April 26, 2024, 12:12 pm

СИЛЈАНОВСКА: Ако бидам избрана за претседател, тоа ќе биде крајот на власта на СДСМ

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Функцијата на Претседател на републиката не е супститут на Владата. Оваа Влада ќе плати насоро висока цена за својата неспособност, неработење, индолентност, корупциските скандали, непотизмот и сето останато, што мина незабележано поради фалбите од меѓународната заедница за Преспанскиот договор.

Ова го истакнува кандидатот за претседател Гордана Силјановска Давкова во интервју за бугарскиот „Дневник“.

Госпоѓо Силјановска, зад вас застана партијата која го поддржа и сегашниот претседател Ѓорге Иванов. Претседателот на државата треба да биде обединител на народот, а Иванов го раздели со многу дела – од спорната амнестија и одбивањето да му даде мандат на Зоран Заев за премиер до одбивањето да го потпише Законот за јазиците и противењето на Преспанскиот договор. Вие како ќе го обедините народот? Дел ги споделува вашите позиции против Преспанскиот договор и Законот за јазиците, а многумина други, пак, сакаат да го остават потпишувањето на овие документи зад себе и да продолжат напред.

Силјановска-Давкова: Мислам дека сте престроги во оценката за претседателот Иванов. Станува збор за десетгодишен мандат, на човек кој победил убедливо на избори и кој поради тоа имал најголем легитимитет. Точно е дека имаше и слабости, а јас како професор (и мој колега) го критикував за некои потези и за неподготвеноста да го искористи правото на вето за некои закони.

За аболицијата, гледано од денешна призма, ситуацијата е сменета: она за што тој беше обвинет, сега на друг начин го спроведе Заев преку амнестија која е противуставна, внесе селективна правда и нееднаков третман на обвинетите, а со цел обезбедување на двотретинско мнозинство за промена на уставот. Иванов имаше намера да обезбеди дифузија на акумулираниот конфликтен потенцијал и оневозможување политичари да бидат уценувани врз основа на „бомбите“ на Заев. Сега, при промената на името и уставот, Заев го искористи токму тој момент. Можеме да го критикуваме Иванов за некои политички потези, но тој ја вршеше функцијата во рамки на устав и закон, за разлика од владата на Заев која воведе политика над законот.

Огромното мнозинство од електоратот јасно го искажа својот став против Преспанскиот договор на референдумот од 30 септември. Јас бев дел на движењето Бојкотирам, а и сум силен критичар на начинот на кој со дерогирање на устав и закон се смени целокупниот уставен поредок, и земјата се подели, наместо да се обедини. Не знам колку вашите читатели знаат дека ратификацијата на Законот за јазиците и Законот за ратификација на Преспанскиот договор се објавени во Службениот весник без потписот на Иванов, што е кривично дело. Значи, виновникот за поделбите и кршењето на Уставот треба да се бараат на друго место. Јас ќе се држам стриктно до словото на Уставот, но и ќе бидам проактивна и гласна во ситуации на идни прекршувања на Уставот. Како професор по уставно право, и поранешен член на Венецијанската комисија во два мандата, ќе знам тоа да го правам умешно.

Велите ќе го оставите отворено прашањето за името и како претседател ќе барање формирање правна група од експерти да напишат извештај за прекршување на националното и меѓународното право. Можете ли да појасните што очекувате од оваа група и какви последици би требало да имаат нејизните заклучоци – обид за ревизија на Преспанскиот договор или нешто друго?

Силјановска-Давкова: Токму деновиве американскиот професор по меѓународно право Френсис Бојл го изнесе ставот за инвалидноста на Преспанскиот договор во светлина на Виенската конвенција за меѓународни договори. И многу други врвни светски правници што ги консултирав се сложуваат со ставот дека Договорот не само што не е вечен, туку има и фундаментални правни недостатоци. Тоа го кажува и мојата анализа низ призма на уставните норми. Освен тоа, билатерален договор не може да обврзува трети држави, и тоа наскоро ќе стане јасно. Македонскиот народ е силно огорчени навреден со овој наметнат договор против неговата волја и со октроиран устав. Имплементацијата на Договорот веќе внесува хаос и несигурност. Ова го кажувам како искусен правник кој знае дека она што е засновано на неправо може да има бумеранг ефект. Јас го почитувам уставот но ќе работам на формирање сериозна и независна експертска група која ќе ги испита сите елементи на можна невалидност на Договорот.

Северна Македониja не оди напред дури не стои ниту во едно место, туку се враќа наназад, велите вие. Приврзаниците на власта се согласуваат дека по промена на името, сѐ уште треба да се решат сериозните проблеми со корупцијата, администрацијата, судовите, канцелариите и другите. Што ќе направите вие за да се смени тоа ако победите на изборите?

