Чии тронови се kлaтaт од kaтиљ ферманот на Бајден?

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Кој ќе биде на црната листа, дали опозицијата ќе се најде на катиљ ферманот на американската администрација поради противењето на Преспанскиот договор, до чаршиски муабети кои се претставуваат како факти се само дел од какафонијата која ја предизвика извршната наредба на Американскиот претседател Џозеф Бајден со која се уредува американската стратегија за Западен Балкан.

Би било несериозно ако американската дипломатија ја перцепираме како сервис на дневната политика, па во таа насока и да ја коментираме извршната наредба на Бајден. Напротив, се работи за сериозна одлука со која САД ги заштитува своите стратешки интереси во Европа, а Западен Балкан е клучен дел од стратегијата за реафирмирање на американските позиции во надворешната политика. Ова особено по претседателството на Доналд Трамп кој американската политика ја сврте сама кон себе, со славното мото – Да ја направиме Америка повторно голема!

Она што е важно да се потенцира е дека Извршната наредба на Џо Бајден не се однесува ниту на Македонската опозиција, ниту пак на поединци, или што би се рекло – недржавни актери. Истата исклучиво се однесува на администрациите на регионалните влади во Македонија, Бугарија, Србија, Албанија, Косово, Грција, Босна и Херцеговина и Црна Гора. Секако, споменувањето на Преспанскиот договор, Охридскиот Рамковен договор, Дејтон и резолуцијата 1244 на ОН се само дел од стратешките документи спонзорирани од американската дипломатија, па оттука логично е да бидат од стратешка важност на САД.

Она што е поважно, а ретко се коментира од големиот број на новинари, аналитичари и поранешни дипломати е вредноста на Извршната наредба во смисла на борба против корупцијата.

Впрочем и на средбата помеѓу премиерот Зоран Заев и амбасадорката на САД Кејт Мери Брнз беше реафирмиран овој, најважен аспект на извршната наредба.

На средбата беа потенцирани клучните полиња поради чие загрозување може да настапи санкцијата предвидена со Извршната наредба, а истите може да се однесуваат на лица кои ги загрозуваат мирот, безбедноста, стабилноста или територијалниот интегритет на која било област или држава на Западен Балкан, како и оние кои вршат корупција или ги загрозуваат човековите права и демократијата.

– Заев и Брнз заеднички ја констатираа вредноста и ефективноста на Извршната наредба на претседателот Бајден особено ако се има предвид дека преку неа може да се оневозможи влез на физички субјекти и лица од Западен Балкан кои се одговорни за корупција, за злоупотреба на јавни или приватни средства за мито или за политички цели, како и за нарушување на мирот, стабилноста и демократијата, стои во официјалното соопштение по средбата.

А, борбата со корупцијата не е најсилна страна на овој владин состав, што пак се огледува и во рангирањата на „Економист“ и „Транспаренси интернешнл“. И во двата извештаи Македонија бележи значителен пад, и се наоѓа во група со т.н. земји од третиот свет како Уганда, Афганистан, Конго, меѓу останатите.

Што вели претседателот Пендаровски?

Не може да очекуваме дека Стево Пендаровски ќе каже нешто спротивно на наредбата на неговиот американски колега, иако истата се однесува на граѓаните на државата во која тој е претседател, но со жалење можеме да констатираме дека и Претседателот на Р.Македонија повеќе се „лепи“ на наративот со кој Извршната наредба се става во контекст кој упатува на тоа дека опозицијата ќе биде жртва на овој декрет.

– Претседателот Стево Пендаровски ја подржува Извршната наредба на претседателот на САД, Џо Бајден.
Секоја сериозна и демократска држава и нејзините представници треба да ги почитуваат меѓународните договори кои придонесуваат за мирот, безбедноста, стабилноста и територијалниот интегритет на секоја држава од Западен Балкан и на регионот во целина, велат од кабинетот на Пендаровски за Инфомакс.

Во врска со митото и корупцијата, што е клучен дел на декретот, Пендаровски има став долг една проширена реченица.

– Претседателот Пендаровски посебно ја поздравува и јасната одредба за можноста од санкци за сите лица кои се одговорни за сериозни повреди на човековите права, лица вмешани во корупција, проневера на јавни пари или мито, стои во одговорот испратен од кабинетот на Пендаровски за Инфомакс.

