ЦЕЛОСНИОТ ГОВОР НА МИЦКОСКИ: Договорот со Грција за смена на името е документ кој јас и ВМРО-ДПМНЕ не го прифаќаме – екој граѓанин да постапи според сопственото убедување!

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Нашата татковина е пред крстопат, а ова се историски мигови, важни за нашата заедничка иднина, но и судбоносни за опстојувањето на Македонија, онаква каква што ја знаеме, паметиме и посакуваме.

Од власта ќе кажат дека е потребен исчекор напред, но истовремено треба да се знае дека пред нас како држава е огромна бездна наречена Договор за промена на името Република Македонија. Правењето исчекор во тој правец, е непроватен процес и бришење на името Македонија, идентитетот, пасошите и  личните карти. Воедно треба да се биде свесен дека со досега прифатеното, Владата ги сруши сите преговарачки позиции градени со години, и тоа го стори неповратно. Го говорам ова за да остане запишано и да има трага.

Пред да преминам на она што денес се говореше и расправаше на партиските тела, со пратеничката група, ИК и ЦК на ВМРО-ДПМНЕ, сакам да бидам многу реален и пред се многу искрен, на повеќе теми.

Република Македонија се наоѓа во една многу тешка и деликатна ситуација, доведена пред се од неодговорни политичари и луѓе водени од желбата за лична кариера и интерес. Во моментов Македонија е скапоцен авион даден во рацете на адолесценти, кои го знаат својот интерес и своите потреби, ама немаат чувство да управуваат со авионот, а од тоа управување зависат многу човечки судбини. Таквата тешка позиција ја споделува секој еден граѓанин, здружение, компанија, интелектуалец, но и ние ВМРО-ДПМНЕ  како политичка партија.

На власт дојде Влада која што  реално нема никакви резултати. Секому е јасно дека имаме економско фијаско, нема напредок, а ветувањата не се остваруваат. Секојдневно се случуваат силни корупциски афери, милионски тендери, државни пари кои завршуваат во џебовите на министрите и директорите. Стипендии за одбрани студенти, но не и за најдобрите, стотици илјади евра за цвеќиња, но не и пари за нова медицинска опрема,  учебна година без нови учебници, но затоа тендер од 5.3 милиони евра на сомнителни фирми блиски до власта.

Поради ваквата недемократска и клептомантска власт, многу луѓе се самоцензурираат, а  на патриотизмот почна да се гледа како на нешто лошо и тоа додека оние над 800-тини криминалци излегуваат на слобода. Започна лов за јавно искажан збор, па така ако не се багерите за да газат, тука е полицијата за да малтретира, или градоначалниците за да потсетат дека нешто се снима. Тоа овозможи ситуација на самоцензурирање, па ќе видиме по некој професор, или некој општествен авторитет, така срамежливо, со блед изглед на лицето, да каже видете нема излез, ова е тоа, ова е најдоброто што можевме да го направиме, тоа е тоа, помирете се, а потоа и ќе се доверуваат на други дека т морале тоа да го сторат, биле под притисок, кариерата им била  во прашање, а не гледаат дека се што стекнале во животот претходно, во неповрат им заминува.

Од друга страна пак, за власта, за многумина лажни душегрижници, и оние одвнатре по некој ќе даде во медиумите повод  ВМРО да биде тема. Каков бил статусот, какви одлуки се донеле, третиот ешалон претрпел измени, каков бил ставот, третиот, што ќе се случувало и слично. Легитимно, но дефокусирачки од главните прашања во ова држава. Бадијала сте загрижени, почитувани мои душегрижници од власта, знајте сега и немојте да заборавите никогаш,  нас Македонија ни е во интерес и никој друг.

Има работи за кои се подготвени да ја платите висока цена, но има работи за кои што не сте подготвен да платите никака цена. Тоа се нештатата кои се суштински важни за постоењето, битисувањето и ве дефинираат кој сте и што сте.

Воедно еден од клучните проблеми е што целокупните процеси на преговори за името, од кои ВМРО-ДПМНЕ беше комплетно исклучено, и воопшто немаше увид, е што Зоран Заев хазардерски ветуваше и ветува работи кои не се во негова моќ и самиот нема моќ да ги исполни и така ја доведува во уште потешка ситуација  нашата држава, граѓаните и меѓународната заедница.

