Недостатокот на вода во Тетово оневозможи компанијата која ја изгради модуларната болница за пациенти со ковид-19, да го тестира системот за вода во тој објект. Сепак, регулирањето на овие пропусти се во завршна фаза, а економскиот директор на Клиничката болница во Тетово, Артан Етеми, информира дека наскоро се очекува болницата да биде ставена во функција. Во Тетово состојбата со ковид-19 е подобрена, пишува Порталб.мк.
Артан Етеми, економски директор на Клиничката болница во Тетово, истакна дека соодветна комисија од Министерството за здравство забележала некои пропусти при изградбата на модуларната болница, но на компанијата и преостануваат уште неколку дена да ги поправи овие неправилности.
Тој додаде и дека недостатокот на вода во одредени периоди во Тетово ја спречи фирмата да го тестира системот за вода во модуларната болница, за пациенти со ковид-19.
Еден ден претставници на компанијата беа за да ја пуштат водата во употреба, но немаше вода од градската мрежа, па затоа не можевме да го тестираме системот за вода во објектот, вели Етеми.
Во меѓувреме, бројот на пациенти примени во Клиничката болница во Тетово, поради ковид-19, во моментов е 41 и сите пациенти се на кислородна поддршка.