HOB ПPECВРТ ВО ПОЛИТИKATA НА CAД КOH MAKEДОНИЈА

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Нашите аматери се’ уште веруваат и повторуваат дека имало грчко вето на самитот на НАТО, во Букурешт (2008). Да потсетиме, тогаш дојде до блокада на приемот на Македонија и целосен пресврт на политиките кон неа а во алијансата влегоа Албанија и Хрватска. Атина се фалеше дека ни поставила вето ама тоа е приказна за наивните. Ако се знае дека САД:

а) се доминантна сила во организацијата;
б) прават речиси што сакаат во неа бидејќи безбедноста на Европа зависи од нив;
в) трошат околу 700 милијарди долари за одбрана (и напад!), што е рамно на една третина од вкупните светски трошоци за оваа намена (нешто преку 2.000 милијарди долари);
г) плаќаат преку 70 проценти од оперативните трошоци на НАТО… може ли некој да поверува дека САД сакаа Македонија да стане членка, а Грција ги спречи?

Не изгледа логично, нели? Забуните доаѓаат и од фактот што претседателот, Џорџ Буш, јавно изјави (и испадна смешен) дека и Македонија утредента ќе стане членка, што создаде одлична база за грчкиот блеф. Вистината е, меѓутоа, дека Буш не беше дискредитиран од Грците туку од неговите. Тој беше на крајот на мандатот и, како своја заслуга, сакаше да го зајакне јужното крило на НАТО. Арно ама, професионалците од Стејт департментот и од безбедносните служби беа свесни дека ако Македонија влезе со референцата, нејзиното прекрстување ќе биде невозможно. А, како што е веќе очигледно, почнувајќи од 1990-тите, тоа е нивна главна цел во однос на нашата земја. Ако беше на почеток на мандатот, Буш веројатно ќе успееше а доколку интерес на САД беше да станеме членка, Грција ќе немаше избор.

Има и други докази за горното тврдење. Прв е дека истата вечер, откако неговите му објасниле дека Македонија не смее да биде примена, Буш го молел турскиот претседател, Ѓул, да не инсистира – или трите кандидати, или никој. Ако не влезеа Албанија и Хрватска, ќе значеше неуспешен крај на неговиот мандат. Втор доказ е дека Буш ги покани Црвенковски и Груевски да му бидат гости во Загреб, каде одеше во посета, што е крајно невообичаено. Трет, тој ја задолжи Кондолиза Рајс да потпише меморандум за партнерство со нас, кој нема никаква реална вредност, ама беше добар гест. Така, Буш им се реваншираше на неговите што го изневерија. Четврт, и клучен доказ дека тоа беше американско масло, а не грчко, е фактот што веднаш, уште во Букурешт, беше направен целосен пресврт во политиката на САД (преку НАТО) кон Македонија. Поставени ни беа блокада, уцена и ултиматум – прво името, значи прекрстување, а дури потоа членство. Дали Грците ја наметнаа таа промена, ценете сами.

Така, проблемот со нашето име беше префрлен од Њујорк во Брисел. Причината е проста – ООН нема никакви алатки да не присили на капитулација а НАТО, следен од ЕУ, веднаш ги искористи со нелегална и насилничка блокада. Во однос на Македонија, ова е целосниот мозаик од Букурешт (2008). Сепак, има уште еден важен марифет за потврда: ако Грција навистина ставеше вето, дали Турција немаше да реагира во наша корист? Но, кога играчот од другата страна беше Вашингтон, нормално е што Анкара не беше спремна да се конфронтира.

Истата година (2008), за амбасадор во Македонија доаѓа познатиот за нас Филип Рикер и веднаш почнува отворено да агитира за прекрстување на државата. Никој од неговите претходници јавно не го спомнуваше проблемот со името. Со тоа, САД ни ставија до знаење дека тие го менаџираат процесот со нашето прекрстување и дека Грција има маргинална улога. Кој го разбра тоа, е друго прашање. За потврда, ќе цитираме неколку изјави. Рикер: “Нова Македонија“ (од 19/02/2010) – “Никој не може да гарантира дека учеството во НАТО и во ЕУ е можно ако не се реши ова прашање“; “Нова Македонија“ (од 29/04/2010) – “Доколку не се реши прашањето за името, се поставува прашалник за иднината на Македонија“; “Нова Македонија“ (од 23/11/2010) – “Се надевам дека нема да потрошите уште две и пол години за да се дојде до решение за спорот за името КОЕ Е УСЛОВ ЗА ДОБИВАЊЕ НА ПОКАНА ЗА ЧЛЕНСТВО ВО НАТО“… Државната секретарка, Хилари Клинтон (“Дневник“, од 20/07/2011): “Владата во Скопје треба да знае дека нема да може да напредува во евро интеграциите се’ додека не го реши ова прашање со името“. Заменикот државен секретар, Џејмс Стајнберг (“Нова Македонија“, од 10/06/2010): “Разбираме дека на премиерот Груевски му претстои тешка одлука. Но, мислам дека е важно македонското раководство да се фокусира на наградата, а тоа е солидна иднина во рамките на НАТО и ЕУ“; Филип Гордон, помошник државен секретар (“Нова Македонија“, од 20/05/2011): “Македонија ќе се придружи (во НАТО) откако ќе биде решен спорот со името“… Заклучокот е евидентен: од Букурешт до Преспа, кога капитулиравме, официјалната позиција на Вашингтон беше – прво името, потоа членство, со решен билатерален проблем.