Видовме како не е проблем за власта да ги менува ставовите, да се газат претходно заеднички прифатени принципи и позиции за преговори за непромена на Уставот и незадирање во идентитетот.  Ако тоа за Заев е секојдневие, за мене не е.  Затоа што во прашање е чест, достоинство и даден збор пред граѓаните.

Да бидеме на јасно,

Договорот со Грција за смена на името е документ кој јас и ВМРО-ДПМНЕ не го прифаќаме.

Затоа што е надвор од нашите принципи и начела. Ние остануваме на ставот дека сме против овој Договор, затоа што веќе е апсловирано, и секому јасно дека со овој договор се менува Уставот на Република Македонија, се менува институционалниот идентитет како клучен сегмент од националниот идентитет на еден народ, една  држава,  се менуваат патните исправи, се менуваат личните документи. Се прифаќа комисија за разгледување и ревидирање на културата и традицијата што ќе отвори пат во иднина кога ќе посака Јужниот сосед да ги блокира евроатланските интеграции на државата да може тоа да го стори кога сака и како сака. Сето ова е спротивно со нашите ставови, а ние не можеме едно да велиме сега, а друго утре. Тоа јас не можам да го правам, нема да го правам, бидејќи е неодговорно. Ги губиме сите позиции, целата предност сите аргументи стекнати низ годините наназад. Со овој Договор исчезнува Резулуцијата на ОН, Времената спогодба, но и Хашката пресуда.

Самото донесување беше низ нетранспарента процедура и преку повреда  на процедурите за носење на ваков тип правен акт.

Дополнително самото референдумско прашање е повеќезначно, манипулативно и не се однесува на суштината, односно за она што го имаме на маса, а тоа е Договор за промена на Уставното име на Република Македонија и целокупната содржина што со себе ја носи овој Договор.

Свесно се одбра прашање: Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?

Тоа е направено со цел да се внесе забуна кај гласачите, но и сите оние кои би биле против  намерно да се оцрнат како некоструктивен елемент.

ВМРО-ДПМНЕ напоменувам и потенцирам е за членство во НАТО и во Европската Унија. Toa се нашите пријатели и партнери. И не треба да се заборави дека ВМРО-ДПМНЕ освен тоа што е продолжение на столетната борба за слобода, во деведесетите е формирана и како одговор на партијата СДСМ која како што самите се декларираат  е продолжение на минатиот комунистички систем. Република Македонија не смее да има поинаква иднина освен онаа трасираната кон овие организации. Но воедно ние сме  силно против Договорот, затоа што тој не ги одразува интересите на Република Македонија и се коси со Уставот и принципите на оваа земја.

И ВМРО-ДПМНЕ е на страната на сите кои аргументирано,  со право се против овој договор на еден или на друг начин.

Наспроти сето ова, Владата започна жестока кампања, која реално, признала или не вреди милиони евра, која е адресирана исклучиво кон членството во ЕУ и НАТО, а во која нема ништо за Договорот за промена на името, кој реално е на маса и за кој имаме сега денеска ситуација да се наоѓаме пред референдумско изјаснување. Си играат со емоциите на луѓето, им создаваат лажни надежи.

Тие мислат дека на тој начин ќе избегнат од одговорноста за тоа зошто дозволија и прифатија промена на Уставот, идентитетот, историјата, образованието. И затоа што реално во овие година ипол немаат никаков резултат, туку само одново создадени очекувања, какви претходно ги создадоа со доаѓањето на власт, а гледаме дека не ги исполнуваат.  Да бидеме реални  и после референдумот и Договорот ќе има државни тендери за фирмите на Анѓушев,  бизнисите во здравството ќе се префрлаат од ќерката директор, на таткото бизнисмен, Шекеринска ќе ни збори за готовност, а во исто време  армијата нема пари за превоз на војниците, а Заев ќе продолжи да лаже и краде. Што значи не е до Договорот  и не зависи од него дали ќе ни тргне во земјата, туку кој ја води државата? Ќе ја цитирам германската канцеларка Меркел која порача дека освен договорот  треба отворено да се каже дека има и одредени други предуслови што треба да се исполнат.  За тие услови да се реализираат треба работа и труд и визија, такви во Владата на СДСМ и Зоран Заев не гледаме.

