- Advertisement -

Комисијата за хартии од вредност (КХВ) на денешната седница одлучи на „Балкан Петролеум“ Холдинг Лимитед да не му се издаде дозвола за давање понуда за преземање на  „Макпетрол“ АД Скопје.

Ваквата  одлука, наведува КХВ во соопштение, Комисијата  ја донесе откако на 18-ти месецов со допис од страна на друг државен орган беше известена дека е решено претходното прашање за случајот.

Од Комисијата информираат оти констатирале дека не се исполнети условите од Законот за преземање на акционерски друштва, според кои проспектот и понудата за преземање треба да се изготвени во согласност со законот. Укажуваат дека според член 21 став 2 од Законот за преземање на акционерски друштва,  акционерите на целното друштво мораат да бидат целосно, точно и навремено информирани за понудата за преземање за да имаат доволно време правилно да ја оценат понудата, да ги дефинираат своите интереси и да донесат одлука за прифаќање или одбивање на понудата за преземање.

– Овие информации акционерите ги добиваат токму од Проспектот кој во себе содржи детални податоци за понудувачот и за понудата за преземање, за изворите на финансирање на понудата за преземање, целта на понудата за преземање, намерата и плановите на преземачот во врска со целното друштво и сл. Оттука, по добивањето на дописот од другиот надлежен орган, Комисијата на денешната седница констатира дека во конкретниот случај не може доследно да се применува член 27 став 3 од Законот за преземање на акционерски друштва, поради што КХВ на РМ како регулатор на пазарот на капитал не смее да толерира на акционерите да не им се достапни сите потребни и релевантни податоци  за  „Балкан Петролеум“ Холдинг Лимитед  за да донесат одлука за прифаќање или одбивање на понудата за преземање на „Макпетрол“ АД Скопје, се вели во соопштението.

КХВ на седницата воедно дала согласност Василка Николовска во наредните четири години  да  раководи  со  Одделот за работа со хартии од вредност при „ТТК Банка“ АД Скопје, а обновила и една дозвола за брокер.