(Фото) Македонија и Грција чeкop пoблиcкy дo изгpaдбaтa нa интepкoнeктopoт зa пpиpoдeн гac

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Националните компании за пренос на гас од Македонија и Грција, НЕР и ДЕСФА вчера во Солун потпишаа Договор за соработка за развој и изградба на интерконекторот за природен гас, што е уште еден чекор поблиску до изградбата, но и нешто што според вицепремиерот Фатмир Битиќи „ќе ни даде можност да се позиционираме како регионален центар за снабдување со гас на земјите во регионот на Југоисточна Европа“, јави дописничката на МИА од Атина.

Во организација на Американско-грчката стопанска комора и Грчката асоцијација за енергетска економија, вчера во Солун се одржа Петтиот енергетскиот форум за Југоисточна Европа, на кој онлајн учествуваше и заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции Битиќи.

На маргините на Форумот договорот Договор за соработка за развој и изградба на интерконекторот за природен гас го потпишаа извршниот директор на Националните енергетски ресурси (НЕР), Бајрам Реџепи и главната извршна директорка на Грчкиот национален оператор за пренос на гас (ДЕСФА) Марија Рита Гали.

Договор меѓу НЕР и ДЕСФА доаѓа по потпишаниот Договор на политичко ниво на 9 јули во Атина меѓу министерот за економија Крешник Бектеши и грчкиот министер за животна средина и енергија Костас Скрекас.

Од грчката компанија соопштија дека Договорот ги воспоставува принципите на соработка, според кои ДЕСФА и НЕР имаат намера да ги координираат главните фази, нивните обврски и придружните точки на развојот на интерконекторот, но го вклучува и почетокот на обврзувачкиот Market Test, „согласно условите што ќе бидат одобрени од Регулаторната комисии за енергетика и по позитивната Конечната одлука за инвестиции од двете страни, што се очекува во првата половина на 2022 година, што ќе го олесни навременото и ефикасно завршување на изградба на проектот, согласно договорениот временски период“.

Битиќи на панел дискусијата, осврнувајќи се на договорот истакна дека „овој договор ги дефинирани условите за соработка и временската рамка за изградбата“.

– Тоа е еден од нашите клучни проекти. Изградбата на овој интерконектор ќе отвори можности за двете земји, но не само за нив. Ќе ни даде можност да се позиционираме како регионален центар за снабдување со гас на земјите во регионот на Југоисточна Европа и очигледно, за нашата национална економија ќе значи диверзифицирани eизвори на енергија и поттикнување на конкурентноста, рече Битиќи и додаде дека се планираат интерконектори и со другите соседни земји, како што се Косово, Србија и Албанија.

По потпишувањето на договорот, првите луѓе на двете компании Реџепи и Гали ја истакнаа важноста на интерконекторот меѓу двете земји.

Извршниот директор на НЕР рече дека потпишувањето на договорот меѓу двете компании е меѓу последните и многу важни чекори кон крајната цел.

– Изградбата на овој коридор, не само што ќе диверзифицира, туку ќе создаде и стабилен извор за снабдување со природен гас, а неговите придобивки ќе бидат достапни не само за Македонија, туку и за нашите северни соседи. Нашата соработка со ДЕСФА, нема да заврши со финализирањето на гасната интерконекција и секако ова партнерство ќе се продлабочи и ќе се прошири и на други области, со цел да понуди поволни услови на пазарот на енергија, рече Реџепи.

Главната извршна директорка на грчкиот национален оператор за пренос на гас истакна дека потпишувањето на договорот за соработка помеѓу ДЕСФА и НЕР „дава значителен поттик за развој на взаемно корисен проект за Грција и Македонија“.

На потпишувањето присуствуваа и министерот за животна средина и енергија на Грција Костас Скрекас и амбасадорите на САД во Македонија и Грција, Кејт Брнз и Џефри Пајат.

Скрекас истакна дека со интерконекторот дополнително се надградува геополитичката улога на Грција, а на Македонија ѝ се дава можност позагадувачките извори на производство на електрична енергија да ги замени со природен гас и со проектот ќе се отворат илјадници работни места.

Американскиот амбасадор во Грција Џефри Пајат го поздрави договорот „како уште еден важен пример од позитивната економска агенда што се развива меѓу Грција и Македонија, заснована на визијата на  Договорот од Преспа и дополнително обезбедува сигурно снабдување со енергија за Југоисточна Европа“.

Гасоводот, чија изградба ќе чини околу 110 милиони евра, предвидено е да биде со должина од 123 километри и да се протега од Неа Месимвриа кон Неготино преку Гевгелија и да ги поврзува двата национални системи за пренос на природен гас.

Почетниот капацитет ќе биде 1,5 милијарди кубни метри годишно, со можност за проширување до 3 милијарди кубни метри годишно, а се спроведени и студии со цел гасоводот да има соодветни спецификации за транспорт на зелен водород.

Интерконекторот е само еден од проектите на Македонија со Грција, а за нив говореше вицепремиерот Битиќи на панел дискусијата во рамките на форумот.

Вицепремиерот се осврна и на потпишаниот договор за соработка за изградба на гасниот терминал во Александрополис, каде Македонија ќе поседува 10 отсто од акциите на терминалот и учествуваме во изградбата на гасната централа каде уделот е 25 проценти од вкупната вредност.

– Докажавме дека е можно да се соработува, дека не постои непремостлива пречка и дека преку дијалог, меѓусебно почитување, разбирање и соработка секој предизвик може да се реши, а овие стратешки проекти кои се важни за целиот регион и се поддржани од нашите партнери ЕУ и НАТО, се доказ за тоа, истакна Битиќи.

Тој рече дека веќе постои согласност во првиот квартал на 2022 година ќе биде воспоставен нафтоводот помеѓу Солун и Скопје, што е „дополнителен заеднички напор кој го покажува визионерскиот пристап на Македонија и Република Грција каде геополитичките позиции се користат мудро за зголемување на конкурентноста и економската благосостојба на граѓаните во двете земји“.

Говорејќи за енергетските политики во Македонија, заменик-претседателот на Владата истакна дека новиот закон за енергетика е целосно усогласен со ЕУ регулативите, како и со Енергетската заедница, и овозможува реализација на новата Стратегија за развој на енергетиката до 2040 година и Националниот план за клима и енергија, кој се чека на усвојување.

Битиќи посочи дека за овие активности „Енергетската заедница ги пофали нашите напори и посветеност“, бидејќи, како што рече, сме првата земја на Западен Балкан што го стори сето тоа.

Тој објасни дека Владата го усвои Интервентниот план за инвестиции, со кој во еден среднорочен период, до 2027 година е предвидена реализација на инвестиции во вредност од 8,2 милијарди евра.

– Во вкупните инвестиции, најголем обем, зафаќаат токму проекти од енергетиката, предвидени на ниво од 3,1 милијарди евра, со што го докажуваме нашиот фокус за транзиција кон зелена енергија, а понатаму следуваат 2,7 милијарди евра за патна и железничка инфраструктура, уште еден доказ дека сме посветени на градење на врски со соседите и овозможување на услови за поголема конкурентност и на Македонија, но и на целиот регион на Западен Балкан, објасни вицепремиерот Битиќи.

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This