April 25, 2024, 11:56 am

ШТО ТРЕБАШЕ ДА НОСИ ПОЛИЦИЈАТА, ГОБЛЕНИ:Deutsche Welle удри по “Шарената револуција“

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Уличните протести од 2015/16 година со меѓнародна организација и логистика, промовирани како “Шарена револуција“, на крајот завршија како отскочна даска и потврда за функции на нивните лидери, амнестија на Шекеринска и нејзиното семејство за даночно затајување, легализирање рекет за портали и активисти кои ги афирмираа протестите како Мактел и Саше Психопатико, масовна злоупотреба на незаконски снимани туѓи приватни телефонски разговори со што се уценува и задушува слободниот бизнис и слободата на медиумите, и последно кога пратеници од “Шарената револуција“ бараат нивните активисти да бидат под апсолутна амнестија пред полицијата и судовите…

Германската новинска агенција Дојче Веле даде свој осврт на овие процеси, барем на некои од нив:

Манолис Глезос (1922) имал 90 години кога во Атина на масовен протест против спасувачките програми за грчкиот долг, меѓудругите, бил нападнат со солзавец во обидот на полицијата да спречи насилство од пошироки размери предизвикано од демонстрантите.

„Зарем него?”, револтирано прашуваа граѓаните.

Не случајно, бидејќи Глезос не бил еден од многуте „обични” демонстранти, туку икона на отпорот против фашизмот. На 30-ти мај 1941. година, тогаш 19-годишното момче Манолис Глезос, бил јунакот што го симнал нацистичкото знаме поставено на Акропол, давајќи ѝ надеж на Европа дека отпорот е возможен. Подоцна е прогласен за народен херој, а епитетот „првиот партизан на Европа” го добил лично од Шарл де Гол.

Деновиве во Скопје една комбинирана акција на полицијата и даночната и трудова инспекција во угостителски објекти, крена голема врева која сѐ уште не стивнува, а претендира да прикаже дека во неа „настрадал” македонски отпораш, небаре, од типот на Глезос. Во таквата драматургија испредничи пратеникот од владејачкото мнозинство, Павле Богоевски, осврнувајќи се на контролата во угостителскиот објект на Огнен Узуновски- Оги.

„Оги беше еден од најактивните борци против режимот. Неговото кафуле ни беше прибежиште на сите, беше местото каде знаевме дека сме безбедни. ВМРО постојано го таргетираше со инспекции и често пати го казнуваше. Ама ни ВМРО не се дрзна да го уапси. А ние го сторивме тоа. Срамота”, напиша Богоевски на Фејсбук.

Имаат ли некои учесници во „Шарената револуција” добиено „партизански споменици” а да не сме информирани за тоа? За какво „прибежиште” зборува Богоевски? Небаре зад некаков параван таму скришно биле преврзувани крвавите рани на „шарените револуционери”, или дека мајки и тетки плетеле чорапи за некој нов и тежок февруарски поход, по рамните улици на Скопје? Но, дури и оваа патетика е најбенигниот аспект од ламентацијата на Богоевски.

Кога пратеник вели „ни ВМРО не се дрзна да го уапси, а ние го сторивме тоа”, јавно покажува дека не само што не ја разбира поделбата меѓу законодавната, извршната и судската власт, туку и се залага таа да биде целосно избришана. Кои се тоа „ние”? Богоевски е еден од 120-те пратеници. Тоа што припаѓа на владејачкото мнозинство не му дава право да се претставува како претставник на сите власти, а уште помалку така да го разбира владеењето. Па токму поради таквото разбирање и густирање на власта во измината деценија се создаде режим, а „Шарената револуција” беше израз на граѓански отпор против такво владеење. Таа се залагаше да нема недопирливи, да има правда за сите, за да има мир. Богоевски, сега ни открива дека се залагал да има недопирливи, дури и за рутинска контрола.

По таа „логика”, тој на полицијата и на сите инспекции би им дал список на сите учесници на „Шарената револуција” за да не им текне по службена должност да посетат некој од нив. И тоа би требало да го прифатиме како „правично и принципиелно”.

Неподносливата леснотија со која се шират вакви пораки, го еродира амбиентот во време кога треба да се спроведат темелни реформи. Како Богоевски ќе гласа за реформски закони во парламентот со вакви искривоколчени ставови? Каква ќе биде „тежнината” на неговата аргументација кога ќе треба да образложи зошто се нужни реформи, ако самиот се презентира како антипод на темелни промени и „принципот” дека не мора сите да бидат еднакви пред постапките на надлежните? Особено е разочарувачки што вакви ставови доаѓаат од млад човек. Но, можеби е добро што ги изнесе на виделина. Бидејќи, пред некои следни избори кога ќе се подготвуваат кандидатските листи за пратеници, треба да се има предвид кој со какви заслуги за граѓаните се нашол на нив. Богоевски изгледа се најде „благодарение” на тоа што за време на еден од протестите беше приведен во полициска станица. Сега и неговиот штитеник има шанса да си создаде инстант биографија на политички маченик. Бил „апсен”.

А тоа што надлежните имаат право на контрола, тоа што при контролата меѓу присутни гости е најдена прашкаста материја или оружје, а кај вработени во некои објекти недостиг на лиценци, не е важно. Не е важно ни дали се дозволува присуство на малолетни, дали им се точи алкохол, дали од соседната маса некој ќе ги почести со „една црта”… Проблем е што полицајците побарале да се запре музиката за да можат да разговараат, и што носеле оружје. Е, тоа е навистина проблем. Можеби требало да си носат гоблени. И да ја везат „пастирска идила”.

Овојпат, не важи изреката „револуцијата ги јаде своите деца”. Овојпат, може да се каже дека некои деца се обидоа да ја злоупотребат „Шарената револуција”, претставувајќи ја како рамка за привилегирани и недопирливи. Ѝ фрлија боја. Но „шарените” не сакаат таква идентификациска картичка. Тие не маршираа за власт, туку за промени и принципи. Тие што погрешно ја разбрале ваквата мисија, сами се дискредитираат и се отпишуваат од неа. И тоа е навистина за поздравување.

 

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This