April 16, 2024, 10:52 pm

Koлyмнa нa Ристо Никовски: „Бyгapcкитe пoлитики ce дeл oд aмepикaнcкoтo cцeнapиo“

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Ние можеме колку сакаме да се самозалажуваме ама интересите на САД и Бугарија, во однос на Македонија, се во голема мерка идентични. Сегашната груба бугарска агресија целосно се вклопува во американските регионални политики и сценариото кое филигрански се спроведува веќе цели 30 години. Уште попрецизно, Софија е само пион кој послушно ги извршува наредбите од Вашингтон. Исто, како што претходно беше случајот со Грција. Целта е заедничка – затворање на вековното “Македонското прашање“. Моментално, задачата е во прегратките на Софија да се фрлаат некогашните “Бугари“ од Македонија кои, од 1944-тата,  се правеа дека се Македонци. Бугарските синдроми за присвојување на Македонците, исто како и грчките негации на се’ македонско, се стари преку 150 години. Американските пориви се појавија по распадот на Југославија, кога САД станаа главен фактор на Балканот. Триаголникот Вашингтон – Атина – Софија беспрекорно функционира од самиот почеток на 1990-тите. Од непознати и недефинирани за нас причини, Македонците не се вклопуваат во американските визии за регионот. Кај нас, пак, никој не го истражува овој феномен, иако од него зависат не само иднината туку и опстанокот на нашата држава и народ.

Факт е дека САД долго не ја признаваа Македонија како независна држава. Во Скопје испратија амбасадор четири години по Љубљана, Загреб дури и по Сараево, каде се војуваше Тоа воопшто не беше случајно, целосно ја откриваше нивната политика кон Македонија и беше директна порака за Атина, Софија, Тирана… дека, во најмала рака, македонската држава е – спорна. Тие тоа одлично го сфатија и, со разни тактики и техники, веднаш ги максимализираа своите амбиции кон нашата земја, кои сега само финализираат. Мозаикот на настаните недвосмислено покажува дека неспорен менаџер и координатор на се’ што ни се случуваше до сега е – Вашингтон.

Индикаторите дека Вашингтон сега врши силен притисок врз Софија што поскоро да овозможи почеток на преговорите, имаат повеќе димензии. Првата е  дека тие покажуваат одредени недоразбирања меѓу нив. Впечатокот е дека САД се лути затоа што Бугарија се прецени и сака преку ноќ да ги сотре Македонците, што не е баш реално. Тие веројатно сметаат дека формалното разнебитување на Македонците како посебен народ, воопшто не е лесна задача и мора да оди постепено. Сосема се во право ако ценат дека за бришењето на еден народ се потребни и подолго време и порафинирани методи, иако намерата е крволочна. Со доста голема сигурност може да се заклучи дека САД се уплашени од нагласените бугарски амбиции бидејќи можат да бидат контрапродуктивни и да се вратат како бумеранг. Веројатно стравуваат дека со претерана и избрзана агресивност, ќе се компромитираат и нивните планови.

Втората димензија е можноста дека притисоците од Вашингтон се само мамка за јавноста, за да се прикријат заедничките акции и интереси а дека, под маса, ја поддржуваат Софија да продолжи со истото темпо. Во тоа има доста логика бидејќи кај политичарите во Македонија има очевидна спремност за нова капитулација.

Третата димензија е дека, практично, сите се заинтересирани Македонија што побргу да ги започне преговорите. Тоа важи и за Вашингтон, и за Брисел, и за Софија, и за Атина…, што значи дека притисокот на САД за никого не е штетен, дури и за Бугарија. Понатамошното блокирање на Македонија е тежок срам за САД и ЕУ и затоа тие сакаат што поскоро да се надмине. За соседите, пак,  преговорите се единствениот начин, со најмалку мака, да го испратат македонизмот на ѓубриштето на историјата. Милиметар, по милиметар, од поглавје до поглавје, постепено да се бришат националните карактеристики на Македонците а не преку ноќ, според замислите на недокваканите бугарски политичари. Таа голгота ќе трае најмалку 10 а најверојатно и цели 20 години. Тоа ќе биде период кога Македонија  секојдневно ќе доживува помали или поголеми национални порази.

Порано или подоцна, Македонија ќе ги започне преговорите. Бугарската блокада има единствена цел да ги максимализира нивните позиции за што полесно рушење на македонизмот во процесот кој ќе следи. За нас е клучно – а) колку ќе траат преговорите и б) дали Македонија конечно ќе биде примена. Со оглед дека тие, во идеални услови, ќе траат најмалку 10 години, тоа значи дека членството во Унијата е наша долгорочна цел. Тој неспорен факт покажува дека е потребно целосно ресетирање на нашата надворешна политика и тоа без никакво одлагање. Мора да се направат краткорочни и среднорочни планови. Инаку, крајно непотребно, ќе се губи драгоцено време. Не е спорно дека Македонија треба да направи се’ што е потребно за што поскоро да стане членка на Унијата ама ако таа опција е невозможна мора да се бараат соодветни решенија во интерес на граѓаните. Реформите мора да продолжат а заслепеноста со Брисел да се прилагоди на условите.

