September 24, 2021, 8:27 pm

Aнaлизa: Сè пoтeшкo ce вpaќaaт дoлгoви – нeфyнкциoнaлнитe кpeдити co pacт oд 21,4 oтcтo…

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Од 2008 година кога светот ја живееше големата финанасиска криза, за првпат во првиот квартал од оваа година е регистриран најголем квартален раст на нефункционалните кредити во банкарскиот сектор во земјава. Неизвесноста поради пандемијата, но и поради темпото со кое се одвива вакцинацијата се клучните фактори кои невестуваат натамошно остварување на кредитните ризици на кои се изложени банките, пишува „Порталб“. Дури 40 отсто од „замрзнатите“ кредити поради корона-кризата сега се „нефункционални“.

За три месеци вкупните нефункционални кредити зголемени за 9,3 милиони евра !

На крајот на март оваа година заврши временото одложување на отплатата кај околу 94 отсто од кредитите коишто беа под мораториум поради пандемијата. Банките го „одмрзнаа“ мораториумот, но и по завршување на овој рок, дел од граѓаните не продолжија со навремена исплата на ратите за кредитите. Најновите податоци на Народната банка на Македонија (НБМ) кои се однесуваат на првиот квартал од годинава покажуваат дека само за три месеци салдото на вкупните нефункционални кредити се зголемило за 4,8 отсто или за 9,3 милиони евра. Клучно е растот на нефункционалните кредити е предводен од домаќинствата, односно граѓаните.

– Имајќи ја предвид неизвесноста околу времетраењето на последиците од пандемијата на коронавирусот и последователната неизвесност околу редовноста на клиентите во отплатата на кредитите, како и фактот дека грејс периодот истече кај речиси сите кредити за коишто банките извршија промена на договорните услови, во наредниот период може да се очекува зголемено остварување на кредитниот ризик и раст на нефункционалните кредити кај банките, соопштија од НБМ со објаснување дека дека регулаторните мерки што ги презеде Народната банка во доменот на управување на кредитниот ризик, придонеле за забавување на остварувањето на кредитниот ризик, барем во делот на создавање нови нефункционални кредити.

Кои се најпроблематични кредити за отплата? – Граѓаните најмногу должат по основ на станбени и на потрошувачки кредити на кои отпаѓаат најголем дел од нефункционалните кредити. Влошување на портфолиото имало и кај кредитните картички. Нефункционалното кредитно портфолио составено од домаќинствата, квартално порасна за 21,4 отсто или за 10,3 милиони евра.

– Околу 80 отсто од растот на нефункционалните кредити на домаќинствата отпаѓа на нефункционалните потрошувачки кредити. Новите нефункционални кредити од домаќинствата се главно поради неисполнување на кредитните обврски на повеќе клиенти на поединечни мали износи, за коишто отплатата на кредитите беше „замрзната“ во еден дел од 2020 година заради корона-кризата. Нефункционалните кредити каде што претходно било одобрено олеснување зафаќаат речиси 40 отсто од вкупните нефункционални кредити на домаќинствата на 31.3.2021 година и во целост го условуваат кварталниот раст на вкупните нефункционални кредити на овој сектор, објаснуваат од НБМ.

Нефункционални кредити ( квартал 1)

Нефункционални потрошувачки кредити                          +27,3%          
+8,3 милиони евра

Нефункционалните кредитни картички      
+41,1%          
+1,5 милиони евра

Нефункционални други кредити                                          
+28,4%      
+850 000 евра

Статистиката на банките покажала дека најпроблематични „клиенти“ се оние кои се соочуваат со финансиски проблеми, односно имаат нестабилни месечни примања и главно се од најпогодените економски сектори.

За разлика од домаќинствата, кај фирмите на квартално ниво регистрирано е намалување на салдото на нефункционални кредити за 0,6 отсто или за скоро 900.000 евра, а овој тренд е пред сè резултат на отписот на долгови.

– Нефункционалните кредити бележат различни движења кај одделните економски дејности, и тоа значителен пад кај клиентите од градежништвото и текстилната индустрија, а поизразено зголемување кај дејностите во врска со недвижен имот, хемиската индустрија и, трговската дејност. Намалувањето на нефункционалните кредити кај одделните дејности се должи на задолжителните отписи, наведуваат од НБМ.

Сепак, и фирмите генерираа нови нефункционални кредити, а предводници се неколку поголеми компании кои се стекнале со „нефункционален статус“, а на кои претходно им бил одобрен грејс-период заради состојбите поврзани со ковид-19. Нефункционалните кредити коишто произлегуваат од кредити кои беа под мораториум зафаќаат 10,7 отсто од вкупните нефункционални кредити на претпријатијата.

Како резултат на ваквите движења, квалитетот на кредитното портфолио на банките, мерен преку учеството на нефункционалните во вкупните кредити на нефинансискиот сектор се влошил за 0,1 процентен поен, во првиот квартал од 2021 година. По 2008 година кога светот, па и Македонија, се соочија со глобалната финанасиска криза, во првите три месеци од годинава забележан е највисок раст на нефункционалните кредити. Во првиот квартал од годинава износот на кредити кои се „реструктуирани“ поради ковид-кризата изнесува 16,6 милиони евра, а дури 65 отсто од вкупните реструктурирани кредити се сконцентрирани кај една банка од групата големи банки.  Во истиот период се зголемува и износот на пролонгирани кредити за скоро 22,7 милиони евра.

Банките, во договор со Владата, дозволија „замрзнување“ на отплата на кредити во одреден временски период. Тоа се случи во два наврати како антикризна мерка која требаше да му помогне на приватниот сектор. Сегашните состојби покажуваат дека и по истекот на оваа можност, граѓани и фирми не продолжија со редовно подмирување на долговите, што резултираше со пораст на нефункционалните кредити на ниво на целиот банкарски сектор. Сепак стрес-тестирањата на НБМ ја потврдиле отпорноста на банкарскиот систем на симулираните шокови.

Latest News

Cилен зeмјотрес ја погoди Алјаска

Земјотрес со јачина од 6,3 степени според Рихтеровата скала денеска го погоди градот Еидак во сојузната држава Алјаска, објави...

More Articles Like This