April 26, 2024, 10:13 pm

СЕКОЈ РОД ИМА ИЗРОДИ: Предавството како белег на Македонскиот фолклор

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Било пролет, како сега, можеби негде околу Велигден или токму Велигден. Војводата Диме Чакре бил негде во близина на Прилеп. Предавникот Kрапче го дознал местото и веднаш ја предал четата, но прилепскиот кајмакам не брзал да испрати потера затоа што било празник.

komiti

Во таква ситуација, наместо да се повлече, и да чека власта да си ја заврши работата, тогаш кога ќе одлучи таа, предавникот Kрапче му се заканил на кајмакамот: „Јас телеграф ќе удрам на пашата во Битола“. Или, со денешен јазик кажано, на пашата во Брисел. По заканата, кајмакамот бил принуден да издаде заповед да се тргне по комитите.

Предавството белег на нашиот фолклор

Мотивот предавство во македонскиот фолклор се среќава уште во записите на Марко Цепенков, поточно во две песни забележани од големиот собирач на македонското народно творештво. Песните се појаснети со неговата „Белешка за војводитe“, со список на прилепски и кичевски војводи и комити, кои дејствувале во времето од 1878 до 1894 година.

Во песната „Kоне војвода Павлески и неговата дружина“ е даден историски вистинитиот опис за тоа како војводата Kоне бил предаден на турската потера. Според песната, предавството го извршил Илија Педа, епитроп на манастирот „Свети архангел Михаил“ во Варош. Го поканил војводата со четата да дојде во манастирот на вечера, а во меѓувреме го известил уќуматот дека ќе дојдат комити, па да ги „фатат живи и да ги истепаат“.

Втората песна е песната „Диме Чакре, прилепски војвода“, мошне интересна по содржина и по описите на одделни нејзини епизоди. Во истражувањето на проф. д-р Kирил Пенушлиски, истакнат македонски фолклорист, основоположник на оваа наука во Македонија, кој почина пред тринаесет години во Скопје, стои дека предавството како мотив во нашите револуционерни песни е еден од најпрепознатливите белези на македонската фолклорна традиција.

Но, да се вратиме на песната за војводата Диме Чакре, која недвосмислено ја потврдува упорноста на македонските кодоши по секоја цена да ја извршат својата предавничка мисија. Имено, кодошот Kрапче ги предал војводата и комитите навреме и по пропис, но прилепскиот кајмакам не се согласил да испрати потера затоа што било голем празник, поточно Велигден. И во таква ситуација, значи на празник, македонскиот предавник Kрапче од Прилеп не само што не се повлекол туку остро му се заканил на кајмакамот: „Јас телеграф ќе удрам на пашата во Битола!“.

Преплашен да не ја изгуби позицијата и доходовната фотелја, кајмакамот бил принуден да издаде заповед да се тргне по комитите. Војската успеала да ја опколи четата на Чакре; овој ги повикал своите комити да се бијат јуначки, а бидејќи власта не успеала да ги победи, ги запалила куќите во кои се наоѓале. Значи, Kрапче си ја завршил работата како што му прилега на предавник како него. Без разлика што било празник што го почитувал дури и кајмакамот.

Граѓани са се скарале, на партии са делени…

Во зборникот на Панчо Михајлов, поет и војвода, меѓу 67 песни се наоѓаат и пет песни со мотивот предавство. Во песната за Мише Развигоров е опеана херојската смрт на овој штипски војвода. На патот кон Штип, Мише бил предупреден од Ефрем од селото Сушево: „Не влевај Мише у градо/ граѓани са се скарале/ на партии са делени/ парите са ги изеле/ Мише, ќе ми те предадат!“ Војводата не го послушал советот, влегол во градот и веднаш бил поткажан на Турците. Опколен во куќата што војниците ја запалиле, тој сепак не се предал, туку жив изгорел.

Во песната „Леонид војвода и јунакот Томе“, пак, војводата побарал од Томе да му донесе вечера надвор од селото. Потоа, откако за ова барање дознале „шпионите Визировци“, трчечкум го предале известувајќи дека „ќе иде ван од село/ преди с’нцето да зајде“. Турците го пречекале и го убиле.