Почитувани,

Прашањето за името е едно од најзначајните за нашата држава. Тоа е надпартиско, суштествено за постоењето и понатамошното дејствување на државата. Ова е прашање кое задира во историјата, го опфаќа делото на нашите предци, и се однесува на иднината, на младите или се уште неродените деца. Ова не е прашање само на Христијан Мицкоски и Зоран Заев, ова не е прашање само на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, ова не е прашање за меѓупартиско препукување, или дневни прес конференции, ова е прашање за Македонија и сите нејзини граѓани, за нејзиното постоење и понатамошно градење. Токму затоа реков дека ова се историски моменти. ВМРО-ДПМНЕ, по консултациите со граѓаните  и реално различните мислења кои постојат меѓу народот, за апстиненција или да се гласа против, но и оние малкуте кои сметаат дека треба да се поддржи, по одржаните состаноци со Централниот и Извршниот комитет, а имајќи во предвид сето она што претходно го напоменав и јасниот став дека овој Договор е неприфатлив за нас, како и тоа дека се работи за надпартиско прашање, донесовме одлука секој граѓанин да постапи според сопственото убедување. Секоја индивидуа, со сопствениот морал и совест ќе донесе одлука која смета дека е најдобра пред се за своето семејство и за нашата мила Македонија. Македонија ни е се. Нема партиите да одлучуваат, за национално прашање ќе одлучи нацијата и на нејзината одлука сите ние ќе се поклониме и тоа ќе биде тоа.

Македонија не е само на Мицкоски, не е ниту само на Заев, туку на секој слободномислечки граѓанин. Имате се пред вас, и се е толку видливо и мерливо, и сите аргументи, и сите факти, и јас сум убеден дека знаете, знаете што треба да направите.

Вие најдобро знаете што сакам да ви кажам и дека ова што ви го кажувам допира до секој еден од вас, само треба да го слушате вашето срце и вашиот разум, и на крај, сосема на крај Македонија ќе победи,  затоа што на Македонија и е потребна мудрост и обединетост.

А на власта, на власта ќе и  порачам да не ја лаже јавноста со вакви слогани сега или никогаш. Така во минатото имаше слоган СДСМ и Црвенковски дека изборот бил еден , или пак за референдумот за територијалната организација дека некои прашања не заслужуваат одговор, само за да одиме кон НАТО и ЕУ, така тогаш ни велеа. Но тука секој треба да си го постави прашањето дали откако Црвенковски стана претседател и тргна на државата или дали после референдумот за територијалта запреа едноетничките барања и дали тргнавме кон ЕУ? Едноставен е одговорот. Не.  Се е до нас самите. Ако сме подобри ако секој од нас се однесува одговорно и сериозно и со љубов кон државата и граѓаните и има визија како да биде подобро така и државата ќе биде подобро место за живеење.  До нас самите е.  Лажните надежи се само еден очаен обид да се подгреат емоции кај луѓето кои едвај чекаат да им е подобро. Но ако не ги смениме оние кои управуваат, нема да се промени ништо.

И сосема на крај би сакал да обрнам внимание на уште една тема, во овие изминати  неколку дена, а верувам и во периодот што престои имаме една брутална  медиумска кампања која се манифестира со еден вид на медиумска едноличност  кога станува збор темата референдум, која по својата природа и оркестрираност  наликува на периодот од минатиот систем. И одеднаш ниту за обвинителството  ниту за било кој општествено одговорен субјект не е проблем прераното  започнување на кампањата, нешто што во минати изборни процеси било главна  тема за критика кон владата. Тоа говори дека Заев и власта се во паника, инаку зошто би било потребно ето ова.

Имајќи предвид дека поминаа 4 месеци од нашето последно јавно соочување, а се случија многу  работи. Почитуван претседател на владата г-дин Зоран Заев ајде заедно на дебата на ТВ дуел, затоа што имаме на маса  договор со Грција, има многу лаги и лажни очекувања, афери, корупција,  скандали, затоа што многу работи мораат да бидат слушнати, јасно и гласно. Ајде  пред граѓаните да разговараме отворено јас и Вие и искрено за сите случувања што  изминаа минатиот период за договорот, но и за сите останати теми кои што живот значат за граѓаните пред 30 септември. Овој пат почитуван претседател на владата Зоран Заев, за Македонија се работи.

А јас верувам дека Македонија ќе победи!

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This