- Advertisement -

Со предлог-законските решенија за следење на комуникациите не се отстрануваат забелешките на високите експерти на Европската Комисија. Можноста за злоупотреба и несовесно работење останува непроменета, порача претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во годишното обраќање во Собранието на Република Македонија.

Оценувајќи дека жариштето на секоја политичка криза е лоцирано во Управата за безбедност и контраразузнавање и нејзиниот оддел за техничка поддршка, претседателот Иванов рече дека од 2015 година до денес препораките на Прибе не се имплементирани, а тоа, како што рече. е основа да се сомневаме дека се уште постои злоупотреба на системот, дека се уште се монтираат случаи и дека се уште надлежни институции не постапуваат во согласност со своите законски надлежности.

„Не случајно повеќе од една година упорно повторувам дека приоритет на Владата мора да биде системска реформа во која ќе бидат опфатени субјектите на системот за национална безбедност на Република Македонија.Некој ќе каже дека тие реформи веќе се во тек. Се предлагаат закони за основање на Оперативна техничка агенција и за следење на комуникациите. На прв поглед, се имплементираат ургентните реформски приоритети на Унијата. Сепак, тука има неколку проблеми. Прво, во овој процес отсуствува вклученост и дијалог со субјектите кои носат одлуки за реформите во УБК. Второ, гледаме парадокс: оние кои треба да се реформираат сега ни ги водат реформите. Оние кои доаѓаат од театарот на генерирање кризи сега ни нудат решенија за излез од кризи. Семејните врски и конфликтот на интереси на персоналот во УБК се основа за злоупотреба и несовесно работење во службата. Трето, со предлог-законските решенија не се отстрануваат забелешките на високите експерти на Европската Комисија. Можноста за злоупотреба и несовесно работење останува непроменета“, рече претседателот Иванов.

Како Претседател, порача Иванов, сакам да видам неодложно спроведување на реформите.

„Во интерес на времето, решенијата се наоѓаат во постојниот Закон за внатрешни работи, каде одговорното лице уште сега може да иницира измена на внатрешните акти за да ја промени структурата на УБК и да го издвои Одделот за оперативна техника како самостојна организациона единица во состав на МВР. Ништо не го спречува уште сега да пропише посебни услови за работните места на полициските службеници кои вршат и водат постапки за следење на комуникации и полициски операции. Со тоа веднаш ќе се отстрани дел од суштинските забелешки на Прибе до наоѓање на општоприфатлив модел за следење на комуникации“, рече претседателот Иванов.

Научените лекции од минатото, како што рече претседателот Иванов, посочуваат дека отсуство на ветинг процедури и кодекс на професионална етика во комбинација со семејни врски меѓу високите политичари и високите функционери во УБК е формула за злоупотреба на службената положба и несовесно работење.

„Субјектите на системот за национална безбедност и одбрана, но и дипломатијата, мора да воведат кодекс на професионална етика за превенција на конфликт на интереси меѓу персоналот и член на неговото потесно семејство со странски амбасади, странски корпорации, граѓански организации и фондации кои се приматели на странска помош. Понатаму, безбедносната проверка во пракса се покажа како селективно средство за елиминација на неистомисленици и конкуренција. Неспорна е користа од полиграфското тестирање во вршење на безбедносна проверка. Затоа, одговорните лица кои управуваат со државните органи мора да спроведат мерки за враќање на довербата во институциите“, рече претседателот Иванов.

Според претседателот Иванов, ништо не ги спречува одговорните лица кои управуваат со институциите да иницираат измена на актите со кои се пропишува систематизација на работните места и употреба на средства и методи за да спроведат рамка за имплементација на ветинг процедури со задолжително полиграфско тестирање и форензика врз персоналот и изворите. Целта, според македонскиот претседател, е контрола на интегритетот и професионалната оцена заради спречување на злоупотреба односно неспроведување на законската надлежност.

„Затоа, ако навистина сакаме да се помириме, треба да ја вложиме енергијата во системските реформи во согласност со препораките на Прибе. Очекувам Владата како предлагач и Собранието внимателно да го проучат извештајот на Прибе и дословно да ги применат препораките за контрола над службите за безбедност. Ако навистина сакаме европска иднина, тогаш мора да ги примениме препораките на Европската Унија“, рече претседателот Иванов во Годишното обраќање во Собранието.