исполнуваат непроценливите моменти со моето семејство, сопругот, ќерка ми, зетот и моите родители. А најмногу од се ме исполнува најновата улога, улогата на баба на мојот внук Ноах.
Извор:tocka.com.mk

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This