Ѓоргиев: За нас останува неприфатливо барањето Гоце Делчев да биде запишан како Бугарин

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Барањето на Бугарија Гоце Делчев да биде запишан како Бугарин, за македонската страна останува неприфатливо, вели Драги Ѓоргиев копретседател на македонскиот тим во Мешовитата комисијата за историски прашања со Бугарија.

Тој во интервју за ТВ Телма во пресрет на новата средба на Мешовитата комисија за историски прашања меѓу Северна Македонија и Бугарија што ќе се одржи во Скопје на 15 и 16 октовмри по пауза од речиси една година, го коментира барањето на бугарскиот тим кој во Скопје доаѓа со непроменет став, за Гоце Делчев да се идентификува како Бугарин

– Во решавањето на вакви конфликтни ситуации ако го земеме европското искуство, секогаш за нерешени прашања се води дијалог. За многу конфликтни ситуации дијалогот е единствено решение. Ние ќе продолжиме со дијалог за Гоце Делчев. Меѓутоа во тој дијалог секогаш треба да се бара решение кое ќе биде прифатливо и за двете страни. Прифатливо решение значи во кое ќе нема победник, односно, двете страни ќе бидат задоволни од решението. Прифаќањето на еднострано решение за Гоце Делчев, дали тој да биде Бугарин или Македонец не е решение во овој спор, вели Ѓоргиев.
За тоа каде гледа решение за ова, тој се повика на европското искуство и примена на алатката на мултиперспективност, односно кога се земаат во предвид двете перцепции за одреден настан или за одредена личност

– Тие две перцепции се рамноправни кога се претставуваат пред јавноста, видувањето на настанот или личноста на едната страна и видувањето на настанот или личноста на другата страна – како гледаат двете страни на тој настан. И таа еднаква перцепција кон одредено недоразбирање, за одредена личност или настан, мислам дека во овој момент е решение да се надмине спорот со Гоце Делчев, вели шефот на македонскиот тим од Мешовата комисија за историски прашања.

Запрашан дали ова досега им го предложиле на бугарските колеги и за нивната реакцијата тој потврди дека на охридската средба во октомври, од наша стара бил даден таков предлог, меѓутоа тогаш бугарската страна го одбила тој предлог.

Прашан во однос на Меморандумот кој Бугарија го испрати до Европската комисија околу преговарачката рамка во кој го негира постоењето на македонската нација и македонскиот јазик пред 1944 година, каде што наведува дека тоа е етнички инженеринг и обвинува за ревидирање на заедничката историја, Ѓоргиев е дециден дека нациите не се создаваат со декрет.

– Нациите не се создаваат со декрет, ниту нациите може да ги создаде едно лице, едно тело со одлука. Создавањето на нациите е долготраен и многу сложен и комплексен процес. И од тука тврдењето дека македонската нација е создадена со декрет во 1944 година нема асполутно никаква научна основа, вели Ѓорѓиев.

Процесот на создавањето на оваа современа македонска нација, појаснува тој, започнува во втората половина на 19 век и ги поминува сите фази кои ги поминуваат и други балкански нации, овде во нашето соседство.

– Нашиот пат апсолутно, не е поразличен од патот на другите нации. И затоа да се тврди дека ние сме нација создадена преку ноќ, од ништо, според мене не е научно. А во однос на ревизијата на историјата, вие можете да ревидирате одредени настани, историјата да ја ревидирате, само доколку имате нови релевантни документи. Само на тој начин може да се прави реизија на историјата. Кога со аргументи, со документи, таа ревизија ќе стане вистина потребна. Меѓутоа ревизија со политички притисоци со какви било ненаучни аргументи не може да се прави и асполутно тоа не е целта на оваа Комисија, да прави ревизија на историјата, заклучува копретседател на македонскиот тим во Мешовитата комисијата за историски прашања со Бугарија, Драги Ѓоргиев.

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This