April 24, 2024, 10:34 pm

Светиот оган ќе стигне во Македонија преку Бугарија

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Бугарскиот митрополит Антониј на аеродромот во Софија ќе му го предаде Благодатниот ерусалимски оган на македонскиот митрополит Иларион, по што огнот ќе биде разнесен до сите храмови во пресрет на Христовото Воскресение.

Македонската православна црква – Охридска архиепископија годинава ќе го добие Благодатниот ерусалимски оган со помош на Бугарската православна црква. По 13-ти пат бугарски духовници ќе заминат во Ерусалим, од каде во предвечерјето на Воскресението Христово ќе го донесат Светиот оган. Делегацијата ќе биде предводена од Западно и Средноевропскиот митрополит на БПЦ, Антониј. По неговото враќање од Ерусалим кое се очекува во сабота околу 19:30 часот, Светиот оган на аеродромот во Софија ќе му биде предаден на митрополитот на МПЦ-ОА, Иларион Брегалнички.

Досега од Солун

Светиот оган во Македонија досега стигнувал од Солун, благодарение на духовници од Бигорски манастир и нивни лични пријателства со претставници од Грчката црква. Тој пристигнувал во манастирот околу полноќ, кога треба да започне пасхалната богослужба, а пoтoa оттаму бил разнесуван низ целата земја.

„Точно десет години, откако по иницијатива и заложби на Свештената бигорска обител за прв пат Благодатниот ерусалимски оган беше донесен на Света Пасха од Грција во Македонија, годинава тој ќе пристигне во нашата земја преку Бугарија. Овој пат неговото пристигнување ќе биде организирано на официјално ниво меѓу двете цркви – МПЦ-ОА и БПЦ. Благодатниот оган на аеродромот во Софија ќе му биде предаден на Митрополитот од МПЦ-ОА, Иларион Брегалнички, којшто ќе биде испратен со благослов од Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан. Веднаш потоа Митрополитот Иларион со хеликоптер ќе замине за Скопје, од каде што огнот ќе биде разнесен во православните храмови ширум Македонија“, велат од Бигорски манастир.

Божјо чудо
И бугарските медиуми ја пренесуваат веста дека Светиот оган ќе стигне во Македонија преку БПЦ. За првпат бугарски духовник го донел Светиот оган од Ерусалим во Бугарија во 2005 година. Годинава огнот ќе го донесе најмладиот бугарски митрополит, Антониј, кој за Ерусалим ќе отпатува со малиот владин авион „Фалкон“, со одлука на премиерот Бојко Борисов. Земањето на Светиот оган за првпат ќе биде директно пренесувано на Фејсбук-страницата на Бугарската православна црква.

„Заедно со Ерусалимскиот патријарх ќе се упатиме кон храмот на Воскресението и пред Светиот олтар, каде со молитва ќе го чекаме слегувањето на Благодатниот оган“, вели бугарскиот митрополит Антониј.

Благодатен или Свет оган се нарекува огнот кој самиот слегува, односно самиот го пали кандилото на пресветиот гроб, без човечка интервенција. Се смета за постојано Божјо чудо што секоја година се случува на Велика Сабота на Господовиот гроб во Ерусалим. Според Црквата, постојат сведоштва дека со чудесното палење на кандилото на пресветиот гроб, понекогаш истовремено се палат и други кандила, како и свеќи што ги држат поклониците. На Велика Сабота ерусалимскиот патријарх влегува во Светиот олтар за да го земе огнот, и од тоа кандило пали четири снопчиња со по 33 свеќи. Потоа со нив им го дели огнот на присутните верниците и на официјалните црковни делегации што доаѓаат од целиот свет. Секоја година на Велика Сабота во храмот на Господовиот гроб се собираат поклоници кои лично сакаат да го видат слегувањето на Благодатниот оган. Покрај оние кои се во храмот, најмалку десет илјади луѓе го исполнуваат просторот околу него.

„Среќни сме што нашите верници и оваа година ќе можат да земат дел од таа божествена честичка на Благодатниот оган. Тоа е еден голем дар за сите христијани. Но, и оние кои ја немаат можноста да заплат свеќа од Благодатниот оган, треба да знаат дека таа се пали во нивните срца“, вели митрополит Антониј.

Простување и покајание

Сите македонски храмови деновиве се подготвуваат за прославата на Христовото Воскресение. Во пресрет на големиот празник, поглаварот и Светиот Синод на МПЦ-ОА испратија Велигденско послание до верниците.

„Со Воскресението добија смисла и небото и земјата, и човекот и светот, и времето и вечноста (…) Кога веќе ни е откриен вечниот живот, да не бидеме упорни во омразата и злото, туку да бидеме постојани во покајанието и простувањето, во воздржувањето и трпението. Да се молиме во мир, но и со мир да излегуваме во светот, зашто не би можеле вистински да се радуваме ако сè уште грешиме и ако не сме помирени со Бога. Не може да има правда, доколку другите ги онеправдуваме, ниту мир – доколку самите не сме исполнети со мир! Нашиот живот треба да стане воскресение, и тоа по мерата на нашето покајничко преобразување во кое ќе се покажеме мртви за гревот, а живи за Бога во Христа Исуса, нашиот Господ“, се вели во посланието на МПЦ-ОА, која годинава ја одбележува илјадагодишнината на Охридската архиепископија.

4 КОМЕНТАРИ

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This