Со струјата, поскапе и комуналната такса, еве колку ќе плаќаат граѓаните за јавното осветлување

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Со зголемување на цената на електричната енергија, се зголеми и комуналната такса за јавното осветлување што ја има во секоја сметка за струја, испратена до домаќинствата. На новите сметки може да се забележи дека комуналната такса сега е 168 денари, а претходно беше 149 денари.

Во ЕВН објаснуваат дека, како што се променија износите на сите тарифи со поскапувањето на цената на струјата, така се промени и оваа ставка за јавно осветлување.

– Наплатата на паричните средства за комунална такса за осветлување се реализира преку ЕВН Македонија, но средствата во целост завршуваат во буџетот на општините кадешто припаѓа броилото на корисникот. Износот на комуналната такса е променет според одлуката донесена од Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги, согласно која се променија и останати тарифи со годинешното поскапување од 12,3 проценти – изјавија од ЕВН за „Слободен печат“.

Регулаторната комисија за енергетика врз основа на барањата на енергетските компании, односно врз база на податоци за нивни трошоци, како и врз основа на тендерската цена за струја од страна на ЕСМ како домашен производител, одобри зголемување на цената на електрична енергија за домаќинста за 12,3 проценти, со важност од 1 јули 2021 година до 30 јуни 2022 година.

За да не се почувствува ценовниот шок од зголемената цена на киловат-час електрична енергија, се донесоа измени на Законот за ДДВ со кои данокот се намали од 18 проценти на 5 проценти. Законските измени, според најавата на Владата, требаа да кореспондираат со датумот на зголемувањето на цената на електричната енергија, односно од 1 јули. Но, пратениците во Собранието не ги изгласаа навреме законските измени и тие почнаа да важат од 15 јули. Затоа, во новите сметки за струја, ЕВН пресметува еден данок до 15 јули, а друг од 16 јули.

-Измените и дополнувањата на Законот за данокот на додадена вредност влегоа во сила на 16 јули, а следствено на тоа почнувајќи од тој датум и се применува 5 проценти ДДВ – велат од ЕВН.

Од Министерството за финансии објаснуваат дека повластена стапка од 5 проценти ќе важи до 30 јуни 2022 година.

– Според усвоените измени и дополнувања на Законот за данокот на додадена вредност, даночната стапка за прометот на електричната енергија кон домаќинствата се намалува од 18 на 5 проценти. Намалената стапка согласно законското решение се применува од денот на влегување во сила на Законот за измена и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност па сѐ до 30 јуни 2022 година. По овој датум наредната година, односно од 1 јули 2022 до 30 јуни 2023 година ќе се применува повластена даночна стапка од 10 проценти за прометот на електричната енергија кон домаќинствата. Целта на воведувањето повластена даночна стапка за промет на електрична енергија кон домаќинствата е да се овозможи пониска цена за граѓаните и намалување на нивните трошоци – соопштија од Министерството за финансии.

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This