Koлyмнa нa Трифун Костовски: „Бpaтcтвo и eдинcтвo“

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Почитувани пријатели,

Го користам животното искуство да се навратам на овој многу силен слоган кој беше практикуван и многу често повторуван од тогашниот Претседател на СФРЈ, Јосип Броз Тито, кој умееше да каже: Чувајте го братството и единството како зеница во окото. Чувствувајќи дека бившата федерација може да се растури од поединци и групи, овој слоган беше повторуван и се правеа многу манифестации од типот на меѓусебно запознавање и дружење на државите кои беа во бившата СФРЈ. Го паметам земјотресот во 1963 година, солидарноста искажана за овој трагичен ден на Скопје и Скопјани, беше огромна. Ние, децата бевме времено вдомувани во семејства ширум целата СФРЈ.

Денес, Македонија е самостојна, унитарна држава.

Со нетрпение го дочекавме настапот на нашата фудбалска репрезентација на Европското првенство и гледајќи го составот на нашите момчиња и нивната меѓусебна комуникација и почит ми дава за право да ја повторам оваа крилатица, позајмена од бившата ни СФРЈ, но сега исправена пред нов предизвик кој се вика иднината на Македонија.

Најважниот услов за примена на оваа крилатица е нашето меѓусебно запознавање на сите граѓани на Република Македонија, независно на нивната национална и верска припадност.

Со векови наназад заеднички живееме на просторот на Република Македонија и чувствувам полека но сигурно дека единството станува реалност кое треба и понатака да го негуваме и продлабочуваме. Не ни се потребни изливи на националистички реторики, потребен ни е разум и договор. Политичарите кои сè уште се присутни на политичката сцена јавајќи на национализмот треба да ги носиме во историјата. Нам ни требаат политичари кои ќе го обединат народот, кои ќе го продлабочат нашето заедништво и да сфатиме дека севкупниот простор на Република Македонија ни припаѓа на сите нас граѓаните на Република Македонија. Убеден сум дека ова единство е единствениот спас за иднината на нашата држава и градење заедничка перспектива на сите граѓани во Македонија. Што подлабоко се запознаваме со нашите различности, недвосмислено и повеќе се сакаме. За ваквиот мој став ќе го посочам примерот што ние Македонците го имаме со нашите соседи Србија, Бугарија и Грција.

Пред повеќе од 110 години на нашиве простори се водеа Балканските војни, во кои сите завојувани страни Србија, Бугарија и Грција, гледаа во нас граѓаните и нашата територија плен. Ние Македонците имавме можност да живееме заедно во бившата СФРЈ со останатите сојузни држави и меѓусебно да се запознаваме. Погледнете денес кои се најголемите поддржувачи на република Македонија на Балканот. Недвосмислено, најголемите поддржувачи на Република Македонија во нашето идно членство во ЕУ се токму земјите од бившата СФРЈ. Србија, само пред 100 години беше колонизатор на Македонија, денес меѓу нашите две држави постои меѓусебно признавање, респект и силна поврзаност. Впрочем од учесниците во Балканските војни, Србија, Бугарија и Грција, единствено Србија немаше никаков проблем со нашиот јазик, идентитет и посебност при осамостојувањето на Македонија, после распадот на СФРЈ. Зошто? Затоа што заеднички се запознавме повеќе и тоа толку моќно декларирано братство – единство, донесе плодови кои денес многу ни значат. Со останатите учесници во Балканските војни за жал поради неможноста да споделиме заеднички живот и меѓусебно запознавање ја донесоа нашата држава во многу незавидна положба, Грција со името, Бугарија со идентитетот и јазикот.

Почитувани пријатели, во погоре напишаниот мој став имам само една порака. Ние, граѓаните на Република Македонија по националност Македонци, Албанци, Срби, Турци, Бошњаци, Роми, и други се познаваме и логично е дека мораме да се почитуваме и градиме заедничка иднина. Самите граѓани ја чувствуваат потребата за ваквото наше заедништво, а тоа најпримерно се отсликува со настапот на нашата фудбалска репрезентација на Европското првенство. Фактот што го бранат дресот на Република Македонија е најсилниот именител дека овие млади деца кои ја презентираат Македонија во фудбал на Европско скалило, треба да бидат пример за наше натамошно, секојдневно доусовршување на нашите севкупни сфаќања дека имаме заедничка држава и мораме да си ја чуваме како зеница во око.

Само како заедница ќе успееме да ги промовираме нашите вредности и да се приклучиме кон Европското семејство.

Почитувани, го повторувам слоганот „братство и единство“ на покојниот Јосип Броз Тито кој денес нам, граѓаните на Република Македонија толку многу ни е потребен за нас и нашите идни поколенија.

Убеден сум дека сме на многу добар пат да Македонија ја направиме држава, препознатлива како унитарна, меѓутоа уште побогата со нејзината етничка и верска шареноликост.

На крајот сакам да ги поздравам момчињата од фудбалската репрезентација. Тие ни се ѕвезда водилка и пример како треба да си ја изградиме нашата држава.

– Пишува, Трифун Костовски.

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This