65 ГОДИНИ ИНСТИТУТ ЗА МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК „КРСТЕ МИСИРКОВ“: Одбележани 65 години од основањето на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ од Скопје од своето основање до денеска неуморно работи на најзначајните национални проекти што резултира со илјадници објавени страници во Речникот на македонскиот јазик, Правописот на македонскиот литературен јазик, Речникот на јазикот на народната поезија, Толковниот речник на македонскиот јазик…

Ова денеска го истакна директорката на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ Елена Јованова-Грујовска, на одбележувањето 65 години години од основањето. Потсети на почетоците, развојот и растежот на оваа институција и упати благодарност до основоположниците и до сите пензионирани кадри на Институтот.

– Вработените во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ од Скопје пред се се патриоти. Дванаесет години не ни се зголемени платите, со години не ни ги финансираат проектите, но ние упорно објавуваме резултати од проектите и пишуваме книги. Време е за нови проекти, за правење корпус, за фаќање чекор со дигитализацијата и електронското издаваштво. Време е нашите изданија да станат достапни за светот, рече Елена Јованова-Грујовска.

Потсети дека последните пет години за нив биле динамични бидејќи продолжило осипувањето на кадарот, имале земјотрес и поплава, откорнати радијатори, руиниран амфитеатар. Институтот сега е реновиран, климатизиран, со нови компјутери, со нов софтвер, а очекуваат ново партнерно уредување и реновирани суви подруми.

– Неполна година со нас е младиот научен работник примен по пауза од 19 години. Чекаме вработување за доктор по филолошки науки од областа ономастика и за еден или двајца доктори на науки од областа современ македонски јазик и за уште најмалку 12 асистенти, рече Јованова-Грујовска. 

Министерот за образование и наука и за култура Арбер Адеми им го честитаа јубилејот на вработените, им посака нови успеси и достигнувања и рече дека остануваат отворени за поддршка на научните и образовните планови на Институтот.

Министерот за култура Асаф Адеми нагласи дека Институтот „Крсте Мисирков“ е афирматор и децениски промотор на македонскиот јазик. Потсети уште на два значајни јубилеи, 115 години од излегувањето на книгата „За македонците работи“ на Мисирков и 25 години од смртта на Блаже Конески. Потенцира дека како и досега и во иднина Министерството за култура ќе продолжи со поддршка на проектите на Институтот, со кого имаат успешна соработка.

Ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ проф. д-р Никола Јанкуловски соопшти дека од своето формирање досега Институтот израснал во реномирана научна и образовна институција што го проучува македонскиот јазик од повеќе аспекти, историски, дијалектен, ономастички и современ. 

– Во 65-годишното постоење Институтот ја градеше својата улога во општеството и прерасна во најзначајна научна и реномирана образовна институција од областа на македонскиот јазик, со огромен потенцијал за завршување на фундаментални научно-истражувачки проекти од областа на македонистиката, рече Јанкуловски.

Претседателот на МАНУ академик Таки Фити е убеден дека најефикасен механизам за одбрана, равој и понатамошна меѓународна афирмација на македонскиот јазик е неговото научно истражување, континуирано. Според него, тоа мора да го прават најкомпетентните институции, вклучувајчи го и Институтот за македонски јазик.

Во амфитеатарот на Институтот избрани цитати од Мисирков читаше актерот Васил Зафирчев.

Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ од Скопје е основан во март 1953 година со задача сестрано да го проучува македонскиот јазик, да ги поттикнува творечките потфати во таа област и да се грижи за усовршување на научните и на стручните работници во него. Одбележувањето на јубилејот е почеток на „Отворените денови на Институтот за македонски јазик“ што ќе траат до 9 ноември 2018 година во чии рамки ќе се одржи меѓународната научна конференција „Јазикот и културата ‒ состојби и  перспективи“ и трибината „Македонскиот јазик во медиумскиот простор“.

МИА

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This