Силјановска-Давкова: Функцијата на Претседател на републиката не е супститут на Владата. Оваа Влада ќе плати насоро висока цена за својата неспособност, неработење, индолентност, корупциските скандали, непотизмот и сето останато, што мина незабележано поради фалбите од меѓународната заедница за Преспанскиот договор. Работејќи наводно за приближување до ЕУ, власта не’ оддалечи од Копенхашките критериуми и ја поткопа довербата на граѓаните во институциите. Мојот повик до граѓаните е дека сега треба да одлучат дали имаат доверба на оваа и ваква власт да ѝ ги дадат сите позиции и апсолутната власт во државата, или ќе почнат да ја казнуваат за нејзината неспособност и неодговорност. Ако бидам избрана како претставник на опозицијата, тоа ќе биде почеток на крајот на власта на СДСМ. Во рамки на мојот мандат би се случиле и парламентарни избори.

Какви чекори треба да се преземат за подобрување на економската ситуација, за да се задржат младите во Северна Македонија, и сметате ли дека ќе можете да придонесете за тоа? Во обратен случај, кога Северна Македонија ќе влезе во ЕУ, проблемот само ќе се продлабочи, како што веќе се случи во една источноевропска држава.

Силјановска-Давкова: Како и во Бугарија, така и во Македонија, голем број млади луѓе се нестрпливи и не сакаат своите таленти и знаење да ги чуваат неискористени во земја во која ни администрацијата не успева да профункционира на вистински начин заради целосната партизација. Нашето членство во ЕУ е во некоја далечна перспектива, но важно е да им се каже на младите дека не треба Македонија да „оди“ некаде, туку Европа треба да ја донесеме дома. Имам голем број студенти кои велат дека се подготвени да вложат напори за подобрување на животот тука, ама чекаат сигнал дека правниот систем нема да ги дискриминира и да фаворизира луѓе со соодветни партиски или етнички врски. Првиот чекор за подобрување на економијата е борбата со политичката корупција и со политичките династии/семејства кои политиката ја користат за богатење на своите фирми и семејства. Како претседател јас ќе водам економска дипломатија.

Гледате ли на овие зибори како на референдум за власта на СДСМ? Сметате ли, дека ако победите, нужни се вонредни избори, како што предлага лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски?

Силјановска-Давкова: Оваа власт е одамна делегитимирана, и да беше Македонија демократска држава, Зоран заев ќе си дадеше оставка веднаш по неуспехот на референдумот. Во меѓувреме се насобраа секојдневни скандали, афери со непотизам и кронизам, градежна мафија го окупира јавниот простор, власта нема одговор за ниту едно суштинско прашање. Од Преспанскиот договор не може да се живее, тој не се јаде, не носи приходи – ама носи фрустрации. Штета што заев немаше храброст да распише истовремено и парламентарни и претседателски избори, но сега ќе го развластиме чекор по чекор. Мојата победа ќе биде силна порака и ќе ја врати надежта кај македонските граѓани дека промени се можни.

Зборувате за поактивен претседател – со обраќања пред Собранието, повеќе конкретни предлози за подобрување на животто на граѓаните и ако е неопходно, конституционални (уставни) промени. Значи ли дека планирате промена на политичкиот систем на Северна Македонија – повеќе надлежности за претседателот или дури полупретседателска или претседателска република?

Силјановска-Давкова: Ветив и иницирање на уставна реформа, ама немам амбиции да приграбам повеќе овластувања за претседателот. Уставните измени ги гледам во насока на обезбедување стабилна и функционална демократија. Македонија треба да биде повеќе парламентарна демократија, а помалку консоцијација на две етнички елити. Нам ни е потребна ревизија на системот на поделба на власта, за да се отстранат „сивите зони“ и можноста за политичка неодговорност. Имам точна претстава што ѝ е потребно на земјата, а за тоа планирам да се консултирам со академската фела и цивилното општество, но и со странски експерти. Претседателот може само да поднесе предлог за промена на уставот, но уставот го носи Парламентот. Значи, потребен е и широка поддршка од сите политички фактори. Ништо што ветувам не се прави преку ноќ и со волшебно стапче; земјата е во таква длабока криза што ќе биде потребно многу трпение, знаење и работа. Јас сум противник на зајакнување за претседателските функции во стилот на Франција.

Бугарскиот европратеник Андреј Ковачев на Фејсбук изрази разочарување од вашите позиции кон Бугарија по вашиот разговор во Брисел за историјата и за Договорот за добрососедство. Дали сакате промена на односот со Бугарија и ако е така, што треба да биде?

Силјановска-Давкова: Бугарија е членка на ЕУ и НАТО, a ние го следиме вашиот пат. Сакаме пријателството да се продлабочува, но очекуваме и соодветна помош да го изодиме тој пат. Мој приоритет ќе биде подобрување на односите со Бугарија, не само со засилување на економските врски, туку и културните, спортските, академските и меѓучовечките. Ние сме блиски народи и природно е да соработуваме и да се разбираме добро. Досега повеќе значење се даваше на односите на највисоките државни претставници и на договорите на елитите на двете земји, но јас верувам во развивање контакти во сите сфери и на сите нивоа. Во таа насока бев изненадена од „Фејсбук“ постот на господинот Ковачев. Сметам дека сите отворени прашања треба да ги решаваме како државници, а не како политичари кои сакаат да добијат брзи поени кај граѓаните.

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This