Koлумна на Кирил Миноски: Рecуpси и економски paзвој

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Економскиот развој најчесто е резултат на обмислен и стратешки пристап на државите, коишто во своите стратегии ги дефинираат долгорочни економски цели што сакаат да ги реализираат.

Главните цели на економскиот раст на национално ниво речиси редовно вклучуваат намалување на сиромаштијата и нееднаквоста, зголемување на приходите, богатството и благосостојбата на населението.

Предуслов на изработката на квалитетна економска стратегија е постоењето на јасна визија за тоа кои се целите што сакаме да ги постигнеме во определен временски период и со кои ресурси планираме да ја реализираме истата. Ресурсите како фактор што влијае на остварување на развојните цели подразбираат:
население, природни богатства и општествен капитал.

Во изминатите години, сведоци сме на изработка на мноштво стратегии, меѓутоа очигледно е дека нивниот главен недостаток, е тоа што во истите најчесто се вградени „позајмени визии“ со што им недостасува автентичност, односно оние што требаат да ги спроведуваат не се идентификуваат со стратешките цели и немаат чувство на „сопственост“ над стратегијата.

Во продолжение би се осврнал на природните богатства и општествениот капитал како ресурси за реализација на стратегиите.

Природните богатства ги вклучуваат: земјата, водените ресурси, минерални ресурси, пристаништата, шумите, патишта, климата, рибниот фонд и слично. Обемот на природните богатства со коишто една земја располага не секогаш значи и висок степен на развиеност. На тоа укажува и Адам Смит, истакнувајќи дека „земјите со изобилство на природни ресурси немаат толку функционални економии за разлика од оние без природни ресурси“.
Доколку се анализира македонскиот случај на користење на природните богатства како ресурс во функција на економскиот развој, тогаш се наметнуваат низа прашања:

Како се распределувале/ат концесиите за користење на природните ресурси, дали овој процес е транспарентен? Како се изработуваат (по која методологија) и кој ги изработува и оценува физибилити студиите и анализите за повраток на инвестираните средства и условите под коишто се давани концесиите? Колкав е вкупниот износ на средства што се добиени од концесиите во државниот буџет?

Зашто да не се креира социјална мерка за директно субвенционирање на производството и откупот на струја произведена од соларни панели поставени на крововите на зградите за колективно живеење и индивидуални куќи со што директно би се влијаело на подигнување на животниот стандард на секое домаќинство?

Дали државата го избрала најсоодветниот модел за давање на концесии на приватниот капитал и привилегијата за користење на водата и ветерот за производство на електрична енергија, или на пример за експлоатација на минералните суровини?
Одговорот на горенаведените прашања им е добро познат на граѓаните. Најчесто личниот интерес на поединици и групи наспроти државниот интерес преовладал при давањето на правото за користење на природните ресурси.

Од тие причини час поскоро е неопходно да се изработи сеопфатна државна стратегија за користење на природните ресурси, преку користење на компаративни искуства од други земји, со анализа на економскиот ефект што досега доделените концесии го имаат врз буџетот на државата и остварување на долгорочните економски цели на државата. Природните ресурси им припаѓаат на сите граѓани и бенефитите од нивното ползување неопходно е да стигнат до најголем дел од нив. Тоа посебно се однесува и на земјата како еден од најзначајните природни ресурси чијашто продажба ни се најавува извесен временски период. Не смее повеќе да се дозволи злоупотреба на користењето на природните ресурси на штета на државните интереси.

Вториот значаен ресурс е општествениот капитал што ги претставува сите материјални добра создадени од страна на повеќе генерации. Општественото богатство е показател на економската сила на едно општество. Поголемиот општествен капитал создава услови за побрз економски раст и просперитет на една држава.

Најголемиот ресурс што Македонија го имаше во времето на нејзиното осамостојување беше токму општествениот капитал ( патна, железничка инфраструктура, хидроцентрали, рудници, фабрики, земјоделски задруги, инфраструктура во туризмот, во угостителството и сл). Овој ресурс беше девастиран и потрошен на начин што беше претходно приватизиран низ постапки кои што неа беа ниту транспаренти, ниту праведни, а многу често директно менаџирани од поранешните безбедносни служби. Иако основниот мотив на приватизацијата беше обезбедување на дополнителен капитал и економска ефикасност, како и заживување на акционерството и пазарите на капитал, речиси ниту една од овие цели не беше реализирана.

Капиталот што беше обезбеден од продажбата на општестевната сопственост беше незначителен, фактот што менаџери од самоуправниот социјализам ги приватизираа компаниите не донесе ниту нов начин на управување со компаниите ниту нови пазари, а компаниите наместо технолошка модернизација целосно технолошки застареа, додека ефикасноста и продуктивноста се намалија. Најголем број од компаниите пропаднаа откако нивниот имот беше претходно продаден. Само мал број на компании успешно го изодеа патот на приватизацијата и сеуште успешно функцинираат.
Токму овој процес е главниот причинител на коренитите општествени, економски, социјални и демографски проблеми кои долгорочно негативно влијаеа на општествените текови и креираа проблеми со коишто се соочуваме и живееме и денес.

Поставената цел за заживување на акционерството и пазарите на капитал, исто така не беше реализирана од проста причина што работниците акционери беа уценувани да ги дадат сопствените акциите на менаџерите во компаниите со закани за отпуштање од работа, додека непостоењето на надзор над системот на корпоративно управување, доведе до обезвреднување на акционерскиот капитал и негово прелевање кон лица блиски до менаџментот на компаниите.

За жал преседанот направен од аспект на неправедноста и ставањето на државниот апарат во функција на богатење на поединци и групи блиски до власта, покрај девастација на општествениот капитал, доведе и до рушење на правната држава и системот на вредности кој до денес не може да се ревитализира .
Се наметнува прашањето како да се надомести овој ресурс?
Еден од начините е преку привлекување на странски директни инвестиции. Самиот факт што токму гринфилд компниите денеска создаваат речиси 50% од вкупниот извоз и се главен двигател на растот на БДП најдобро покажуваат дека на овој начин се создава нов општествен капитал. Напорите за привлекување за странските директни инвестиции неопходно е да се интензивираат, а Македонија да се промовира како атрактивна дестинација.

Вториот начин е преку креирање на јавно приватни партнерства во којшто државата ќе биде гарант за сигурност на инвестираните средства на приватниот капитал, меѓутоа воедно ќе биде гарант дека и поширокиот општествен интерес ќе биде обезбеден. Преку користење на компаративни искуства неопходно е да се изнајдат соодветни секторите, како на пример управување на отпад, транспорт, телекомуникации и ИКТ, општински услуги и сл.

Третиот начин е преку креирање на нови компании во којшто државата ќе има сопственички уддел преку примарна емисија на акции во стратешки дефинирани области, што ќе обезбедат долгорочно зголемување на конкурентноста.

Иако навидум едноставни решенијата, нивната реализација не враќа на почетокот на текстот и на потребата на постоење на долгорочна стратегија за економски развој на Македонија, којашто треба да ја дефинира визијата и целите што сакаме да ги постигнеме. Токму недостатокот на стратешки пристап во решавањето на структуралните проблеми и недостатокот на визија не доведоа во ситуацијата во којашто се наоѓаме на дното во Европа и регионот.

Пишува: Д-р Кирил Миноски

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This