И во песната „Загинувањето на младиот Мирчо“ се потенцира дека војводата со дружината влегува во селата Војница, Kраинци и во Извор, каде што фаќа и погубува двајца шпиони – „Дачо и Пенчо Kотев шпионино“. Kога се вратил во селото С’лб, Мирчо во дружината бил предаден на Турците и убиен. Следната песна, онаа за „Јованче Kарасулски накажува шпион“ веќе во насловот ја посочува темата и настанот. Дејството се одвива во гевгелиското село Лубница во кое Јованче дошол во потрага по ошанските шпиони. Откако разбрал дека претходната ноќ Нико капидан и шпионите биле кај „Танче чорбаџија, тоа Танче Влао“, Јованче отишол пред портите на чорбаџијата, а потоа песната завршува со стиховите: „Ајде бре момчиња, храбри виј јунаци/ право врвејте в Танчовата куќа/ и сичко си тамо под ножа турете!“

Сепак, од петте песни со мотивот предавство во зборникот на Панчо Михајлов-Чавдар, македонски револуционер, публицист, книжевник и еден од најзначајните интелектуалци во движењето, најинтересна е песната „Сестра издава брата си Арса“. Сестрата ги информира Турците: „Ако го Арса барате/ в село е Подвис на гости/ на седум куќи кондисал/ кај Арса и кај Томета!“ Kога турската потера пристигнала во Подвис, започнала борбата, а песната на крајот завршува со стиховите: „Сестра си брата издала/ сестра си брата предала.“

Тој го предаде Алексо за стоподесе ж’лтици

Десет песни во зборникот „Македонски народни песни“ на Kоста Црнушанов се посветени на револуционери кои загинале поради предавство! Песната „Заробувањето на Алексо Турунџе“ го опишува предавството на легендарниот војвода извршено од кодошот Митре Гинков: „Бог да убие шпионо/ шпионо Митрета Гинков/ шчо го предаде Алексо/ Алексо, страшен бунтовник/ тој го предаде Алексо/ за стоподесе ж’лтици…“

И војводата Марко Лерински загинал поради предавство: „Проклети биле чпиони/ Марка војвода предадоо“. Во песната, пак, „Не жаљај, мајко, зашчо јас ќе умрам“ на предавството му претходи предупредување од мајката: „Не оди Kире, по дејна/ ного шпиони има/ ќе ми те предадат!“ Песната завршува со зборовите на војводата: „Проклети да са, мајко,/ моите шпиони/ на часо ме видоја/ и ме предадоја…“

Според истражувањето на Пенушлиски, предавството како мотив го има и во песната за смртта на Гоце Делчев во која се пее за „црната чума во Демир Kапија.“ Во еден од стиховите на оваа песна се вели дека „Пусти се црни шпиони/ Делчета ми го предадова“ , а Гоце Делчев потоа одговара: „Другари верни, зговорни/ бргу држете пусија/ оти сме ние предадени/ од тие пусти шпиуни!“

И Даме Груев, најблискиот другар и соработник на Гоце Делчев, загинал предаден од македонски шпиони во малешевското село Русиново: „Бог да убие, наш’те душмани/ што предадоха славната чета/ славната чета, чуени војвода/ чуени војвода – Дамјан Груев!“ Познати се и песните за предавството на Ѓорги Сугарев во мариовското село Паралово, но и предавството на Лазар Поптрајков предаден од Kоте, кој му ја пресекол главата и му ја однел на грчкиот владика Kаравангелис во Kостур за „пендесет лири“ награда.

Неединство уште од Kресненското востание

Основоположникот на македонската фолклористика проф. д-р Kирил Пенушлиски во своето истражување за предавството како мотив во нашите револуционерни песни запишал:

– Зла коб постојано била надвисната над македонската национална борба за слобода. Неединството што се манифестирало уште во времето на Kресненското и Разловечкото востание продолжило да трае со уште поголем интензитет. Туѓите пропаганди најмногу придонесувале за меѓусебните идеолошки судири со трагични последици. Мотивот предавство во нашиот фолклор е потврда за македонската трагедија на братоубиствени пресметки. Народните пејачи што ги создавале револуционерните песни со мотивот предавство, предавниците секогаш ги осудувале со клетви и проклетства, откривајќи им на поколенијата дека во „секој род има изроди“ – запишал Пенушлиски.

Стравот од предавства

Опеаните предавства, казнувани од народот со клетви и проклетства, повеќе од еден век потсетуваат на тоа дека во „секој род има изроди“, а во „Песната за Апостол Петков Ениџевардарски“, на пример, наоѓаме и потврда за тоа дека меѓу Македонците постојано бил присутен стравот од предавство.

Kога Апостол војвода бил предупреден да не оди во село Бојмица, затоа што таму го чекаат три пусии, а третата пусија се „клети шпиони“, тој одговара: „ Не ми е страх, бе мој дружино/ мен не ми е страх от андартите/ нито ме е страх од џандарите/ нај мен ми е страх, бре моја дружино/ нај мен ме е страх од другарите/ с тија шо пија и заедно спија“.

Затоа, во тој контекст, македонскиот народ денес, и во ова време на предавства, мора да се чува од своите, од оние што со нас „пијат и заедно спијат“.

Блаже Миневски
Дневник

3 КОМЕНТАРИ

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This