Hoви pecтpиктивни мepки низ Европа зapaди eнopмниoт бpoј нa нoвoзaбoлeни од Koвид-19

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

– Каков е трендот на епидемиолошката карта на Европа

На картата на епидемиолошката состојба во Европа, која секоја недела ја подготвува Eвропскиот центар за контрола и заштита од болести, сѐ побројни се земјите што се во црвената зона, а таму од неодамна се најдоа и Италија и Австрија. Картата има два главни критериуми за класифицирање на земјите, процентот на нови случаи на 100.000 жители во текот на последните 14 дена и процентот на позитивни тестови, во зависност од тоа дали е понизок или повисок од четири отсто.

-Во Европа минатата недела се евидентирани осум милиони случаи и 256.000 починати лица.

„Процентот на новозаболени пациенти и пополнетоста на болниците, но и смртноста, се зголемени во цела Европа“, кажа минатиот четврток директорот на Европскиот центар за контрола и превенција од болести, Андреа Амон, и повика на масовни тестирања и следење на контактите.
Ситуацијата со новозаразени и смртни случаи е лоша и во балканските земји. Сѐ е во пораст, а дека тоа ќе биде така предупредуваа епидемиолозите уште пред неколку месеци. Раст на нови случаи и зголемена смртност бележат Косово, Хрватска, Црна Гора, Словенија, Бугарија, Албанија.

– Чешка славеше победа, сега живее катастрофа

Чешката забава за „збогување“ со ковид-19 во јуни, кога неколку илјади жители на Прага славеа победа над вирусот, сега дејствува жалосно наивно, затоа што земјата ја доживува највисоката стапка на заразување на континентот. Епидемиолозите и населението вперуваат прст во Владата, која не успеала да го искористи летното затишје на епидемијата и да се подготви адекватно за очекуваниот есенски шок. Во градовите каде што повторно се воведуваат рестриктивните мерки, расте тензијата меѓу населението.

– Угостителите во Романија лути

Стотина романски угостителски работници протестираат поради затворањето на рестораните, театрите и дискотеките. Во државата во еден ден минатата недела беа потврдено 4.848 случаи, што е најголем дневен број од почетокот на епидемијата. Романските власти ја анализираат неопходноста од повторно воведување на ограничувањата на движењето во ноќта и на одредени места. На интензивна нега во моментов се 800 пациенти болни од ковид-19. Романија се наоѓа меѓу 23-те европски земји чија ситуација сериозно ја загрижува ЕУ.

– Различни мерки во различни општини во Црна Гора

Црна Гора беше последна земја во регионот што забележа прв случај, дури на средината на март. Во Подгорица веќе подолго време во сила е мерката за носење маска, не само во затворен туку и на отворен јавен простор. Различни општини во оваа држава имаат различни мерки, кои ги пропишуваат надлежните во однос на бројот на заразени во одредена територија. Во Подгорица и во уште неколку општини, угостителските објекти работат до 22 часот. Мерките што се однесуваат на угостителските објекти најмногу ги нервираат угостителите и граѓаните.

– Франција – полициски час

Француската влада прогласи здравствена вонредна состојба, со што овозможи воведување рестриктивни мерки со кои ќе се спречи ширењето на ковид-19. Во земјата има полициски час. Претходно Франција прогласи вонредна состојба во март, кога бројот на заболени што мораа на болничко лекување го достигна својот врв. Луѓето мораа да останат дома, освен кога одат на работа, да купуваат храна или да вежбаат еден час во текот на денот. Вонредната состојба е укината во јули, кога бројот на новозаразени повторно почна да расте.

– Во Словенија нема собирања дома

Словенија во мај прва во Европа прогласи крај на епидемијата, но пет месеци подоцна, на 20 октомври, воведен е полициски час. Движењето е забрането во периодот од 21 навечер до шест часот наутро. Премиерот кажа дека оние што не ги почитуваат правилата, ги загрозуваат јавното здравје и животите на луѓето и повика на разумност во текот на вториот бран. Освен полициски час, во Словенија е забрането движење меѓу одредени области, а во училиштата учат само децата до петто одделение. Собирањата се дозволени само кога се заедно до шест лица, а забранети се сите јавни собири, верски обреди и венчавки.

– Секој петти Хрват е позитивен

Во Хрватска, од 22 октомври, секој петти жител тестиран на вирусот е позитивен. Веб-страницата на Националниот институт за цивилна заштита, кој ги објавува статистиките, е блокирана поради голем интерес. Со 1.563 заболени во еден ден, Хрватска го забележа новиот рекорд во еден ден. Во Хрватска носењето маски е задолжително и на отворено доколку не е можно да се држи дистанца меѓу луѓето. На загрепските улици носењето маски е задолжително ако не е можно да се одржи потребното растојание.

– Босна и Херцеговина – што ќе биде по изборите?

До 22 октомври, во Босна и Херцеговина најголем број во регионот како последица на вирусот починаа 1.502 лица. Рекорден број новозаразени во еден ден – 999, државата забележа во истиот ден. Одлуката за задолжително носење маска и на отворено во Република Српска, мнозинството население ја почитува. Инспекторите проверуваат дали сите носат маски во продавниците и во угостителските објекти. Во државата ќе има локални избори на 15 ноември. Има стравувања каква ќе биде ситуацијата по изборите, со оглед на тоа дека на гласачките места ќе циркулираат многу луѓе.

– Вонредна состојба во Шпанија

Шпанскиот премиер Педро Санчез прогласи втора вонредна состојба на територијата на целата земја за спречување на ширењето на ковид-19, откако во последните денови е забележан голем број на новозаразени лица. Тој свика состанок на Владата за да се направат подготовки за вонредната состојба, што овозможува воведување полициски час и други ограничувања во целата земја. Шпанија оваа недела стана првата земја во Европа што надмина еден милион официјално потврдени случаи. Санчез кажа дека оваа бројка е многу поголема, односно може да е и поголема од два милиони, поради недостигот од тестови.

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This