Од друга страна, има сериозни индикатори дека нашето членство може да не им биде по волја на главните фактори. Ако отпорот против прекрстувањето и бришењето на Македонците се зголеми и ако растат барањата за откажување на договорите со Бугарија и од Нивици, што мора да биде случај ако сме народ со достоинство, тешко дека ќе не примат во ЕУ та дури и ако ги исполниме сите критериуми. Причината е проста – како членка на ЕУ, Македонија ќе може веднаш да ги откаже двата договори! И таа ќе биде внатре и никој нема ништо да и може. Нема механизми да не истераат, санкции да ни постават уште помалку и најверојатно се’ ќе се сведе на некакви јавни критики. Тоа значи дека нашата иднина останува и понатака недефинирана. По блокадите од Грција, се појави Бугарија а кој ќе биде следен и со што – никој не истражува. Сето ова јасно потврдува дека нашата преокупираност со датумот за преговори е обична бесмислица која се сведува на играње мајтап со народот.

Доколку е точна претпоставката дека САД ценат дека бришењето на Македонците не може, според фантазмагориите на Бугарија, да се реализира преку ноќ, таа веројатно се базира на искуството со Грција. САД долго чекаа Македонија да се предаде, речиси без никакви резултати. Поминаа цели 17 години во кои – а) тие не ја признаваа државата; б) го суспендираа нејзиното уставното име од меѓународна употреба; в) и наметнаа некаква референца; г) ја присилија на медијација околу името (идентитетот); д) и подметнаа катастрофална привремена спогодба со Грција… и што ти не друго, и се’ без поголем успех. Филмот им пукна на самитот на НАТО во Букурешт (2008), каде целосно ја променија својата политика кон Македонија. Од стрпливо и толерантно чекање да се реализира нивниот геноциден проект за Македонците, формално одржувајќи лажна “пријателска и конструктивна“ атмосфера, додека ние се правевме глупави и дека не ја разбираме, Вашингтон тогаш спроведе целосен пресврт и започна агресивна политика на блокада, уцена и ултиматум – прво името, потоа членство. Се разбира, ние и тоа не го забележавме! Меѓутоа, и покрај нашата целосна недоветност, дури и за таа завршна етапа на уништувањето на македонската држава, на Вашингтон му требаа уште цели 10 години. Текстот на договорот од Нивици, со кој се ефектуираше нашиот клучен пораз, се потпиша дури во 2018 година. Нај случајно, автори на текстот беа американците.

Одамна се насетуваше и очекуваше дека Бугарија ќе има значајна улога во уништувањето на македонизмот. Повод беше фактот дека позицијата на Софија, во однос на Македонија и Македонците, беше секогаш значително полоша од таа на Атина. Меѓутоа, немаше индикатори дека Бугарија ќе настојува да го зададе завршниот удар на така бескрупулозен и брз начин. Повод е веројатно спремноста на македонските политичари на секакви отстапки, дури и погубни за македонскиот народ, само за да ги започнат преговорите. На таа основа, тие веќе подолго време го манипулираат народот и затоа се уште полесни жртви на странските интереси. Свесни или не, што не е битно, нашите неуки политичари даваат невидени можности за да бидеме дотепани како народ. Во таквата констелација, Бугарија очигледно оцени дека не треба да се губи време туку треба веднаш да се заврши дадената задача од страна на САД. За таа цел, се ангажираа сите тамошни надлежни институции, од БАН, преку Владата до Парламентот, до невидена пропагандна машинерија, со чија помош се обезбеди огромна поддршка од народот за очигледно налудничави цели. Намерата беше ударот што ќе го зададат веднаш да биде смртоносен. Да ги снема  Македонци. Во своите грозомории, тие не само што сакаат инстантно да ја избришат вековната историска меморија на македонскиот народ туку, задоени со своето националшовинистичко искуство од времето на сопствениот фашизам во Втората светска војна, да ни ја избришат и нам, на живите  Македонци. Поголема политичка глупост тешко може да се замисли.

Исто како што Атина беше порано, сега е Софија главен извршител на американските политики кон Македонија. Клучен доказ се двата капитулантски документи кои ги потпишавме со Бугарија а кои се подготвени во САД. Прва беше за нас срамната декларација од 1999 година, која ни ја наметна тогашниот заменик државен секретар, Строуб Талбот. Истиот текст, додатно проширен на штета на Македонија, е капитулантскиот договор за пријателство…, потпишан од Заев и Борисов, на 1 август 2017. Доказ дека е тој дело на САД, е фактот што на 27 јули, 2017 година, четири дена пред да биде потпишан, американската и бугарската амбасада во Скопје издадоа заедничко соопштение дека текстот на договорот е финализиран. Ако САД немале клучна улога во проектот, зошто нивната амбасада би се појавила во заедничкото соопштение? Договорот е со Софија и, барем формално, нема никаква врска со Вашингтон. Кога се знаат сите овие факти, може ли некој да тврди дека сегашната бугарска политика кон Македонија е автохтона? Особено кога документите врз кои се базира таа, се чисто американски? Вековните бугарски недоветности во врска со непризнавањето на Македонците биле одлична основа за создавање  на  сојуз со САД против Македонија. Тоа е, всушност, и најлошата порака за нас. И овој пат, исто како и во случајот со Грција, нашиот противник се САД. Бугарија е само нивни ново делегиран и експониран егзекутор.

Како сега стојат работите, место за оптимизам – нема. Сепак, се’ зависи од нас. Ако продолжиме со прифаќање на понижувањата на кои сме изложени, повеќе и не заслужуваме.

Пишува, Ристо Никовски.

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This