Од ВМРО-ДПМНЕ упатуваат на внимателно постапување по однос на декретот на Бајден

Дека високата корупција и изразениот криминалитет се клучен дел од декретот на Бајден препознаваат во ВМРО-ДПМНЕ кои пак упатуваат власта сериозно да се занимава со овој дел од извршната наредба, наместо да шпекулираат со вака сериозен документ за дневнополитички потреби.

– Власта треба да се позанимава со она што вистински претставува закана за иднината на нашата земја, а тоа е констатираниот висок степен на корпуција и криминал за кој Заев и Владата не кажуваат ниту збор, велат од ВМРО-ДПМНЕ за Инфомакс.

Оттаму дополнуваат дека власта треба правилно да го чита документот, во кој се вели дека високата коруцпија и криминал во Македонија е до толку развиен што претставува стратешки проблем за САД.

– Ова е констатирано и од страна на САД од каде овој проблем (корупцијата) го издигнуваат на толку високо ниво, што претставува закана за стратешките интереси на САД, заклучуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Безбедносни импликации од декретот на Бајден.

Професорот по безбедност и декан на Европскиот универзитет од Скопје Александар Нацев, за Инфомакс се согласвуа дека криминалот и корупциајта се главна грижа на САД, па оттаму и овој декрет со кој американската администрација ги заштитува своите стратешки интереси.

– Извршната наредба на претседателот на САД Џо Бајден мораме да ја гледаме првенствено како дел од арсеналот на офанзивната политичка дипломатија која ја води САД, не само во нашиот регион (кој во наредбата е дефиниран како Западен Балкан), туку и секаде во светот каде што имаат свои интереси, вели професорот Александар Нацев во изјава за Инфомакс.

Нацев ги оценува анализите кои се појавија како дел од какафонијата по објавувањето на извршната наредба како „произволни анализи“ кои имаат за цел да го толкуваат овој декрет „согласно сопствените политички наративи“.

– Бранувањата кои се појавија во македонската јавност и произволното толкување на текстот на наредбата соодветно сопствените политички наративи од страна на нашите политички партии и одредени недржавни актери, вели Нацев за Инфомакс.

Професорот соодветно анализира дека главен дел на оваа Извршна Наредба е делот во кој се зборува за криминалот и корупцијата.

– При анализата на наредбата никако не смее да се игнорира фактот дека најголема тежина во неа се дава на борбата против корупцијата и организираниот криминал, кои според Бајден, ги поткопуваат здравите основи на државите кои се стратешки партнери на САД. Во овој дел, наредбата е прилично општа и не посочува детално на кого се однесува ова, но ако се видат сите релевантни меѓународни рангирања за корупција, а и секојдневните скандали во Македонија, многу лесно може да се заклучи дека ние сме можеби на врвот на листата на држави во регионот, кои според САД слабо се справуваат со овој безбедносен предизвик, анализира Нацев.

Тој додава и дека договорите кои се споменуваат во наредбата, помеѓу останатите, се гарантори на мирот и стабилноста во регионот.

– Од друга страна, во одреден дел од наредбата, многу прецизно се посочува Преспанскиот договор (меѓу другите договори кои се споменуваат) како еден од гаранторите на мирот и стабилноста во регионот, и наредбата прецизира дека САД сериозно ќе се справат со секој оној кој би презел мерки за негово опструирање, заклучува Александар Нацев во изјава за Инфомакс.

На кого се однесува оваа наредба, и кој ќе се најде на црна листа.

Професорот на Правниот Факултет „Јустунијан Први“ при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ од Скопје, Александар Климовски, за Инфомакс вели дека ова не е прв пат Американски претседател да донесе ваква одлука која се однесува на Македонија или регионот.

– Не е првпат американски претседател да донесе извршна одлука за воведување на поединечни граѓани на одредени држави на т.н. црна листа, но и општи мерки на санкции кон самите држави, во случај ако се загрозени геостратешките интереси на САД, вели професорот Александар Климовски за Инфомакс.

Професорот правилно анализира кога вели дека извршната наредба се однесува на корупцијата, првенствено, а потоа и на заканата кон евентуално рушење на мировните договори во регионот на Западен Балкан.

