Axмeти со гepилски методи: Или поддршка во прв круг за Д У И или паѓа Владата на 3aeв

Или поддршка од СДСМ за кандидатите на ДУИ во Тетово, Гостивар, Струга, Кичево, Чаир уште во првиот изборен круг или со локалните ќе има и предвремени парламентарни избори затоа што лидерот на ДУИ, Али Ахмети, ќе ја растури владината коалиција. Ова Ахмети ќе го стави на маса пред владиниот партнер Зоран Заев на средбата која треба да се одржи неделава, вели за Плусинфо висок функционер од ДУИ.

Заканата следи откако прво, помалиот влади партнер Беса, неофицијално излезе со ултиматум дека ќе ја напуштат Владата ако Заев уште во првиот изборен круг за тие општини го поддржи Ахмети и откако лидерот на СДСМ денеска најави дека сериозно е во игра во Тетово и уште неколку општини битни за Албанците, да номинираат свои кандидати за градоначалници.

Дали албанските партнери преку ултиматуми билдаат позиции пред дефинитивниот договор за настап на локалните избори или се сериозни во намерата да ја растурат Владата ќе биде појасно по средбата помеѓу Заев и Ахмети. Плусинфо веќе објави дека Заев, ќе биде на мака со албанските партнери за поддршката за локалните избори.

Од друга страна, висок функционер на СДСМ за Плусинфо вели дека се во тек разговори со академикот Абдулменаф Беџети и со бизнисменот Љуљзим Дестани за кандидат за градоначалник на Тетово номиниран од социјалдемократите. Во таков случај, коментарот на функционерот е за кого тетовци ќе гласаат за Теута Арифи од ДУИ, Билал Касами од Беса или за Беџети или евентуално Дестани.

Дека локалните избори ќе ги искомплицираат релациите на владините партнери е повеќе од јасно, неизвесно е што ќе пресечат Заев и Ахмети, односно дали битката за општинските шерифи ќе биде посилна од опстанокот на Владата.

– Ако нема поддршка од СДСМ уште во првиот круг од локалните избори, тогаш нема Влада. Не може Касами кој има три пратеници, а ДУИ – 15, тој да уценува дали СДСМ и ДУИ за тие општини ќе имаат предизборна коалиција. Беса ја нема тежината на ДУИ и тоа е некоректно. Ахмети, а не Заев е тој што решава – вели функционерот од ДУИ за Плусинфо.

Од друга страна, од Беса за Плусинфо велат дека Касами на средбата со Заев побарал принципиелно однесување на владините партнери за локалните избори. Касами побарал Заев во првиот круг да не застане зад ниту еден кандидат од владините партнери ДУИ, Беса и ДПА. Владините партнери да го поддржат кандидатот од власта кој ќе влез во битка за градоначалник во вториот изборен круг.