Од денеска пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Сашо Василевски, еден од 33-цата обвинети за нападот во Собранието на 27 април лани, може да присуствува на собраниските седници, кога нема да има судски рочишта.
По серија барања, Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1 одлучи да му ја укине мерката куќен притвор на Василевски, со парична гаранција. Обвинителството за организиран криминал нема да ја обжали одлуката.
Адвокатот на пратеникот Василевски, Александар Новаковски вели дека решението за ослободување од Кривичниот совет сеуште не го добиле, но дека претходно поднеле жалба и барале ослободување со гаранцијата.
Василевски, кој моментно е на судење во Кривичен суд, не сакаше да коментира ништо поврзано со неговата мерка, ниту, пак, со случувањата во Собрание денеска.