– Очигледно администрацијата на претседателот Бајден оценила дека на актуелните водечки гарнитури на земјите од Западен Балкан, при што мислам дека во прв ред тука се Р. Албанија, Р. Македонија и Р. Бугарија, вклучително и Р. Србија, Косово, Црна Гора и БиХ, треба да се стави до знаење дека корупцијата и криминалот ги надминуваат локалните и регионалните рамки и се појавуваат како поширока дестабилизација на демократските односи на целокупниот Западен Балкан, анализира Климовски за Инфомакс.

Како пример на што точно се однесува овој декрет на Американскиот претседател, професорот Александар Климовски ја користи ситуацијата во Албанија каде неодамна во парламентот беше променет Албанскиот претседател.

– Во Р. Албанија пред некој ден, постоечката извршна власт, преку парламентот, го смени од функцијата Претседателот на Републиката, а да не говориме за криминалните дејствија како овозможување на кампови за обуки на разни терористички организации, нелегално производство и шверц на дрога и сл, анализира Климовски.

Корупцијата и секојдневните афери се главен проблем на оваа власт, и на ова се однесува и декретот, смета и Климовски.

– На извршната власт на Р. Македонија ова треба да и е јасен сигнал дека секојдневните коруптивни скандали, непотизмот и клиентелистичкото однесување не само што ја дестабилизираат земјата и се веќе во завршна фаза во подигнување на гневот на граѓаните, туку и најгрубо се обидуваат да се доведат во прашање фундаменталните и идентитетските прашања, во играта со Бугарија со цел да успеат да останат на власт уште некое време, вели Климовски за Инфомакс.

Што се однесува на Договорот со Бугарија пак, Климовски смета дека овој декрет на Бајден е поголем проблем за Бугарија отколку за Македонија, ако во тој контекст се стави и геостратешката политика на Русија која преку нашиот источен сосед се обидува да ја држи присутна регионалната позиција на Руската Федерација.

– Претпоставувам дека зад ваквиот цврст став на Бугарија којашто е, да не заборавиме, создадена од империјалистичката Русија и секогаш била под силно влијание на руските интереси, независно што е членка на ЕУ, е да ја користи оваа ситуација со Македонија за да ја држи присутна регионалната позиција на Русија и да ги заштити виталните руски интереси на Балканот. Впрочем, не случајно на црната листа на граѓани кои што беа ставени од американската администрација, на таа црна листа се најдоа најкорумпираните личности во времето на владеењето на Бојко Борисов. И тоа што го доживеа политичката парија на Бојко Борисов на претходните парламентарни избори е сигнал и за следните избори, а мислам дека е и сигнал како ќе се однесува и самата ЕУ на самитот во Лисабон, анализира Климовски.

Со овој декрет се дисциплинираат владите на Албанија, Македонија и Бугарија, но и поединци кои не ги почитуваат стратешките интереси на САД.

– Оттука, извршната одлука на претседателот Бајден е во функција на дисциплинирање на владите на регионалните држави, пред се кон Р. Албанија, Р. Македонија и Р. Бугарија, но и закана кон моќни поединци, во насока на почитување на се што е договорено и се што е во геостратешки интерес на САД на Западен Балкан, заклучува професорот Александар Климовски во изјава за Инфомакс.

Зошто какафонија?

Разбирливо е власта да го користи овој документ на Џозеф Бајден во дневнополитички цели, особено ако се има во предви дека владејачката партија на сите мерења во последните три месеци има константен пад на популарноста меѓу граѓаните.

Редовните локални избори кои треба да се одржат во втората половина на октомври ствараат дополнителен притисок врз власта, овој декрет да го „натоварат“ на опозицијата, проектирајќи се себеси како страната која направила вистински избор, притоа обидувајќи се да ги натераат граѓаните да заборават на коруптивните афери кои ја брануваат Македонската јавност од 2018. год навака. Токму тие афери и нивно конечно окончување се вистинската причина за ваквиот документ потпишан од Бајден.

Тоа дека опозицијата ќе згасне затоа што не го почитувала Преспанскиот договор не е ништо повеќе од приказни за добра ноќ.

А.Митовски.

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This