Светската здравствена организација (СЗО) предвидува дека делта-сојот на коронавирусот, кој е позаразен и одговорен за повеќе од три четвртини од новите случаи на инфекции, ќе биде доминантен во многу земји во наредните месеци.
Таа варијатна, која првпат се појави во Индија, сега е присутна во 124 земји и територии, додека алфа-сојот од Велика Британија е присутен во 180 земји, бета-сојот од Јужна Африка го има во 130 земји, а гама-сојот од Бразил во 78 земји.
СЗО предвидува дека делта-сојот брзо ќе ги надмине останатите варијанти и ќе биде доминантна варијанта во наредните месеци.
Организацијата исто така предвидува дека во наредните недели бројот на досега заразени со коронавирусот ќе надмине 200 милиони.
Како причина за тоа, СЗО ги наведува новите соеви на вирусот кои побрзо се шират, укинување на противепидемиските мерки, поголемата социјална интеракција и недоволниот број вакцинирани.