Иако сегашното однесување на Бугарија кон Македонија е апсолутно идентично со грчкото: ги блокираа(т) нашите евроинтеграции заради билатерален проблем, сега САД имаат други приоритети и затоа ја сменија својата политика. Портпаролот на Стејт департментот, (“Гласот на Америка“, на 19/11/2020): “САД ги повикаа Бугарија и Македонија да ги решат билатералните спорови надвор од пристапниот процес, за да се постигне заедничката цел за членство на Македонија во ЕУ“. Амбасадорката на САД во Скопје, Брнз (мкд.мк, од 23/11/2020): “Многу јасно ја кажавме нашата желба да ја видиме првата меѓувладина конференција до крајот на годината. БИЛАТЕРАЛНИТЕ СПОРОВИ меѓу земјите треба да се решаваат НАДВОР ОД ПРОЦЕСОТ НА ПРОШИРУВАЊЕ. Разочарани сме што Бугарија го блокира процесот“. Врв на дволичноста следи на 30/11/2020 (мкд.мк). Рикер, кој е сега помошник државен секретар, му пишува писмо на Заев, по неговото срамно интервју од 25/11/2020. Му дава признание за неговите досегашни политики (значи и за тоа што го кажа во интервјуто) и повторува дека билатералните спорови треба да се решаваат надвор од преговорите и тие да започнат за време на германското претседателство. Писмото е отворена поддршка на Заев. Инаку, немаше никаква потреба од таков чекор. Со истите аргументи (“Гласот на Америка“, од 04/12/2020) (мкд.мк), се јави и Метју Палмер, заменик на Рикер во Стејт департментот.

Клучното прашање е – зошто оваа политика не важеше и за Грција? Спорот и тогаш беше билатерален а блокадата за членството ни ја испорачаа токму САД (во Букурешт), заедно со уцена дека прво мора да се прекрстиме. Одговорот е јасен – тогаш за САД беше најважно државата да го промени името, со што практично се бриши и народот како македонски, а затворањето на “македонското прашање“ станува релативно лесно и чиста техника. Сега, на САД им се брза што поскоро дефинитивно да се уништи македонизмот, кој е доволно релативизиран, а тоа е можно само преку преговорите со ЕУ. Постјугословенското финално преуредување на Балканот е кај нив на маса и итно. Сега е на ред Македонија а ќе продолжи на Косово и во БиХ.

Ако оваа американска политика е само формална поддршка за Македонија дали,барем,значи осуда на Бугарија и на тоа што таа ни го прави ? Во никој случај. Прво, тие не ги критикуваат, камоли да ги осудуваат бугарските небулозни барања. Второ, Софија е цело време важен дел од нивното сценарио за бришење на Македонците како одвоен народ, што е заеднички интерес. Декларацијата за пријателство од 1999, со која започна бугарската агресија врз Македонија и која е основата и на Договорот од 2017, е подготвена од страна на Строут Талбот, тогашен заменик државен секретар на САД. Талбот, јавно се заблагодари на нивните амбасадори во Софија и Скопје за реализацијата на овој проект. Со истата, САД го отворија патот на Бугарија за членство во НАТО (2005) бидејќи тоа значеше дека меѓу нашите две земји нема отворени прашања. Ако ги имаше, правило е тие да не се внесуваат во НАТО и ЕУ и Бугарија не можеше да биде членка. САД неодложно ги сакаа внатре, заради опколување на Русија. И, место Македонија да поставува услови, бидејќи тоа беше чист бугарски и американски интерес, Љ. Георгиевски ја потпиша декларацијата со која се брише македонскиот јазик (станува според Уставот, значи измислен) и се откажа од Македонците во Бугарија. Поголема политичка глупост од оваа, тешко може да се замисли. Апсолутно е сигурно дека и Договорот од 2017 е потпишан под директен американски притисок.

Како да нема целосна логика во сето ова, ама само навидум е така. САД ја критикуваат блокадата бидејќи Софија се прецени и сака веднаш, со еден потег, да не избрише како народ, што не е реално. Тоа мора да биде процес кој, според американските замисли, треба да се реализира постепено во тек на долгите преговорите со ЕУ и чекор, по чекор, да ни се брише по некоја национална карактеристика. Со своите ултиматуми, Софија се заглави во тунел од кој тешко се излегува и не остави простор за некаков објективен компромис за геноцидот да се изврши со тек на времето и побезболно, а не преку ноќ. Преку рамката, Бугарија сака да ја зајакне својата позиција во нашите преговорите и да си го олесни начинот на кој ќе ни ги кубат сите пердуви, ама тоа го прави на неприфатлив и премногу агресивен начин. Затоа е критиката од Вашингтон, кој е загрижен дека Софија долго ќе го одлага почетокот на преговорите. Не за друго. Не е за суштината: и тие, како и сите други од ЕУ, ни порачуваат да се договориме со Софија. За што? Дека ќе се освестуваме како “Бугари“?

Факт е дека преговорите ќе траат најмалку 15 години, и членството можеби никогаш нема да се случи. Во меѓувреме, се’ што е македонско, преку нашите неразбирливи национални отстапки, ќе биде докрајчено преку 35-те поглавја. Со политичкиот аматеризам во земјава, на крајот од баладата, лесно може да останеме и без национален идентитет, и без членство кое е само можност. Камо среќа сето ова да излезе празна слама ама, на жалост, ова се факти кои не може да се игнорираат.
За крај и една енигма: тешко е да се поверува дека Германија не ја консултирала Македонија пред да го даде бесмислениот предлог со – “погрешното толкување на историјата“. Дипломатски, тоа е речиси незамисливо. Кој дал согласност, треба да се испита.

Ристо Никовски

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This