СПРОТИВНО НА ОНА ШТО СЕ ВЕТУВАШЕ НА ИЗБОРИ: На граѓаните ќе им се зема, но нема да им се враќа ДДВ

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

-Владата на Република Македонија ќе воведе нов систем „Повеќе пари кај граѓаните” со кој на граѓаните ќе им се враќаат по 15% од платениот ДДВ, со исклучок на данокот остварен при купување на лускузни производи. Системот ќе содржи ограничувања кои ќе спречат злоупотреби и поголемо раслојување – ветуваше владата на СДСМ во Програмата на Влада 2017 -2020 година и Планот за работа за периодот јуни-декември 2017 година, анализира Вистиномер.

Сепак ветувањето на Владата кое според Планот за работа на Владата за периодот јуни-декември 2017 година, е предвидено да се реализира преку донесување на измени на Законот за данокот на додадена вредност (ДДВ) во декември 2017 година, не е исполнето.

Владата, според Планот за работа, за периодот јуни-декември 2017 година, предвиде подготовка на Предлог на закон за измена и дополнување на Законот за ДДВ со кој ќе се овозможи поврат на 15 отсто од уплатениот ДДВ за граѓаните, за декември 2017 година.

До 15 февруари 2018 година измени на овој закон не се разгледувани ниту на владина седница, ниту пак е поднесена некаква информација за тоа. Измени на Законот за ДДВ не се објавени ниту на Единствениот национален регистер на прописи (ЕНЕР).

Од Министерството за финансии, кое треба да ги подготви измените на Законот за ДДВ информираат дека уште ги анализираат концептите, но не посочуваат кога и на кој начин ќе се реализира повратот на ДДВ-то за граѓаните.

-Министерството за финансии ги разгледува и ги анализира концептите за отпочнување со мерката. Кога ќе имаме подетални информации ќе ги споделиме со јавноста – велат од финансии.

Дека владата не е подготвена да ја реализира во целост оваа мерка ни во текот на оваа година, како што беше планирано, но и најавено од СДСМ во предизборието за парламентарните избори во 2016 година, потврди и премиерот Зоран Заев на седница на Собранието наменета за пратенички прашања во декември лани кога од пратеникот Илија Димовски од опозиционата ВМРО-ДПМНЕ беше прашан кога ќе се реализира ветениот поврат на ДДВ за граѓаните.

-Ваков систем изискува соодветна административна подготовка. Во второто полугодие на 2018 ќе го испробаме овој систем на две места во Македонија за да го провериме неговото функционирање и за да ги слушнеме ставовите, да ги утврдиме предностите и слабостите. Ако системот функционира, граѓаните ќе бидат мотивирани и ќе си бараат фискална сметка насекаде, а преку тоа целиот систем на уплата на ДДВ ќе се зголеми. Ова е механизам кој успева во одредени земји. Ако двата региони ги дадат овие резултати, во 2019 одиме низ целата територија – рече Заев кон крајот на ноември минатата година.

За реализација на оваа мерка и како пилот проект во 2018 година нема планирани пари во ниту една ставка од Буџетот, барем не како „поврат на 15 отсто од ДДВ-то уплатено од граѓаните” .

СДСМ враќањето на 15 отсто од платеното ДДВ за граѓаните го стави и во предизборната програма за парламентарните избори во 2016 година „Планот за живот во Македонија” каде што напиша:

-Ги намалуваме трошоците за поголем семеен буџет. Враќаме 15 проценти ДДВ: Секој граѓанин ќе добива назад по 15 проценти од платениот ДДВ во фискалните сметки. Тоа ќе значи, на крајот од годината, уште една плата плус во секое семејство- пишува во „ Планот за живот во Македонија”.

Според она што тогаш го изјавуваше лидерот на СДСМ и сегашен премиер, Зоран Заев, СДСМ ова ветување требаше да го реализира веднаш по изборите.

-Една од најважните мерки којашто веднаш по 11 декември ќе биде донесена од страна на Собранието и имплементирана од страна на Владата, ќе биде враќање на 15 проценти од данокот на додадена вредност. Сите ние граѓани плаќаме секој ден за сè што значи наш живот. Секаде го плаќаме данокот на додадена вредност. Ако потрошите илјада денари, имате 180 денари ДДВ внатре. Ние предлагаме 15 проценти од тоа ДДВ што го има на секоја сметка, за вода, за храна, за облека, за струја, за се што плаќаме, 15 проценти да се врати назад кон граѓаните – рече Заев лани во октомври.

Но, една година подоцна ова ветување Владата предводена од СДСМ не успеа да го реализира, туку го одложи за 2019 година, со образложение дека во 2018 година само ќе се реализира пилот проект во два региона во земјава.

1 коментар

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This